Powered By Blogger

27. 12. 2013.

Главевски како додадена вредност на пролетниот Пелистер

РОБУСНИОТ НАПАЃАЧ ВО УЛОГА НА ПРВО ЗАСИЛУВАЊЕ НА ПЕЛИСТЕР ВО ЗИМСКИОТ ПРЕОДЕН РОК 
Периодот на заслужен одмор по есенскиот дел од Првата фудбалска лига, сите фудбалери на Пелистер го користат за одмор и полнење на батериите пред напорниот дел на подготовки кои започнуваат на 15 јануари. Исклучок е Благојче Главевски, кој комплетно се опорави по операцијата на лигаментите на левото колено и од стартот на подготовките ќе му се стави на располагање на тренерот Бочевски.
Не беше лесно да се надмине психолошкиот момент со оглед на тоа што ова е втора сериозна операција на колената на робусниот напаѓач „Се оди според планот. Одлично се опоравував, ги завршив сите подготовки, сите терапии и со нетрпение го очекувам стартот на припремите. Одамна очекувам да се приклучам кон екипата и колку што можам да им помогнам. Без разлика што на екипата одлично му одеше во првиот дел од шампионатот, не можев уште повеќе да им придонесам, а тоа не е ни малку лесна состојба. Се надевам дека црниот период за мене заврши„ ни рече Благојче Главевски. Овој фудбалер минатата сезона беше најдобар клубски стрелец и во голем дел од сезоната недостигаа неговите голови. Покрај голгетери како Стенио Жуниор, Алтипармаковски, Воденичаров и Милевски, уште еден напаѓач ќе му биде и тоа како корисен на стручниот штаб. Исто како Благојче Главевски и капитенот Ристевски по подолга пауза и операцијата на ахиловата тетива, треба да се врати во стројот. Со оглед на пасивноста во оваа фаза на фудбалскиот пазар, Главевски и Ристевски ќе бидат првите две засилувања на Пелистер во зимскиот преоден рок. По одлуката официјално периодот за премин на играчи од еден во друг клуб да почн на 15 јануари, токму тогаш битолчани треба да бидат поактивни со доведување на нови фудбалери.   

Нема коментара:

Постави коментар