Powered By Blogger

24. 12. 2013.

Фудбалот и малите спортови во забележителен прогрес

СПОРТОТ ВО БИТОЛА ВО 2013 година

ПЛИВАЊЕТО, КУГЛАЊЕТО, ШАХОТ, МОТО-КРОСОТ ДОНЕСОА МНОГУ РАДОСТИ ВО НЕОЛИМПИСКАТА 2013, КОЈА СЕПАК ЌЕ СЕ ПАМЕТИ ВО ФУДБАЛСКАТА РЕНЕСАНСА

Фудбалерите на Пелистер презимија на делба на првото место
Силјан Мицевски се врати на чело на РК Пелистер
Пливачот Иван Симоновски освои вреќа медали и собори многу рекорди
Влатко Богдановски седми пат стана државен првак во шах
Четири злата за академијата ЗА-НЕД-ДО на СП во Атина
Кугларот Соколовски сребрен со репрезентација на СП во Унгарија




Кога ја анализиравме фудбалската 2012 година, најавивме дека работите одат по вистинската патека и дека треба да очекуваме убави достигнувања. Оваа 2013 година го донесе толку очекуваниот скок. Најнапред во бурната пролет, екипата која ја водеше Гордан Здравков, а ја одржа во лигата Миле Димов, мораше по втор пат во историјата да игра бараж меч за опстанок. По легендарната победа пред пет години во Струмица над Шкендија со два гола на Главевски и еден на Димитровски, сега во Кичево, пелистерци го надиграа Скопје. Големиот притисок не дозволи квалитетен фудбал, но таличниот Драган Димитровски го постигна единствениот гол, во за него последниот професионален меч во кариерата. Подоцна ја заврши кариерата и остана да работи во управата на клубот. Новата сезона почна со враќањето на Ѓорѓи Силјанов - Монгол како спонзор на клубот. Тој заедно со единствениот акционер во клубот, општина Битола, изградија стабилен проект, кој воден од новиот тренер Драган Бочевски, презими на делба на првото место со 34 бода, како и Вардар и Хоризонт Турново. Зелените од најлош гостин, станаа најуспешна екипа надвор од Битола. Играчкиот кадар значително се засили со враќањата на Пашовски, Љамчевски, Брдаровски, Алтипармаковски, Милевски и Мојсов, со ангажманот на најскапиот фудбалер во историјата на мак-фудбалот Стенио Маркос де Фонсека Салазар Жуниор и големата бугарска колонија: Ковачев, Христов, Воденичаров, Љубенов, Георгиев. Тимот беше многу посилен за разлика од претходната сезона и единствената црна точка е несреќната елиминација од Купот на Македонија во четвртфиналето од Работнички (1:0 за Пелистер во Битола, 2:0 за Работнички во Скопје) На крајот од годината, Пелистер преговара со еминентна компанија за превземање на мнозинскиот пакет на акции, што ќе донесе голема финансиска инјекција. Христијан Драгарски и Томе Китановски редовно го носеа дресот на младата селекција за фудбалери под 21 година на Бобан Бабунски, а Мартин Мирчевски е предводник на репрезентацијата под 17 години. Плодна година имаа и младинските категории на клубот со одлично завршената работа на тренерите Илиевски, В. Мицевски, Грозданов, Капинковски, Шапковски. Фудбалските школи од градот ЛГ Битола и Талент исто така имаа забележителни настапи на меѓународни турнири во нашата земја и во соседството и професионалната работа и големата бројност во нивните школи е исто така за издвојување. Битолските фудбалски интернационалци имаа одлична година. Николче Новевски прослави 10 години во бундеслигашот Мајнц 05 (во последните неколку сезони како капитен) и втор пат е прогласен за македонски фудбалер на годината. Мирко Ивановски со Астра обезбеди место во Лигата на Европа и одигра шест меча во ова натпреварување. Пачовски брани стандардно во Мехелен, Спировски го напушти Борац Чачак, но не се договори со португалскиот второлигаш Портимонензе и е во потрага по нов клуб, а Кирче Ристевски е капитен и блеска во албанскиот Балиш. Филип Пивковски зеде македонско државјанство и по настапите за шведските млади категории доколку добро игра може да биде повикан за црвено-жолтите. Во меѓувреме шведскиот Хакен го замени со италијанскиот второлигаш Новара. Младиот голман Филип Гачевски и натаму го брани голот на австрискиот Капфенберг. Драган Канатларовски му се врати на тренерскиот занает и имаше фантастична полусезона со Спартак Суботица и сега е поврзуван дури и со клупата на Црвена Звезда. Марјан Секуловски одлично работи во Мјанмар и најверојатно ќе остане на азискиот континент, а Тони Савевски одлично котираше во кипарска Омонија, се до последните денови од годината кога доби отказ. На крајот од октомври беа одбележани 20 години од историскиот прв меч на македонската репрезентација против Словенија во Крањ. ФФМ организираше ревијална средба на која учество зедоа Митко Стојковски, Кире Грозданов, Тони Мицевски, Ванчо Мицевски, Петар Милошевски, Горан Ставревски, Ѓорѓи Христов... Женските фудбалски екипи ТОП Гол и Конзули одлично настапуваат во првата женска лига и за прв пат присуствувавме на битолско дерби во најсилната категорија.
Дали по седум години анонимност и сивило, се гледа излезот за РК Пелистер? Трансформацијата на клубот во акционерско друштво со ГП Пелистер и Силјан Мицевски како единствени сопственици на крајот од август беа само најава за подобро утре. Екипата претходно заврши на петтото место во првенството и по прекинот и службениот пораз од Тинекс Пролет, по втор пат во историјата не обезбеди настап во европските купови. Во првите 14 кола од ВИП Суперлигата од сезоната 2013/14, пелистерци имаа скромен настап, загубија многу бодови, во ноември го сменија и тренерот. На местото на Кире Поповски дојде Ристо Костадиновски, но само четири меча остана на клупата. Откако по поразот од Зомимак М есента ја заврши на четвртото место, Пелистер го промовираше Томче Петрески за нов тренер почнувајќи од втората половина од шампинатот. Прилепчанецот в раце ќе има посилен тим, кој на пролет ќе биде засилен со неколку интернационалци, кои би требало да пристигнат во текот на јануари. Младинската екипа на Игор Николовски стана државен првак, по победата на Final four турнирот во Битола. Стефан Дрогришки одскокна и стана незаменлив во младинската репрезентација на Зоран Петковски, заедно со Талевски. И покрај скршеницата на раката Филип Кузмановски добро се опоравува и е движечка сила на кадетската репрезентација на Александар Јовиќ. На светското првенство во Шпанија каде Македонија го освои 14 место, за последен пат селектор беше најуспешниот на таа позиција во македонската историја Звонко Шундовски. На завршниот турнир во Севиља и Барселона настапија и двајца битолчани: Бранко Ангеловски и Николче Митревски. Голем напредок во пристапот, професионализмот имаа сите ракометни школи во градот, со назнака за бројноста, квалитетот и резултатите. HJS, Хераклеа и Конзули заедно анимираа огромна бројка на деца, кои се одлучија ракометот да биде нивно хоби или професија. На меѓународната сцена Звонко Шундовски и Бранко Ангеловски освоија тројна круна со романската Констанца. Во период од неколку месеци го освоија првенството, Купот и Суперкупот на оваа земја. Успеаа и да влезат во групната фаза на ЕХФ Купот. Чурлевски се врати по неколку месеци од Либија, а Абдула Јусуфовски и натаму работи во соседна Грција. Македонската репрезентација за прв пат во историјата настапи без ниту еден битолчанец на официјален меч (против Шпанија во Скопје во септември), но го доби Стевче Алушевски како директор на сите репрезентации и веројатно во април 2014 година нашиот град ќе го добие домаќинството на квалификациите за младинскиот ЕУРО. Дејан Пецаковски во дресот на Зомимак М беше прогласен за најкорисен ракометар на завршниот турнир на Купот на Македонија, кој го освои неговиот сегашен клуб Металург. Беше одбележан јубилејот - 20 години од првиот настап на македонската репрезентација, а битолчани беа главни протагонисти. Специјални признанија добија Стевче Стефановски (првиот капитен), Томче Петрески (стрелец на првиот гол), Боро Чурлевски, Игор Котевски и Цане Крстевски. Михајло Петровски втора сезона настапува во Франција, а женската екипа на Пелистер солидно се реорганизира и е водечка по првата половина во Првата ракометна лига. Мирјета Бајрамовска пак стана шампиона на Македонија со Металург и настапи на европското првенство во Србија.
Со победа во последниот натпревар во Струмица, кошаркарите на Пелистер останаа во Првата лига, иако долго време беа на дното и со песимизам се гледаше на нивните шанси. Наместо зелените во втората лига замина Вардар и покрај победата во директниот дуел. Но клубот и покрај трансформацијата не ги реши финансиските проблеми. Скоро истата екипа засилена со 2-3 српски кошаркари, кои сами си платија сертификат и играа во Битола се додека не најдат друг ангажман, доби само еден натпревар од 14 оваа полусезона. Екипата на Печалов ја напушти Александар Калањ, кој потпиша за Лирија. Со оваа инерција шансите на пролет за опстанок се скоро невозможни. За разлика од машката екипа, девојките солидно играат во најсилната категорија и покрај тоа што целиот ростер е составен од младинки. КК Младост и во своите возрасни категории и на меѓународни турнири, ја зацврсти својата димензија. Настапуваше во Франција, Хрватска, а и го организираше велигденскиот турнир во Битола. Во јуни на покана на КФМ во Охрид гостуваше најтрофејниот светски тренер Жељко Обрадовиќ и неговиот бивш асистент од Панатинаикос, гркот Итудис. Двајцата имаа предавања на тренерската клиника, на која редовно учествуваа скоро сите битолски тренери: Печалов, Петровиќ, Бабука, Созовски, Николов. Александар Петровиќ од септември го превзеде Карпош Соколи и се обидува да му обезбеди што е можно подобра пролет.
Во фебруари во нашиот град гостуваше еден од најголемите асови во светот на боречките вештини. Во организација на аикидо федерацијата на Македонија (претседател Ѓуро Илиќ) во Битола се одржа семинар за аикидо тренери за добивање на тренерски лиценци, на кој предавач беше големиот мајстор на оваа вештина Љубомир  Врачаревиќ. Битола е најголемиот аниматор за реален аикидо на Балканот и убедливо најдобар град во оваа област во Македонија, а во таа насока за некој месец тука ќе биде отворена и канцеларија на светскиот центар за аикидо, во која асоцијација се вклучени 50 земји од светот. Македонската химна четири пати беше интонирана среде Атина благодарејќи на нашите борци од Академијата за боречки вештини ЗА-НЕД-ДО, кои освоија четири златни медали на СП одржано во Грција. Дијана Неделковска, Маја Кузманова, Андреј Иванов и Јован Марушевски од Академијата за боречки вештини ЗА-НЕД-ДО се натпреваруваа во седум категории и освоија дури четири златни медали, еден сребрен и два бронзени медали. Борците беа предводени од мајсторот Златко Неделковски. Кик боксинг федерацијата на Македонија во рамките на активностите според календарот за 2013 година во салата на „ОУ Круме Кепески„ во Скопје го одржа државното првенство. Александар Димовски од КК Самурај - Битола стана државен првак во тешка категорија над 91 килограм. Во мај во нашиот град се одржа четвртиот меморијален турнир „Љупчо Неделковски„ во организација на кик-боксинг федерацијата на Македонија и КК Самурај од Битола. Пред повеќе од 2000 љубители на овој спорт, близу два часа љубителите на кик-боксот видоа седум одлични борби и многу добри резултати на македонските кик-боксери. За најдобар натпреварувач на турнирот прогласен беше македонскиот натпреварувач, Димитар Георгиев, кој во својата категорија со совлада србинот Драгишиќ по големо витештво. Битолската публика посебно мотивирана ги бодреше нивните сограѓани Александар Димовски - Димса и Александар Најдовски – Сканта, кои издвојуваа победи во своите категории. На светското првенство кое се одржа во Анталија, Стевка Јанковска оствари голем успех со пласман во финалето во силната конкуренција. По три години љубителите на боксот во Битола имаа прилика да гледаат официјални боксерски натпревари, кои беа организирани од страна на боксерската федерација на Македонија, преку битолскиот боксерски клуб Бранител. Вкупно на турнирот настапија боксери од 12 клубови од Македонија, а најуспешни според очекувањата беа гостите од Штип, од БК Баргала. Од битолските боксери одличен беше Горјан Србиновски. За овој боксерски турнир од лигата имаше голем интерес и над 1.000 битолчани присуствуваа во салата “Младост“ а врховен судија беше битолчанецот Цане Георгиевски.
Машката кугларска репрезентација на Македонија освои сребрен медал на Светското првенство кое се одржува во Залаегерцег, Унгарија. Битно е да се напомене дека за прв пат во еден машки репрезентативен сениорски состав настапи и битолчанецот Александар Соколовски, кој успеа да победи на два натпревари, а на два тесно да загуби, воедно дебитирајќи во сениорската репрезентација и постигнувајќи одлични резултати, соборувајќи го својот личен рекорд. Во организација на мотоциклистичката федерација на Македонија, МК Мотостартс од Битола и генералниот спонзор „Цермат„ на патеката во Смолево се одржа државниот шампионат на Македонија во мото-крос, кој се бодува за титулата првак на Македонија. Патеката благодарение на работата на волонтерите од „Цермат„ изгледаше беспрекорно и спремно дури и за натпревари од источноевропскиот шампионат. Борче Костов пак стана национален првак, а одлична сезона имаа Гулевски, Станковиќ, младиот Лука Ристевски, Андријан Ристевски и Бајовски. Двата клуба „Мотостарс„ и ЛТД Спортс работат со многу пасија и страст и нивниот ентузијазам треба да се искористи. Добра вест е и враќањето по повредата за Христијан Илиевски, кој пак е оној стариот и тоа го потврди на неколку трки, меѓу нив и на последната трка на новата патека кај Лагово, близу Прилеп. Мото-крос клубот ЛТД Спортс ја организираше трката лрај Братиндол со која заврши шампионатот оваа сезона и го „положи испитот„

Битола и натаму нема покриен базен, но го има најбрзиот јуниор-пливач на Балканот во дисциплината делфин на 50 метри. Иван Симоновски има само 14 години, а веќе два пати го собори националниот рекорд во оваа пливачка дисциплина за негова возраст. Досега има освоено 50 медали на домашни и на меѓународни натпревари, од кои над 20 златни. Младиот Симоновски ги потврди своите талент и посветеност на меѓународниот пливачки куп што се одржа во Крагуевац, Србија. Таму го собори рекордот кој не беше променет со децении, поставувајќи нов од 29.34 секунди за пливање делфин на 50 метри, во категоријата пливачи до 14 години. На отворениот олимписки базен “Аеродром“ во Скопје, на државното првенство на Македонија во пливање, Мартин Тодоровски освои дури 10 медали. Во најбрзите и најатрактивни дисциплини 50 м. слободно и 100 м. слободно, Мартин беше убедливо најбрз и освои златни медали во конкуренцијата постари пионери (14 год.).  Златен медал освои и на најдолгата трка 1.500 м. слободно (конкуренција постари пионери). Сребрени медали освои во дисциплините 200.м. слободно, 400 м. слободно, 800 м. слободно и 400 м. мешано, сите во конкуренција на постари пионери. Збирката медали ја дополни со медалите во конкуренција кадети (16 год.) и тоа бронзени медали во дисциплините 200 м. слободно и 1.500 м. слободно и во конкуренција младинци (18 год.) бронзен медал во дисциплината 1.500 м. слободно. Тодоровски исплива извонредно и на 34 мал охридски маратон и со време 32.17.71 и на крајот го освои третото место во категоријата момчиња помлади од 16 години. Стефан Степанулевски од Југ го доби признанието за најмлад учесник на маратонот.  Сепак позначајно е одличното време за кое младиот битолчанец ја исплива патеката - 47.10.24, што го покажува големиот потенцијал што го има ова момче. Марија Јовановска (ПК Југ) со време 48.28.55, Ана Марија Шехи (ПК Југ), 48.27.62 и дебитантот Димитар Филковски (Олимпик) со време 48.57.16, испливаа солидни времиња и обезбедија пласман.
Младиот тенисер Драган Думевски рапидно напредуваше, стана победник на мастерсот под 16 години во Битола, се приклучи на академијата во Скопје, каде тренира со Зоран Шевченко и ги освои првите финансиски средства од тениски турнири надвор од нашата земја. Заврши асфалтирањето на трите нови тениски терени кои се наоѓаат кај градскиот стадион под Тумбе кафе. Проектот е на Владата на Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт, финансиран од  Буџетот на Владата на Република Македонија и во висина од 11 милиони денари.  Со изградбата на тениските терени се создаваат можности за младите тениски таленти да се развиваат во идни професионални тенисери, но истовремено се овозможуваат услови и за сите рекреативци, кои во се поголем број се занимаваат со овој спорт. Тениските терени ќе бидат современи, со осветлување за ноќни натпревари, пристапни патеки, жичена ограда и најсовремена подлога според сите стандарди на Светската тениска асоцијација.  Битолскиот пинг-понгарски клуб „Мултитекс„ ја заврши есенската полусезона во Втората пинг-понгарска лига на високото второ место од шест екипи. Така по возобнувањето најави подобри денови за овој спорт, кој има голема традиција во нашиот град. Тимот на Мултитекс во првите 5 кола забележа 4 победи и 1 пораз и зад скопски Вардар Сити парк го освои второто место, пред пролетните пет кола. Одличен резултат забележа и младиот Христијан Јовановски, кој го освои 4 место од 59 пинг-понгари на државното првенство за средни училишта. Одбојкарскиот клуб Пелистер со успех настапува во Втората лига и најавува атак за влез во најсилната категорија. Исто така во Битола се одржа силен турнир со учество на екипи од најсилниот ранг. Во Битола се одржа првенството на Македонија во гимнастика, со виден напредок на национално ниво. Битолскиот велемајстор Влатко Богдановски по седми пат е првак на Македонија во шах. За шахистот на Алкалоид со 7 освоени поени од 9 партии, оваа титула се надоврзува на оние од 1986, 1987, 1989, 1993, 1995 и 2009 година. ШК Стево Патако блесна и го освои високото трето место на екипното првенство во Струга и има реални шанси да ја претставува нашата земја во Купот на шампионите во Билбао наредната пролет. Најдобрите голфери од ГК Пелистер учествуваа на отвореното првенство на Македонија, кое заради недостатокот на терени се одржа во Софија. Дури и самите беа изненадени, колку се компетитивни и тоа без адекватни терени и услови за напредок.
На седмиот по ред велигденски крос кој се одржа во главниот град на кејот на реката Вардар, екипата од Битола ја потврди доминацијата која и до сега ја имаше на ова натпреварување. Битолските ученици од основно и средно училиште го освоија големиот пехар за успесите во екипна конкуренција во основно и средно образование. Основците екипно беа најдобри, а средношколците беа второ пласирани. Во организација на Сојузот на спортови од Битола се одржа 54 по ред ноќна атлетска трка, на која настапија учениците од основните и средните училишта, студентите и граѓаните. Сите според возраста од различни места стартуваа од Широк сокак, а целта за сите беше на плоштадот “Магнолија“ Во основните училишта најдобри беа основците на ОУ “Коле Канински“, а во средно образование екипно победи екипата на “Таки Даскало“ Преку 1000 луѓе трчаа на ноќната трка. Во март беше промовирана најновата книга на доајенот на битолското спортско новинарство Димче Миновски, насловена како “Најдобри меѓу најдобрите“ Книгата е хронолошко навраќање на битолскиот спорт и изборите на најдобрите спортисти на Битола од 1964 година кога е воспоставен овој избор, кој го организира Сојузот на спортови на Битола. На промоцијата на која присуствуваа голем број на спортисти од неколку генерации зборуваа авторот Димче Миновски и рецензентите Ѓуро Илиќ и Сашо Ристевски, и градоначалникот м-р Владимир Талески.

Нема коментара:

Постави коментар