Powered By Blogger

8. 12. 2013.

Блесок на зелените за крај на одличната есен

СО ПЕТТАТА ПОБЕДА НА ПОСЛЕДНИТЕ ШЕСТ МЕЧА, ПЕЛИСТЕР ТРИУМФАЛНО ЈА ЗАВРШИ ОДЛИЧНАТА ЕСЕН
Прва фудбалска лига - 19 коло
Пелистер - Напредок 4:0 (1:0)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 1000
Главен судија: Никола Костенчев
Асистенти: Џенан Хајдари и Дејан Димитријевиќ (сите од Скопје)
Делегат: Штерјо Ѓеорѓиев (Скопје)
Стрелци: Мојсов во 27 и Воденичаров во 73 и 80, Алтипармаковски во 86 минута за Пелистер
Жолти картони: Љубенов (Пелистер), Зердески, Раичевиќ (Напредок)
Црвени картони: нема

Пелистер:
Пашовски, Брдаровски (од 85м. Георгиев), Ковачев, Драгарски, Китановски, Елмазовски, Мојсов, Љамчевски (од 81м. Трајковски), Миленковски (од 70м. Воденичаров), Љубенов, Алтипармаковски

Напредок:
Ристовски, Мирчески, К. Степановски, Балажи, Маркоски, Цветаноски, Петрески, Мојсовски, Вељановски (од 64м. Кркељиќ), Раичевиќ, Димоски  (од 76м. Клечкароски)

Играч на натпреварот:
Петар Љамчевски (Пелистер)
По сончево време, но и тежок терен Пелистер и Напредок пред себе ги имаа последните 90 минути во фудбалската есен, а тие обично се најтешки. Уште во втората минута домаќините требаше да поведат, но само доколку теренот беше сув. Миленковски се проби по левата страна, биеше и го совлада Ристовски, но топката заглави во калта на само еден метар пред гол линијата и голманот на Кичевчани успеа да стигне. По првиот домашен корнер, Мартин Ковачев убаво скокна и биеше со глава, но за малку крај дирекот. Во 18 минута Владица Брдаровски центрираше од десната страна до главата на Алтипармаковски, кој биеше крај дирекот. Првата закана гостите од Кичево ја имаа во 22 минута кога Куштрим Балажи шутираше од 30 метри, но непрецизно и без потреба Пашовски да интервенира. Нешто попрецизен беше Ристе Маркоски две минути подоцна, но капитенот на Пелистер без проблеми го скроти шутот. Скоро идентично беше на спротивната страна во 25 минута кога Китановски се закани, но Бојан Ристовски беше буден. Овие удари беа најава за отворањето на резултатот. Цветаноски не реализира убава можност пред битолскиот гол во 27 минута и Љамчевски поведе контранапад. Додаде до Ѓорѓи Мојсов кој од работ на казнениот простор со левата нога пласираше и на ефектен начин во спротивниот агол ја погоди целта. Еврогол за радост на околу 1000 љубители на фудбалот под Тумбе кафе. Се играше 42 минута кога Елмазовски силно шутираше од слободен удар, но топката заврши некој метар покрај левата стратива на гостинскиот голман. Во првата од трите минути од судиското надополнување, Дејан Цветаноски имаше убава инвидуална акција, по која биеше во блокот на Драгарски и Напредок пропушти можност да израмни. Отворено прво полувреме, во кое двете екипи имаа свои опции, а еден инвидуален потег го одбележа овој дел од средбата.
Второто полувреме започна со голема шанса за втор гол на пелистерци. Петар Љамчевски во празно го пронајде Миленковски, кој изби сам пред Ристовски и наместо да бие, се одлучи да проигра кон Алтипармаковски, но топката беше предолга и  Пелистер пропушти голема шанса за зголемување на водството. Во 55 минута Кире Степановски од ненадеж дојде на пет метри осамен да израмни, но биеше премлако и можноста пропадна. Една минута подоцна по центаршутот на Мојсов, во срцето на казнениот простор се придодаде Илир Елмазовски и биеше од волеј и кога сите ја видоа топката во мрежата, таа заврши сантиметри крај дирекот. Во 64 минута Алтипармаковски украде една топка на средината на теренот, додаде до Љамчевски, кој одлично шутираше од 16-17 метри, но неговиот удар заврши над пречката. Гостинскиот тренер Михајлов го засили нападот со влегувањето на Кркељиќ на местото на Тони Вељановски, во 70 минута Бочевски го внесе Димитар Воденичаров на местото на Филип Миленковски. Одлуката ја донесе како и против Гостивар, штотуку влезениот Воденичаров. Агилниот Петар Љамчевски мина по десната страна, центрираше по земја, топката не ја расчистија гостите и Воденичаров во првиот контакт со топката од само еден метар ја втурна топката во празната мрежа. Две минути подоцна и Марјан Алтипармаковски излезе сам пред Ристовски, но не ја исконтролира најдобро топката и шансата пропадна. Но токму Алтипармаковски беше инспиратор на акцијата за третиот гол на зелените. Младиот напаѓач на битолчани центрираше од десната страна, Воденичаров ја исконтролира топката и ефектно со петта ја втурна топката во небранетата мрежа. Гостите ги стигна уморот и Алтипармаковски од 9-10 метри од десната страна, пласираше во спротивниот агол и по четврти пат го принуди Ристовски на капитулација. Најубедлива победа на Пелистер оваа есен и заокружување на серијата од 16 бода на последните шест меча оваа есен.  

Нема коментара:

Постави коментар