Powered By Blogger

3. 12. 2013.

Со дилемата Стенио Жуниор до последен момент


НАЈДОБРИОТ СТРЕЛЕЦ НА ПЕЛИСТЕРЦИ НЕИЗВЕСЕН ДО САМИОТ ФИНИШ ЗА ДЕНЕШНИОТ МЕЧ НА НАЦИОНАЛНАТА АРЕНА „ФИЛИП ВТОРИ„
Во потрага по шестото полуфинале од Купот на Македонија, фудбалерите на Пелистер уште вечерва патуваат за Скопје, каде против Работнички втората половина од четвртфиналето ја почнуваат со минимални 1:0 од првата средба.
Пелистерци до последен момент ќе бидат со дилемата околу Стенио Жуниор, кој го повреди мускулот од ногата во раната фаза од мечот со Шкендија и неизвесен е за овој меч. Неговиот партнер во шпицот Марјан Алтипармаковски ќе настапи од првата минута, а веројатно тренерот Бочевски во последен момент ќе одлучи околу изборот на вториот напаѓач меѓу Стенио Жуниор и Воденичаров. Сите останати фудбалери се подготвени и се надеваат дека ќе можат да му се реваншираат на Работнички за елиминацијата пред четири години, кога пеналите беа кобни за битолчани. Еден од малкумината кој играше во тој двомеч и повторно ќе настапи е Алтипармаковски: „Нашата предност од првата средба е и мала и голема. Но тоа нема да не оптовари. Ние ќе ја играме нашата игра, играта со која скоро цела есен добро се справуваме со противниците. Максимално сме мотивирани, знаеме дека ќе бидат со нас и „Чкембарите„ и верувам дека овој меч може да ја потврдиме нашата одлична полусезона. Нема баш многу сличности од мечевите со Работнички пред четири години, но верувам дека различен ќе биде исходот и дека ние ќе се радуваме во оваа прилика„ ни рече по последниот тренинг, стрелецот на единствениот гол под Тумбе кафе, Марјан Алтипармаковски. По три меча во исклучително тешки услови по дожд, снег и кал во интервал од 7-10 дена, зелените делуваат уморно, но овој меч им беше примерна цел уште по неговото одлагање пред две недели. Мотивиран ќе биде и Владица Брдаровски, кој за прв пат ќе игра во Скопје против својот бивш клуб, по враќањето во Пелистер. Голем дел од костурот кој одигра без голови во Тетово во неделата ќе го почне овој меч, во кој пелистерци се надеваат дека ќе минат слично како двата официјални меча оваа есен, кога славеа со минимални 1:0.

Нема коментара:

Постави коментар