Powered By Blogger

1. 12. 2013.

Пелистер носи голем бод од под Шара

ПАК ПО НЕВЕРОЈАТНО ТЕШКИ УСЛОВИ, ПЕЛИСТЕР ОДИГРА „ЛАВОВСКИ„ И ДОНЕСЕ БОД ОД ТЕТОВО ПРОТИВ ШКЕНДИЈА
Прва фудбалска лига - 18 - коло
Шкендија - Пелистер 0:0

Градски стадион во Тетово. Гледачи: 4000
Главен судија: Константин Влахо
Асистенти: Тони Стојановски и Игор Ширилов (сите од Скопје)
Делегат: Зоре Мојсоски (Македонски Брод)
Стрелци:
Жолти картони: Мустафи, Бајрами, Зекири (Шкендија), Брдаровски, Христов, Елмазовски, Драгарски (Пелистер)
Црвени картони: нема

Шкендија:
Велии, Мустафи, Цуцули, Положани, Емрулаи (од 60м. Зекири), Нухиу (од 60м. Алији), Аљили, Неџипи (од 73м. Бајрами), Шабани, Реџепи, Бејтулаи

Пелистер:
Пашовски, Брдаровски, Ковачев, Драгарски, Китановски, Христов (од 79м. Љамчевски), Анастасов, Елмазовски, Миленковски, Стенио Жуниор (од 10м. Мојсов), Алтипармаковски (од 20м. Воденичаров)

Играч на натпреварот: 
Мартин Ковачев (Пелистер)
По многу тежок терен, каллив и со остатоци од саботниот снег, на фудбалерите на Шкендија и Пелистер не им беше лесно да играат во меч со многу голем значај за двете екипи. Бочевски го внесе Христов на местото на Мојсов за разлика од тимот кој го совлада Гостивар во средата. Но плановите на гостинскиот стручен штаб се пореметија во првите 20 минути, кога заради повреди натпреварот го напуштија Стенио Жуниор и Алтипармаковски, а влегоа Мојсов и Воденичаров. Во 4 минута првата закана беше блокираниот шут на Алтипармаковски, а идентично се обидоа Неџипи во 11 и Шабани во 14 минута, но ударите завршија надвор од рамката на голот. Во 16 минута се обиде Анастасов од 7-8 метри, но биеше млако, топката заглави во калта и го неутрализира ударот. Минута подоцна по корнерот на Неџипи, со глава биеше Шакири, но Христијан Драгарски од само 5 метри ја исфрли топката во поле. Се играше 22 минута кога по акцијата на Емрулаи по десната страна, со глава биеше капитенот Мустафи, но пак над голот. Најубавата акција на  битолчани се случи во 23 минута. Комбинираа Анастасов и Елмазовски, овој добро центрираше и кога се чинеше дека Миленковски ќе „фати„ волеј, ја промаши топката на 6-7 метри од голот на Велии. На шест минути до одморот, Положани центрираше од десната страна, до главата на Ндерим Неџипи, но неговиот удар беше централен, па Пашовски без проблеми одбрани. Најзрелите шанси дојдоа во последните 5 минути од првиот дел. Во 41 минута Анастасов го пронајде Филип Миленковски, кој изби очи в очи пред Велии, но биеше централно и голманот на Шкендија успеа да одбрани. Минута подоцна по акцијата на Мустафи, Неџипи влета во казнениот простор од десната страна, но биеше на поблиската страна, каде Пашовски добро поставен, без проблем одбрани. На тешкиот терен, борбено и динамично прво полуввреме, во кое недостигаа само голови.
Во вториот дел, иницијативата ја имаа тетовчани, но Пелистер на неколку пати преку Миленковски и Воденичаров „улови„ контранапади, на кои недостигаше само завршен пас за водечки гол. Наспроти тоа, Шкендија имаше неколку удари од дистанца и полушанси. Во 48 минута се обиде Реџепи, но шутот од колено заврши преку голот. Во 53 минута ударот на Шабани заглави во калта, па за малку ќе му создадеше проблеми на Пашовски. Меѓу 56 и 58 минутз црвено-црните имаа две мешаници. Најнапред по ударот на Неџипи, а потоа по центаршутот на Бејтулаи, Положани имаше време да ја прими топката и да бие, но во двете шанси, Горан Пашовски не интервенираше, бидејќи ударите завршија крај голот. Во последните 15 минути, домашниот тренер Дуро го повлече Неџипи и ја освежи екипата, а кај Пелистер во игра влезе Петар Љамчевски на местото на одличниот Христов. Во последните 15 минути иницијативата на Шкендија беше збркана, со многу прекини и нафрлени топки, кои играчот на натпреварот Ковачев ги расчистуваше. Во 79 минута Положани од слободен удар биеше многу прецизно, но сантиментри над пречката го спасија Пелистер. Последната закана стигна во 90 минута кога Алији шутираше од лево од 12-13 метри, но шутот заврши крај голот. По ископаниот терен, двете екипи покажаа максимално витештво и ремито за Пелистер е продолжување на позитивната серија од пет кола без пораз. Сега концентрацијата екипата на Бочевски ја насочи на возвратниот меч од четвртфиналето на Купот против Работнички во среда во Скопје.

Нема коментара:

Постави коментар