Powered By Blogger

31. 10. 2013.

Кои се гревовите на судиите врз Пелистер?

ДОЛГА ЛИСТА НА СПОРНИ МОМЕНТИ НА МЕЧЕВИТЕ НА БИТОЛЧАНИ, НО И СЕРИЈА НА ДРУГИ ПРИЧИНИ ЗА РЕЗУЛТСКАТА КРИЗА
Поразот од Ренова не беше само обичен пораз и губење на значајни три бода во борбата за висок пласман за зелените. Револтот по завршувањето на мечот и најавите за напуштање на лигата, се уште демнат врз битолчани кои и вината ја бараат во своите редови, но и веруваат во завера против амбициите на зелените. Првиот голем проблем на екипата на Бочевски е (не)дисциплината.
Во 13 мечеви од шампионатот и 3 од националниот Куп, дури 6 црвени картони заработиле фудбалерите од Битола. На два мечеви каде правдата ја делеше Димитар Мечкаровски, Пелистер остана со двајца фудбалери помалку и тоа во едно полувреме. Најнапред беа исклучени Драгарски и Китановски во второто полувреме против Хоризонт Турново заради два жолти картони, а потоа Николај Христов и Томе Китановски (директен црвен картон) во мечот со Ренова пред некој ден. На овие четири исклучувања се надоврзуваат на Стенио Жуниор против Ренова во Тетово од младиот судија Александар Влахо. И тој црвен картон беше последица на два жолти картони, а вториот заради симулација. Прилепскиот судија Горан Спиркоски го исклучи Христијан Драгарски заради два жолти картони на првиот осминафинален меч од националниот Куп со Работнички. И минатите години овој сегмент беше голем проблем за битолчани, што заради начинот на игра, кој кај одредени фудбалери е (пре)агресивен, што заради тактичката и општата недисциплина на теренот. Битолчани во долгата листа на ситуации во кои сметаа дека се оштетени ги надоврзуваат поништените голови на Миленковски со Хоризонт Турново (судија Мечкаровски) и на Драгарски со Вардар (судија Ставрев) кои директно влијаат на резултатот и само од кои Пелистер е пократок за 4 бода. Во оваа категорија се и серија на поинакви спорни моменти, кои во случај на дилема се пресудени против Пелистер. Почнувајќи од голот од офсајд на Крстев на Пелистер - Металург, недосудениот пенал на истиот меч од судијата Ецкоски заради играта со рака на Пеев, како и истоветно недосудениот пенал заради играта со рака на Стојковски во последната минута од мечот со Еуромилк (судија Стојанов). Последен сличен недосуден пенал е оној очигледниот врз Стенио Жуниор против Ренова од Мечкаровски во средата. На оваа серија на спорни моменти Пелистер мора да ги надоврзе и побара и вините во своите редови. Во 17 примени гола во првите 13 мечеви за бодови, во постојаните дефанзивни проблеми и во фактот што веќе три натпревари како централен дефанзивец игра Брдаровски, заради недостиг на фудбалери кои играат на тоа место. А на стартот од подготовките во ростерот беа, па заминаа браќата Степановски, Лескароски и Тони Магловски. Голем дел од засилувањата не ги оправдуваат до крај очекувањата, а за неделниот меч во Турново, стручниот штаб има нов ребус како да ја состави одбраната, а и средниот ред. Како стојат работите Пелистер мора да погледне и на долу, како изгледа долниот дел од табелата, бидејќи во оваа луда сезона разликата од врвот до дното е една-две победи, а Пелистер е баш на средина на првенствената табела. 

Нема коментара:

Постави коментар