Powered By Blogger

4. 10. 2013.

Битолчани нестрпливи да дојде недела

ВО ГРАДОТ ПОД ПЕЛИСТЕР СЕКОЈДНЕВНО СЕ ЗБОРУВА САМО ЗА „ВЕЧНОТО ДЕРБИ„ В НЕДЕЛА
Ако во Битола „вечното дерби„ секогаш е посебен натпревар и како да се работи за натпревар за трофеј, овој пат заради влогот и местото на табелата за пелистерци, мечот е уште попосебен. Цел град говори само за овој меч со денови, а управата на Пелистер се обидува да ги изолира фудбалерите и да ги концентрира само на натпреварот.
Како никогаш оваа сезона, зелените го имаат целиот ростер на располагање, а веќе пет средби не знаат за пораз во мечеви за бодови. Дури и катастрофалната традиција на меѓусебни средби со црвено-црните во последните неколку години ја подобрија. Пелистер не ја прифаќа улогата на фаворит, бидејќи знае дека во вакви мечеви фаворити нема и формата и изгледот на табелата ништо не значат. Младинскиот репрезентативец Томе Китановски целосно е фокусиран на мечот во недела: „Секој фудбалер на Пелистер живее за овој натпревар. Убеден сум дека в недела ќе биде соборен рекордот на гледачи под Тумбе кафе, а со тоа одговорноста за нас фудбалерите ќе биде уште поголема. Знаеме дека овој меч не е како сите други без разлика што влогот е три бода како и на секој првенствен дуел. Мислам дека во вистински момент го чекаме Вардар и оптимист сум дека ние ќе се радуваме. Цела недела работиме и на тактичките и на менталните детали околу мечот. Не не залажува формата на Вардар, бидејќи со Металург во Купот и со Напредок во последното коло од првенството, вардарци делуваа одлично и лесно победуваа. Ние играме на домашен терен, а тука во Битола ретко која екипа може да дојде и со сигурност да каже дека ќе победи. Плус ги имаме „Чкембарите„ кои пак ќе бидат наш 12 играч. Секој ден едвај чекаме да дојде недела и „вечното дерби„ вели младиот Китановски. Стартниот тим на Пелистер е голема тајна и стручниот штаб на чело со Драган Бочевски до последен момент ќе има дилеми за две места во средниот ред, а и за модулот по кој ќе играат пелистерци. Капитенот Горан Пашовски на соиграчите им порачува како се победува Вардар „Рецептот е едноставен. Секој од нашите фудбалери треба да го даде својот максимум и со тактичка дисциплина, можеме до бодовите„ порача чуварот на битолската мрежа. Кон Тумбе кафе ќе водат сите патишта в недела полладне, а Пелистер како лидер ќе се обиде што е можно подолго да остане на врвот на табелата. Мечот со Вардар почнува мини циклус во кој екипата на Бочевски ќе врзе четири средби со скопски екипи меѓу шампионатот и Купот. Следуваат Работнички во Битола и Македонија Ѓ.П. и Еуромилк во главниот гррад и и од исходот на овие четири средби ќе зависи како Пелистер ќе презими.

Нема коментара:

Постави коментар