Powered By Blogger

21. 10. 2013.

Реми без голови и пропуштено ново лидерство

ПО СЕРИЈА ПРОКОЦКАНИ ШАНСИ, ПЕЛИСТЕР ОСТАНА НА БОД ОД ГОСТУВАЊЕТО ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ
Прва фудбалска лига - 11 коло
Македонија ЃП - Пелистер 0:0

Градски стадион во Ѓорче Петров - Скопје. Гледачи: 500
Главен судија: Стевче Шулески (Охрид)
Асистенти: Симон Грданоски и Ацо Мацески (Струга)
Делегат: Скендер Таири (Струга)
Стрелци: нема
Жолти картони: Колеќески, Божионовски (Македонија ЃП)
Црвени картони: нема
Македонија ЃП:

Алексовски, Џангаровски, Божиновски, Костовски (од 46м. Стојковски), Аврамовски, Галовиќ, Бојку, Ѓурѓевиќ, Адем, Рамадан (од 31м. Колчакоски), Кушлиќ (од 57м. Колеќески)

Пелистер:

Пашовски, Елмазовски, Брдаровски, Ковачев (од 59м. Миленковски), Китановски, Христов, Анастасов, Миленковски, Стенио Жуниор, Алтипармаковски, Воденичаров  (од 73м. Љамчевски)

Играч на натпреварот:
Ѓорѓи Мојсов (Пелистер)

            По сончево време на стадионот во Ѓорче Петров, Пелистер за прв пат оваа есен почна со тројца напаѓачи од првата минута. Со Алтипармаковски, Стенио Жуниор и Воденичаров, зелените беа изразито подобар противник во првото полувреме и креираа 4-5 зрели шанси за гол. Во 9 минута активниот Ѓорѓи Мојсов го загреа Алексовски, кој одби во поле. Домаќините возвратија четири минути подоцна, кога по корнерот на Адем, највисоко скокна Џангаровски, но од неколку метри биеше преку голот. Една од најубавите акции, зелените изведоа во 19 минута. Мојсов со долга топка го најде Алтипармаковски, кој биеше од тежок агол, за малку Воденичаров не го искористи неговиот шут како асистенција за водечки гол. Во 24 минута се обиде од дистанца и Димитар Воденичаров, но пласираше над голот. Зелените се обидуваа и од прекини. Така во 26 минута слободниот удар на Мојсов, Игор Алексовски го избоксува во корнер. Во последната фаза од првиот дел, пелистерци имаа уште две зрели шанси за отворање на резултатот. Во 33 минута Марјан Алтипармаковски од левата страна центрираше по земја, натрча Стенио Жуниор и биеше низ милион нозе, топката од блокот заврши сантиметри крај десниот домашен дирек. Пет минути подоцна Китановски се проби по левата страна и центрираше по земја, а Алтипармаковски од само 3-4 метри биеше премлако крај голот. Првиот дел заврши со остриот слободен удар на Аврамовски, по кој гостинскиот капитен Пашовски немаше потреба да интервенира. Солидно прво полувреме за битолчани, а жолти-црвените во финишот на првиот дел мораа принудно да менуваат, откако Колчакоски влезе на местото на Рамадан.  

            Но во вториот дел, пелистерци започнаа стерилно и жолто-црвените ја имаа топката во своите нозе и креираа неколку шанси. Драган Бочевски мораше да ја трансформира одбраната од 59 минута, кога заради мускулна повреда Ковачев беше заменет со Миленковски. Така пелистерци останаа без двајцата централни дефанзивци, па бековите Брдаровски и Китановски играа во срцето на последниот ред, а Анастасов се повлече на лев бек. Најубавата шанса за Македонија ЃП ја имаше резервистот Стојковски, кој во 55 минута пласираше, но топката заврши во пречката на гостите. Три минути подоцна, по центаршутот на истиот фудбалер, Колчакоски постави глава и биеше централно, па Пашовски сигурно одбрани. Иницијативата на домаќините траеше се до 74 минута, кога Колчакоски со лоб удар се обиде од 25 метри, но гостинскиот капитен пак беше буден на голот. Во последните 15 минути по влегувањата на Миленковски и Петар Љамчевски, Пелистер повторно навали и имаше серија на шанси за втора гостинска победа. Во 83 минута остро биеше Миленковски од работ на шеснаесетникот, но крај голот. Истиот фудбалер беше инспиратор на акцијата минута подоцна, кога убаво центрираше во петерецот, но Алтипармаковски за малку задоцни. Неубедливиот Стенио Жуниор изнуди аплаузи во 85 минута, кога биеше од 17-18 метри, но Алексовски пантерски одби во корнер. Серијата шанси ја заокружи Миленковски во 86 минута. Тој не го искористи добриот центаршут на сеподобриот Анастасов и грешката на Алексовски и празниот гол го префрли од неколку метри. Борбено реми, во кое Пелистер имаше повеќе шанси, но изостана реализација и втор пат во сезоната, екипата на Бочевски игра без голови. Пропуштена е шанса по само едно коло, екипата од Битола да се врати на водечката позиција на табелата.  

Нема коментара:

Постави коментар