Powered By Blogger

25. 10. 2013.

Филип продолжува по патот на Боро Чурлевски

РАКОМЕТНОТО СЕМЕЈСТВО ЧУРЛЕВСКИ, СЕКОГАШ АКТУЕЛНО ВО НАЈРАКОМЕТНИОТ ГРАД
Ракометот во Битола е повеќе од спорт. Често инволвира голема маса на луѓе, поединци, па и цели семејства. Така како прва асоцијација за семејството Чурлевски секогаш ќе биде ракометот. Со децении и децении, ракометот е приоритетна  тема во семејството на Чурлевски. Во овој момент младиот Филип Чурлевски е член на сениорската екипа на Пелистер и ни малку не му е лесна целта да го наследи неговиот татко Боро, кој од секогаш бил миленик на битолската публика и е еден од најдобрите играчи воопшто во Македонија. Филип веќе шест години е во Пелистер, а од неодамна го продолжи договорот со својот матичен клуб и секојдневно учи и се усовршува: „На почетокот се соочував со тежината на презимето Чурлевски, со кариерата на мојот татко, со неговите постигнувања. Но како времето одминуваше, се пронаоѓам себе си во оваа игра, напорно работам, често кога имам време и можност и индивидуално тренирам со мојот татко,каде усовршувам детали од техниката,кои што не може секој да ми ги покажe и верувам дека имам иднина во овој спорт„ -вели Филип кој физички наликува на Боро, има многу движења слични на неговиот татко, но она што веројатно го нема е квалитетна екипа и опкружување како некогашниот Пелистер. Тоа е копнежот за кој цела ракометна Битола сонува и се надева. Прв тренер на Филип беше неговиот татко уште во пионерската приватна ракометна школа,а потоа со преминот во младинската  категорија на ракометниот клуб Пелистер па се до денес е со тековните тренери - во овој момент стручниот штаб им е доверен на Кире Поповски и Игор Николовски. Напоредно со Филип, кариерата на Боро Чурлевски минува низ нови предизвици.
Некогашниот плејмејкер на македонската репрезентација шест активни месеци работеше во Либија, во клубот Ал Џазира. Но политичката криза во оваа земја не дозволува да го испочитува договорот до крај, па повторно е во Битола и очекува нов предизвик. 
Чурлевски веќе од поодамна знае како е да се работи, па дури и со најмладите, бидејќи школата „Чурлевски„ постои скоро две децении „Нашата школа егзистира од 1996 година, па до ден денес стотици и илјадници момчиња и девојчиња продефилирале, тренирале, се изградиле како спортисти и личности. Идејата за отворање на школата беше на мојата мајка, а јас и мојата сестра Билјана, професионално работиме и задоволни сме како се одвива нашата школа„ вели Боро Чурлевски. Бившиот среден бек на Пелистер во својата кариера често носел одговорни одлуки. Таков е и на теренот и надвор од него. Неговите асистенции и интерпретацијата на играта невозможно  е да се копираат. Денес се поретки се ракометари со таква интелегенција, со истенчен инстинкт за спорт.Освен ракометот Боро умее со се што се игра со топка, и таа негова способност и умешност му дава тежина и сериозност во извршување на тренерскиот занает и континуирано се надоградува и професионално се усовршува.Искуствата од Грција, Косово и Либија се само почеток на неговата визија за ракометната игра. Таа на големо се промени за разлика од деведесеттите. Сменет е целиот метод на тренинг, голем дел од правилата на игра, од селекцијата, а сите тие иновации Боро ги следи и подготвен ја дочекува еволуцијата во ракометната игра, за наредниот повик, никако да не може да го изненади.   

Нема коментара:

Постави коментар