Powered By Blogger

18. 10. 2013.

Кожув се „испоти„ за триумф во Битола

ВО НЕОБИЧНО ИЗЕДНАЧЕН НАТПРЕВАР ПО ТРИ И ПОЛ ЧЕТВРТИНИ, КОЖУВ ГО „СКРШИ„ ОТПОРОТ НА ЖИЛАВИТЕ ПЕЛИСТЕРЦИ
Пелистер - Кожув 75:95 (17:22, 26:25, 22:20, 12:28)

Иако финалниот резултат говори дека фаворитот Кожув убедливо славел во Битола, три и пол четвртини тимот на Марјан Србиновски не можеше да го „скрши„ отпорот на жилавиот Пелистер засилен со двајцата српски интернационалци Александар Штурановиќ и Младен Симеуновиќ. Гевгеличани добро почнаа со серија 0:7 со поените на Мијајловиќ и Дефо.
Избраниците на Благој Печалов фатија приклучок и со две тројки на Ѓорѓи Анакиевски, брзо дојдоа до подносливо заостанување. На крајот од првиот период Караџовски погоди за +5 за гостинската екипа. Втората четвртина беше најизедначениот период во мечот, во кој Александар Калањ со поени од под обрачот во 13 минута скоро и да го израмни резултатот (23:24). Секој обид на Кожув резултатски да побегне, битолчани ги стигаа. Мираковски и Мијајловиќ погодија тројки, но Штурановиќ со пет врзани поени во 16 минута намали на 31:32. Против својата бивша екипа Димитар Караџовски погоди пет поени во серија и во 19 минута, црвените дојдоа до +6. Клупата на пелистерци жестоко протестираше на неколку судиски одлуки во последните 3-4 минути од втората четвртина, но поените од втор напад на Кожув му донесоа 43:47 на полувреме. Стартот на третата четвртина навестуваше дека Кожув ќе се одлепи. Посебно откако Гоцевски во серија постигна 5 поени и во 23 минута, гевгеличани за прв пат имаа двоцифрена предност (47:57). Но Пелистер пак пронајде сили да се врати во мечот. Петковски погоди тројка, Штурановиќ додаде уште 3 поени и во 28 минута резултатот гласеше 59:63. На крилата на 500 љубители на кошарката во спортската сала „Младост„ зелените се вратија до 65:67 на крајот на третиот период со 4 врзани поени од рекетот на Калањ. Првите 3-4 минути од последната четвртина беа изедначени, а потоа на сцена стапи подобрата физичка подготвеност и подолгата клупа на вицешампионот. Американецот Дефо и Караџовски ја вратија предноста од десетина поени на екипата на Србиновски. Ниту тајм-аутот, нити смената на одбраната на Пелистер, не му помогнаа да се врати во мечот. Божовиќ и младиот Главчев со поени во последните 3-4 минути на гевгеличани му донесоа највисоки 20 разлика, колку што гласеше и конечниот скор. Со сили за три четвртини и со Никола Вукасовиќ кој неколку дена имаше температура и не беше фит, кошаркарите на Пелистер не можеа повеќе од чесен пораз, но барем најавија дека нивниот тим нема да биде топовска храна како минатата сезона. Во победничката екипа Дефо постигна 19, Божовиќ 16, а Караџовски 14 поени. Кај поразениот Пелистер Анакиевски одигра одличен натпревар и постигна 17 поени. Калањ со 16, Штурановиќ со 14 и Вукасовиќ со 12 поени оставија солиден впечаток во домашниот табор.    

Нема коментара:

Постави коментар