Powered By Blogger

6. 10. 2013.

Вардар ја прекина „зелената„ серија


ВО ТУРБОЛЕНТНО „ВЕЧНО„ ДЕРБИ, ВАРДАР СО ПРЕСВРТ ГИ ОСВОИ ТРИТЕ БОДА ОД БИТОЛА
Прва фудбалска лига - 10 коло
Пелистер - Вардар 1:2 (1:1)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 7000
Главен судија: Александар Ставрев
Асистенти: Марјан Кировски и Дејан Костадинов (сите од Скопје)
Делегат: Илија Митров (Штип)
Стрелци: Стенио Жуниор во 11 минута за Пелистер, а Адемовиќ во 18 и Стојков во 69 минута за Вардар
Жолти картони: Брдаровски, Мојсов, Стенио Жуниор, Китановски (Пелистер), Адемовиќ, Стојков, Цикарски, Деспотовски (Вардар)
Црвени картони:

Пелистер:
Пашовски, Брдаровски, Драгрски, Ковачев, Китановски, Христов, Мојсов (од 46м. Анастасов), Елмазовски, Миленковски (од 66м. Воденичаров), Стенио Жуниор, Алтипармаковски (од 76м. Милевски)

Вардар:
Павловиќ, Димитровски, Бојовиќ, Петровиќ (од 68м. Хименез) Адемовиќ, Петров (од 73. Темелков), Стојков (од 81м. Јовановски), Рељиќ, Деспотовски, Цикарски, Грозданоски

Играч на натпреварот:
Игор Павловиќ (Вардар)
Величествен амбиент ги пречека актерите на „вечното дерби„ под Тумбе кафе. Како лидер, Пелистер имаше одговорност што е можно подолго да остане на врвот на табелата. По првите 7-8 минути во кое траеше испитување на силите, првата закана ја имаа гостите. Филип Петров се обиде со ножички во 7 минута, но неговиот удар заврши за малку крај дирекот.  Во 11 минута по една збркана акција на домаќините, Филип Миленковски ја додаде топката до Стенио Жуниор, кој од неколку метри ја смести топката зад грбот на немоќниот Павловиќ. Но по првата закана на вардарци, резултатот беше израмнет. Гостите изведоа скратен корнер, домашната одбрана не расчисти и Стојков остро центрираше, а Адемовиќ од само неколку метри ја втурна топката во небранетата мрежа. Пелистер на примениот гол одговори со два опасни корнери од Ѓорѓи Мојсов, кои Игор Павловиќ ги боксуваше во поле. Во 26 минута Драгарски преоптимистички се обиде од 30 метри, но биеше крај дирекот. Мирно беше приведено при крај првото полувреме, без шанси и без голема доза на ризик од двете страни. 
На стартот на вториот дел, Александар Анастасов го замени Мојсов во средниот ред на домашната екипа. Во првиот контакт со топката, Анастасов центрираше, но за малку превисоко за главата на Китановски. Во 57 минута од огромна дистанца се обиде Елмазовски да го фати на спиење Павловиќ, но голманот на Вардар добро беше поставен. Во 62 минута гостите беа многу блиску до целосен пресврт. Грозданоски изведе скратен кронер, Пашовски извиси, а Димитровски од свртување одлично биеше крај голот. Само минута подоцна среќата ги чуваше битолчани. По корнерот на Петров, Димитровски биеше со глава, Пашовски кратко одби. Адемовиќ од само пет метри ја погоди пречката, па во продолжението и Стојков се обиде, но битолската одбрана успеаа да одолее. Иницијативата на вардарци вроди со плод во 69 минута, кога Ацо Стојков убава го мина Ковачев и ја пласираше топката крај немоќниот Горан Пашовски. Домашниот тренер Бочевски ги внесе Воденичаров и Милевски во шпицот и се фрли на една карта како би останал непоразен. Но просторот кој го оставија домаќините, вардарци лесно можеа да го казнат. Во 84 минута Адемовиќ наместо да бие од изгледна позиција, го проигра Темелков, но топката ја упати предолго и шансата пропадна. Во 87 минута Игор Павловиќ го спаси Вардар. По центаршутот на Елмазовски, Димитар Воденичаров постави нога, но ударот на бугаринот, Павловиќ рефлексно го одбрани. Вистинска драма се случи во 90 минута, Елмазовски изведе слободен удар, го погоди дирекот, на топката натрча Драгарски и со глава ја погоди мрежата, но првиот помошник Кировски го подигна знаменцето, регистрирајќи офсајд. Спорна 90 минута, по која битолчани жестоко протестираа. По четири минути судиско надополнување, заради протести Деспотовски и Китановски добија обострани жолти картони. Во 94 минута Стенио Жуниор биеше со глава по центаршутот на Драгарски, но пак Павловиќ го спаси Вардар. По долгото надополнување од 6-7 минути, Вардар одолеа и слави голема победа под Тумбе кафе. Втор пораз за Пелистер во овој шампионат, прв на домашен терен. 
 

Нема коментара:

Постави коментар