Powered By Blogger

30. 10. 2013.

Пелистер збунет и нервозен, Ренова го носи целиот плен од Битола

ВТОР ДОМАШЕН ПОРАЗ И ВТОР МЕЧ НА БИТОЛЧАНИ СО ДВАЈЦА ИСКЛУЧЕНИ ФУДБАЛЕРИ ВО ЕДНО ПОЛУВРЕМЕ
Прва фудбалска лига - 13 - коло
Пелистер - Ренова 0:4 (0:1)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 700
Главен судија: Димитар Мечкаровски
Асистенти: Дејан Неделковски и Гоце Петрески (сите од Скопје)
Делегат: Гоце Маркоски (Охрид)
Стрелци: Емини во 8, Реџепи во 70, Рамади во 71 и Сали во 76 минута за Ренова
Жолти картони: Драгарски, Христов, Елмазовски (Пелистер), Реџепи, Рамадани, Ристов (Ренова)
Црвени картони: Христов во 47 и Китановски во 52 минута за Пелистер

Пелистер:
Пашовски, Елмазовски, Драгарски, Брдаровски, Китановски, Христов, Љамчевски, Анастасов, Мојсов (од 46м. Миленковски), Стенио Жуниор, Алтипармаковски

Ренова:

Мустафи, Незири, Мемеди, Муслиу, Садики (од 72м. Фетаи), Емини 3 (од 80м. Скендери), Нухиу, Гафури (од 62м. Рамадани), Сали, Ристов, Реџепи

Играч на натпреварот:
Изаир Емини (Ренова)
    По прекрасно сончево време под Тумбе кафе, Пелистер знаеше дека го има императивот победа против „гипсарите„ Тренерот Бочевски им даде доверба од првата минута на Анастасов и Љамчевски, кои го донесоа пресвртот против Еуромилк. Во 6 минута Стенио Жуниор со волеј од десната страна се закани, но ударот заврши високо над голот. Но две минути подоцна од една помалку случајна висока топка, упатена од десната страна од Незири, во казнениот простор паметно топката ја смири Емини и со силен удар по земја го матира Пашовски. Пелистер одговори со слободниот удар на Елмазовски во 13 минута, но Мустафи во два наврати успеа да одбрани. Три минути подоцна уште една инвидуалност, овој пат на Стенио Жуниор, ги доближи зелените го израмнување, но неговиот удар со левата нога заврши крај дирекот. Гостите добро стоеа на теренот и се обидуваа да уловат некоја контра за втор гол. Видно расположениот Емини го префрли живиот зид во 21 минута, но неговиот слободен удар заврши крај дирекот. Точно на половина од првиот дел, Стенио Жуниор рекламираше пенал во физичкиот дуел со Муслиу, но Мечкаровски не ја прекина играта. Најзрелата шанса, пелистерци ја имаа во 25 минута, кога Елмазовски со долга топка го пронајде Анастасов, кој од изгледна позиција од работ на казнениот простор биеше над голот. Настана игра меѓу два шеснаесетника без зрели шанси за гол и со се почести прекини на средината на теренот, се до крајот на првиот дел.
 На стартот на вториот дел, Бочевски во внесе Миленковски на местото на Ѓорѓи Мојсов. Но сите планови на битолчани паднаа во вода во 47 минута, кога по контрата на плаво-белите, Христов фаулираше и судијата Мечкаровски му покажа втор жолт картон и пат кон соблекувалната. Само пет минути подоцна, Томе Китановски отиде со високо подигната нога директно на ногата на Садики и судијата Мечкаровски го извади црвениот картон и Пелистер скоро цело второ полувреме мораше да игра со двајца фудбалери помалку. И со голем дефицит, Пелистер се закани преку Алтипармаковски, кој во 58 минута одлично биеше со левата нога, но Мустафи ја одби топката во корнер. Минута подоцна Елмазовски беше инспиратор на акцијата по десната страна, а Стенио Жуниор ја промаши топката на само 4-5 метри од голот. Емини преку два контанапади лесно ја користеше бројчената предност на теренот, но „гипсарите„ затаиа во завршницата. Најзрелата шанса гостите ја има во 65 минута кога Висар Муслиу од непосредна близина биеше лошо, крај рамката од голот на Пелистер. Одлуката во мечот „падна„ на половина од вториот дел, кога Ренова од уште два контранапади постигна уште два гола. Најнапред по акцијата на Емини, сам пред Пашовски изби Ељмедин Реџепи и во вториот обид, откако Пашовски му одбрани во првиот, од мртвиот агол ја смести топката во небранетата мрежа. Една минута подоцна брзоногиот Рамадани на сличен начин побегна и го лобуваше немоќниот домашен голман. Битолската публика полека го напушти стадионот под Тумбе кафе, ги награди со аплаузи гостинските фудбалери и го исвирка Мечкаровски, кој по втор пат оваа есен доделува црвени картони за битолчани на домашен меч. Во 76 минута Ерсан Сали имаше многу простор по додавањето во празно на Рамадани и со удар со левата нога од 12-13 метри  по четврт пат ја погоди битолската мрежа. Дури и прелесна победа на Ренова во Битола и втор домашен пораз на Пелистер на своето буниште оваа есен „Гипсарите„ им возвратија на пелистерци за домашниот пораз во август во Тетово.  

Нема коментара:

Постави коментар