Powered By Blogger

5. 10. 2013.

Пелистер ја поправа лошата статистика против Вардар

ВО ПОСЛЕДНИТЕ НЕКОЛКУ СЕЗОНИ, ПЕЛИСТЕР РАМНОПРАВЕН ПРОТИВ ВАРДАР ВО „ВЕЧНИТЕ ПРЕСМЕТКИ„
Иако комплетната статистика на меѓусебни средби на Пелистер со Вардар не му е розова, во последно време работите полека се менуваат. Од победата пред пет сезони во Скопје со хет-трикот на Миранда, зелените играат рамноправно со најлутиот ривал.
Минатата сезона трите средби за бодови завршија со по една победа на двете екипи и едно реми. Вардар со две победи го елиминира Пелистер во осминафиналето на Купот. Во очекување на новото „вечно дерби„ потсетување како беше во трите средби од Првата лига минатата сезона.

30.09.2012 година
На Пелистер му се случи Бартон...

Вардар - Пелистер 3:1 (1:0)

Стадион: „Филип втори арена„ - Скопје. Гледачи: 6.000
Главен судија: Јосип Бартон
Асистенти: Иса Емрулаи и Небојша Георгиевски (сите од Тетово)
Делегат: Илија Митров (Штип)
Стрелци: Петров во 44, Таневскив о 87 и Костовски во 90 минута за Вардар, а Главевски во 50 минута за Пелистер
Жолти картони: Бојовиќ, Стјепановиќ, Костовски (Вардар), Коруновски, Ристевски, Т. Вељановски, Китановски, Главевски (Пелистер),
Црвени картони: А. Вељановски во 88 минута за Пелистер

Вардар:
Захов, Илиевски, Таневски, Бојовиќ, Цикарски, Стјепановиќ, Маневски (од 53м. Темелков), Стојаковиќ (од 88м. Гешовски), Петров, Костовски, Георгив (од 90м. Вајс)

Пелистер:
Коруновски, Китановски, Драгарски, Лескароски, Т. Вељановски, С. Магловски, А. Вељановски (од 83м. Т. Магловски), Лазаревски (од 46м. Б. Марковски), Ристевски, Димитровски (од 74м. Елмазовски), Главевски

                Во натпревар кој веројатно уште долго ќе се прераскажува, Пелистер како никогаш досега го надигра Вардар среде Скопје, но остана без никаква награда за тоа, слично како со Работнички пред еден месец. Но, ако тогаш се лутеа самите себе си на лошата реализација и среќа, вечерва пелистерци „фрлаат дрва и камења„ по тетовскиот судија Јосип Бартон кој од никаде беше делегиран за „вечното дерби„ а со неколку одлуки го насочи мечот од пораз во победа за послабата екипа. Зелените авторитетно почнаа со отворена формација и вистински пристап на теренот. Михајлов го извади истиот тим од мечот со Ренова и веќе во првите 10 минути Китановски и Александар Вељановски се обидоа од дистанца. На сличен начин, првата закана ја имаа и лидерите на табелата преку опоравениот Георгиев во 12 минута. Првиот спорен момент беше грубиот  прекршок на Раденко Бојовиќ врз Лазаревски, по кој српскиот дефанзивец наместо пат кон соблекувалната доби само жолт картон, а Лазаревски заработи тешка повреда на рамото.  Сепак доминацијата на средината на теренот, очигледната амбиција први да поведат, на битолчани им понуди три големи шанси за 0:1 до одморот. Во 23 минута по долгата топка кон Димитровски, овој додаде до Главевски, кој со глава од неколку метри биеше крај голот. Во 40 и 41 минута Главевски и Драгарски два пати не се снајдоа од повеќе од изгледни ситуации во казнениот простор на вардарци. И на давеникот рака му подаде судијата Бартон, со втората груба грешка. Во 44 минута Тони Вељановски беше видливо фаулиран на средината на теренот, Бартон не ја прекина играта, Вардар исфорсира контра и среќно преку Филип Петров од одпадок поведе.
                Сашо Лазаревски не можеше да продолжи и остана во соблекувалната и беше заменет со Благојче Марковски. Веќе во 50 минута по акцијата на Томе Китановски по десната страна, Главевски со манир на напаѓач со истенчено чувство за гол, од свртување израмни на 1:1. По еден час игра ритамот на средбата опадна и шансите не беа така чести. Најзрелата ја имаше Вардар во 64 минута кога по центаршутот на Георгиев, левиот бек на Пелистер Тони Вељановски  ја извади топката од самата гол-линија. И кога сите ја видоа поделбата на пленот, тетовски судија пронајде прекршок од Лескароски, по кој следеше слободен удар и по една лошо шутирана топка од Илиевски, гол за водство на Таневски. Во протестите кон судиската четворка од Тетово, најжесток беше Александар Вељановски кој беше исклучен. Во судиското надополнување по корнерот на Георгиев, високо скокна Костовски и ги постави финалните 3:1.
03.03.2013 година
Претпазливо реми на „вечното дерби„

Пелистер - Вардар 0:0

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 3.500
Главен судија: Марјан Марковски (Охрид)
Асистенти: Кирил Негриски и Симон Грданоски (Струга)
Делегат: Тони Ивановски (Охрид)
Стрелци: нема
Жолти картони: Китановски, Марковски, Магловски (Пелистер), Илиевски, Ранџеловиќ (Вардар)
Црвени картони: нема

Пелистер:
 Коруновски, Китановски, Лазаревски, Лескароски, Драгарски, С. Магловски (од 64м. Т. Вељановски), Елмазовски, Мегленски, Христов (од 78м. Кекец), Ристевски (од 90м. А. Вељановски), Марковски

Вардар:
 Милиќ, Илиевски, Вајс, Бојовиќ (од 33м. Димитровски), Лазаревски, Оса, Стјепановиќ, Ранџеловиќ (од 90м. Петров), Ѓорѓиев (од 89м. Петров),
Костовски, Петровиќ


                Во прекрасен амбиент под Тумбе кафе „вечното дерби„ на македонскиот фудбал го красеше многу витештво, борба, но скромен квалитет и претпазливост да не се згреши. Така бројот на шанси во првото полувреме беше сведен на минумум. Во 4 минута првата шанса ја имаа гостите кога Бојовиќ се обиде со глава, но Коруновски ја исфрли топката во корнер. Зелените возвратија 7 минути подоцна кога по големата гужва пред Милиќ, вардарци едвај успеаа да ја расчистат опасноста. Во игра меѓу два шеснаесетника ретки беа убавите акции и главно двете екипи се обидуваа со удари од дистанца. Така Ѓорѓиев во 25 минута „распали„ од 30 метри, но ударот заврши неколку метри крај дирекот на пелистерци. Така инерцијата на натпреварот во последните 5-6 минути ги донесе битолчани поблиску до водство. Драгарски во 43 минута со удар од 40 метри со помош на ветрот му се закани на Милиќ, кој со врвот на прстите ја исфрли топката во корнер. По ударот од аголот пак се обиде Драгарски по земја и пак Милиќ беше подготвен на предизвикот, Мирни први 45 минути без емоции, со изедначени периоди на двете екипи и исчекување за продолжението.
                Вториот дел започна со одличната инвидуална акција на Ристевски по левата страна, по која центаршутот на капитенот не стигна до никој од зелените и гостите ја расчистија опасноста. Во 52 минута Елмазовски од слободен удар оштро центрираше, но никој не ја допре топката и Милиќ без проблеми одбрани. Најзрелата шанса тимот на Никола Илиевски ја имаше во 66 минута, кога Владимир Димитровски после гужва одлично биеше, но Пеце Коруновски со парада го спаси домаќинот. Потоа и Стјепановиќ се обиде од 27-28 метри, но голманот на битолчани пак беше на место. Гордан Здравков го внесе Тони Вељановски во средниот ред на местото на Стефан Магловски и ја освежи клучната линија во тимот. Инвидуалната акција на Ѓорѓиев во 85 минута можеше да донесе опасност, но центаршутот на репрезентативецот заврши над пречката. На две минути до крајот еден прекин можеше да донесе победа на лидерот. Стјепановиќ изведе слободен удар, Лескароски малку ја допре топката и таа заврши сантиметри крај стативата на домашната екипа.     
13.04.2013 година
Вардар „позелене„ сред Скопје

Вардар - Пелистер 0:1 (0:1)

Национална арена „Филип Втори“ - Скопје. Гледачи: 2.000.
Главен судија: Горан Спиркоски
Асистенти: Илчо Јорданоски и Зоран Костоски (сите од Прилеп)
Делегат: Зоран Златановски (Куманово)
Жолти картони: Петров (Вардар), Драгарски, Китановски, Елмазовски (Пелистер)
Стрелец: Елмазовски во 49 минута за Пелистер

Вардар:
Милиќ, Вајс, Бојовиќ, Лазаревски, Цикарски, Темелков (од 68 м. Маневски), Петровиќ, Стјепановиќ, Петров, Стојков, Костовски

Пелистер:
Петровски, Елмазовски, Лескароски, Драгарски, Степаноски, Велјановски, Китановски, Лазаревски (од 88 м. Кекец), Ристевски (0д 90м. Мустафов), Главевски, Христов (од 85 м. Магловски)

                Битолски Пелистер најде вистински момент за првата гостинска победа во сезоната. Го победи и играчки го „позелене„ од срам лидерот Вардар сред Скопје, возвраќајќи го ударот за незаслужениот пораз во есенскиот дел од шампионатот. Тренерот на зелените Гордан Здравков подготви 4-1-4-1 формација и еластична екипа која го изненади првакот и доколку пелистерци беа поконцентрирани ќе постигнеа и повеќе голови. Лазаревски се врати   во екипата, битолчани се поставија поофанзивно и скоро ништо не ризикуваа во текот на целиот меч. Бројот на зрели шанси во мечот беше вистинска реткост, посебно од страна на домашната екипа. Првата убава акција на Китановски значеше волеј на Симеон Христов, кој домашниот голман Милиќ го одбрани. Црвено-црните возвратија кога Јован Костовски побегна и биеше од десната страна по земја, но за малку крај голот. Во 38 минута истиот фудбалер со глава се обиде да го најде патот до мрежата на скопјани, но Петровски беше внимателен. Во последната минута од регуларниот тек на првото полувреме, Сашо Лазаревски се обиде луцудно да го лобува Милиќ, но српскиот чувар на мрежата пак беше на место. Израмнетото прво полувреме беше продолжено за 5 минути, заради пиротехничкиот прекин на домашната навивачка група.
                Кога почна вториот дел решителноста на гостинскиот тим беше видлива и по само четири минути резултатот беше откриен. По корнерот на битолчани Темелков играше со рака и судијата Спиркоски од Прилеп без размислување покажа на белата точка и жолт картон за дефанзивецот на Вардар. Успешен егзкутор беше Илир Елмазовски и Пелистер во 49 минута поведе со 1:0. Пелистерци ја остварија целта и не само што го затворија голот, туку и возвраќаа со контранапади за втор гол. Најнапред по акцијата на Петров во 75 минута, голманот на Пелистер Илче Петровски навремено интервенираше. Со две контри Симеон Христов можеше да го реши победникот. Најнапред по центаршутот на Китановски, не се постави добро пред Бојовиќ и биеше млако. Потоа единствената грешка на судиите беше поништениот гол на Христов во 77 минута. Имено, Елмазовски изведе слободен удар и неговиот лош удар беше асистенција за напаѓачот, кој во регуларна позиција ја втурна топката во мрежата на Милиќ, но судиите заради офсајд го поништија голот и погрешија. И во судиското надополнување Китановски лансираше контра, по која Магловски и Главевски се сплеткаа и не го зададоа завршниот удар. Но Вардар само со слободни удари, со корнери и со мешаници се обидуваше, но не успеа да стигне до израмнување и прв пат капитулира во „вечното дерби„ оваа сезона.  


Нема коментара:

Постави коментар