Powered By Blogger

5. 7. 2013.

Пелистер од Бугарија ги „става темелите„ за новата сезона

ТЕТЕВЕН ВО БУГАРИЈА Е ПРВАТА БАЗА НА БИТОЛСКИ ПЕЛИСТЕР НА ПОДГОТОВКИТЕ ВО БУГАРИЈА
Од денес наутро битолски Пелистер ја започна втората фаза на подготовки, која ќе ја реализира во Бугарија, во Тетевен и Банско. Десет дена базични подготовки и четири силни контролни средби во кои Драган Бочевски ќе ги провери 23 фудбалери кои ги поведе на подготовки. Со исклучок на повредените Диме Ристевски и Благојче Главевски, сите останати се во нормален тренажен процес. Прекрасните услови во Тетеван и поројниот, но сепак пријатен дожд ги пречекаа зелените, кои по втор пат се гости во овој спортски комплекс. За разлика од пред пет години, тој е изграден по најновите стандарди и врвните бугарски екипи често во летните месеци доаѓаат на подготовки или играат контролни мечеви. Така и пелистерци во Тетевен одржаа еден тренинг и утре од 17 часот ќе играат престижен пријателски меч со збратимениот Литекс од Ловеч. Бугарскиот тим, кој минатата сезона ја заврши на петтото место, порано ги започна подготовките за новата сезона и ќе биде повеќе од сериозен тест за македонскиот прволигаш. Овој меч ќе биде деби на 22 годишниот бразилец Стенио Маркос де Фонсека Салазар Жуниор и тоа баш против неговата бивша екипа „Нестрпливо чекам да започнам да играм натпревари за Пелистер. Многу ми се допаѓа се што е поврзано со овој клуб: градот, соиграчите, атмосферата, навивачите. Верувам дека пред нас е одлична сезона. Во Литекс имам пријатели, секојдневно се слушам со сонародникот Вангер и денес за прв пат ќе играме еден против друг„ вели Жуниор кој пет месеци мина во Литекс и постигна 1 гол на 6 првенствени натпревари за екипата која минатата сезона ја водеше Христо Стоичков. Многу често овој нов Пелистер репер гледа во оној последниот кој играше во Европа во сезоната 2008/09. Многу компоненти наликуваат на таа генерација водена од Неџат Хусеин, па и враќањето на дефанзивецот Методија Степановски од Ренова „Верувам дека Пелистер пак ќе биде оној кој го напуштив пред неколку години. Со моето враќање и враќање на неколку битолски фудбалери, бразилецот Жуниор, новиот проект во клубот, сите сме оптимисти дека ова е само еден нов почеток за нашиот клуб. Нам Пелистер одсекогаш ни недостигал, а во врвот му недостига и на македонскиот фудбал. Мислам дека наскоро ќе го вратиме клубот каде што му е местото„ ни рече искусниот дефанзивец. 
Во Тетевен битолчани остануваат до недела наутро, кога заминуваат за Банско. В недела таму ги очекува уште еден сериозен тест против бугарскиот прволигаш Локомотив Пловдив (десетто пласирана екипа од последниот шампионат на Бугарија). Со оглед на тоа што пред себе има два компетитивни меча во два дена сред подготовки, стручниот штаб на пелистерци ќе ги подели силите и веројатно шанса ќе им даде на сите фудбалери. Пелистер останува во Банско до 14 јули, кога во попладневните часови се очекува враќање во Битола и подготвување на последната фаза од подготовките и одигрување на уште два контролни меча пред првенственото деби на 4 август.
Можни состави:

Литекс:
Пиргов, Божиков, Алаџов, Попов, Миланов, Вангер, Џордан, Малинов, Берберовиќ, Златанов, Цветанов

Пелистер:
Пашовски, Китановски, М. Степановски, Драгарски, К. Степановски, Миленковски, Мојсов, Љамчевски, Мустафов, Жуниор, Марковски
Литекс во добра форма пред мечот со Пелистер

                Литекс започна нов проект со тренерот Златомир Загорчич кој го наследи Христо Стоичков и доби подмладен тим за новата сезона во Бугарија која почнува на 20 јули. Во последниот тест пред мечот со македонската екипа, Литекс убедливо го совлада Академик Свишов со 4:0 со по два гола на Вангер да Силва и на колумбиецот Џордан. При три од четирите гола асистираше Манолов. 
Сашко Дуков ново засилување во нападот

                Младиот кавадарчанец Сашко Дуков е последно засилување за нападот на Пелистер и одпатува во Бугарија на подготовките со екипата. Се работи за младо момче со ветувачка перспектива, кое поникна во школата на Тиквеш и ќе му пристапи на битолскиот прволигаш за новата сезона.  

Нема коментара:

Постави коментар