Powered By Blogger

14. 7. 2013.

Последни мигови на пелистерци во Банско

ВЕЧЕРВА ПЕЛИСТЕРЦИ ПО ПОСЛЕДНИОТ ТРЕНИНГ, СЕ ВРАЌААТ ЗА БИТОЛА ПО ДЕСЕТТО ДНЕВНИ ПОДГОТОВКИ КАЈ НАШИОТ ИСТОЧЕН СОСЕД

Вечерва во Банско, фудбалерите на Пелистер ќе го реализираат последниот тренинг и по вечерата ќе тргнат на пат за Битола, завршувајќи ги десетто дневните подготовки во Бугарија. Во последните два дена групата е комплетна, бидејќи по повредата од мечот со Литекс и Бурхан Мустафов е во стројот и ги извршува секојдневните обврски.
Бочевски на фудбалерите ќе им даде два слободни дена, пред повторно да ги собере в среда попладне под Тумбе кафе. Одбранбената линија и Мојсов се фудбалерите кои одиграа најмногу минути и не пропуштија ниту еден тренинг. Од сегашниот ростер со 27 имиња, Пелистер има 21 фудбалер кој поникнал во сопствената академија, 3 фудбалери од остатокот на државата (2 од Кавадарци и 1 од Охрид) и 3 странци (2 од Бугарија и 1 од Бразил). Од нив дури 16 фудбалери се родени 1990 година или подоцна, што јасно говори за младиот ростер кој го има на располагање новиот стратег Бочевски. Само петмина (Пашовски, Елмазовски, Ристевски и браќата Степановски) имаат преку 30 години, така да ова е многу блиску до финалниот ростер кој Пелистер ќе го пријави за новото првенство.
Наскоро првите минути за Алтипармаковски

                Причини за грижи околу здравјето и формата на Марјан Алтипармаковски не постојат. Младиот напаѓач веќе 4-5 дена редовно тренира, а во последните 3 дена ги извршува сите активности со групата. Тој е единствениот од 25 фудбалери на бугарските подготовки, кој не одигра ниту минута во четирите пријателски средби. Превентивно беше зачуван за мечевите за бодови. Алтипармаковски наскоро ќе ги одигра првите минути во зелениот дрес, веројатно на некој од четирите контролни мечеви во нашата земја.
Следува промоција на новите дресови

                Во наредните неколку дена под Тумбе кафе ќе биде промовирана новата опрема која пелистерци ќе ја носат во сезоната 2013/14. Имено дефинирани се сите детали и Пелистер ќе добие модерна и комплетна спортска опрема, како што му доликува на клуб со такво реноме и амбиции. За прв пат фудбалерите на Пелистер ќе ја промовираат на 4 август во првото коло од новиот шампионат.
Надежите на Пелистер на турнир во Сандански?

                Гостувањето во Бугарија, управата на Пелистер го искористи да ги продлабочи контактите поврзани и со школата на клубот. Така на адреса на битолскиот прволигаш пристигна понуда за учество на силен балкански турнир за момчиња родени најдоцна до 1999 година, во периодот меѓу 18 и 24 август. Имено битолските кадети кои важат меѓу најталентираните во својата категорија во државата добија покана заедно со најдобрите кадетски екипи од Грција, Турција и Бугарија. Деновиве битолчани ќе ја дефинираат програмата и најверојатно ќе ја прифатат понудата на организаторот - Бугарскиот фудбалски сојуз. 

Нема коментара:

Постави коментар