Powered By Blogger

30. 6. 2013.

Георгиев најдобар натпреварувач на турнирот

ВО БИТОЛА ПРЕД ГОЛЕМ АУДИТОРИУМ, ОДРЖАН ЧЕТВРТИОТ МЕМОРИЈАЛЕН ТУРНИР „ЉУПЧО НЕДЕЛКОВСКИ„
Овој викенд во спортската сала „Младост„ во Битола се одржа четвртиот меморијален турнир „Љупчо Неделковски„ во организација на кик-боксинг федерацијата на Македонија и КК Самурај од Битола. Пред повеќе од 2000 љубители на овој спорт, кој во нашата земја е во голем прогрес, близу два часа љубителите на кик-боксот видоа седум одлични борби и многу добри резултати на македонските кик-боксери.
За најдобар натпреварувач на турнирот прогласен е македонскиот натпреварувач, Димитар Георгиев, кој во својата категорија со совлада србинот Драгишиќ по големо витештво. Битолската публика посебно мотивирана ги бодреше нивните сограѓани Александар Димовски - Димса и Александар Најдовски - Сканта кои издвојуваа победи во своите категории. Претседателот на Македонската кик-бокс федерација, Александра Неделковска, на градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески, му врачи благодарница и плакета за неговиот голем придонес и континуирана поддршка за развој на кик боксот во Битола. Турнирот го прогласи за отворен градоначалникот Талески кој потсети на големите успеси во кик боксот на спортистите Гордана Цветковска Бошевска и Тони Бошевски, кои на Битола и донесоа медали од светски натпревари: „Ви честитам за прекрасната организација и Ви посакувам успешен турнир. Битола постојано покажува дека има исклучителни спортски таленти, затоа и нашата поддршка е континуирана. И во идниот период продолжуваме да вложуваме во развојот на спортот во нашата општина. Овој куп е уште една потврда на потенцијалот со кој располага Битола за развој на кик боксот. Високиот адреналин веќе се чувствува во публиката. Чест ми е и официјално да го прогласам за отворен четвртиот меѓународен меморијален кик - боксинг куп.", рече Талески.
Финални резултати:
Предборби
-71кг. Дејан Дамевски (Македонија) - Рикард Блекаи (Албанија) 0:3
-67к. Бојан Крстевски (Македонија) - Марио Брахими (Албанија) 1:2
Професионални борби
-75кг. Ненад Манојловски (Македонија) - Ремзи Адаџи (Црна Гора) 1:2
-75кг. Димитар Георгиев (Македонија) - Слаџан Драгишиќ (Србија) 3:0
-75кг.  Далибор Огненов (Македонија) - Марко Николиќ (Црна Гора) 3:0
+91 кг. Александар Димовски - Димса (Македонија) - Мирослав Вујовиќ 3:0
-81кг. Александар Најдовски - Сканта (Македонија) - Митар Николов (Црна Гора)  3:0
                Натпреварувањето одлично беше организирано, а присуствуваа и првите луѓе на македонската кик боксинг федерација, селекторот Дејан Митревски - Урко, а посебно голем интерес привлече легендарниот црногорски кик-боксер Игор Стругар - бивш петкратен европски првак во пет различни категории. Во неделата во спортската сала ,,Младост " се одржува и Државното јуниорско и кадетско првенство кое е изборно за претстојното Европско првенство во Полска во месец септември.

Нема коментара:

Постави коментар