Powered By Blogger

11. 7. 2013.

„Сефте„ за Жуниор, најпозитивен Пелистер за крај

Пелистер одигра најквалитетно во четвртиот тест на бугарско тло и го совлада освојувачот на српскиот Куп
Пријателски меч:
Пелистер - Јагодина 2:0 (1:0)

Стадион во Разлог (Банско) - Бугарија. Гледачи: 100
Главен судија: Ѓорѓи Иванов
Асистенти: Емил Вангелов и Николај Марков (сите од Бугарија)
Стрелци: Жуниор од пенал во 3 и К. Степановски во 69 минута за Пелистер
Жолти картони: Христов, Марковски, Мојсов (Пелистер), Илиќ (Јагодина)

Пелистер:
Пашовски, Китановски, М. Степановски, Драгарски, К. Степановски, Христов, Мојсов, Миленковски, Жуниор, Елмазовски, Марковски
Уште играа: Апослтоловски, Љамчевски, Ивановиќ, Лескароски, Велевски, Дуков, Анастасов

Јагодина:
Џуричиќ, Пројиќ, Милинковиќ, Илиќ, Стојков, Петричевиќ, Костиќ, Стојановиќ, Малиниќ, Младиновиќ, Стоичев
Уште играа: Јокиќ, Дукиќ, Михајловиќ, Томиќ, Дамјановиќ
                Во последниот четврт тест на бугарските подготовки, Пелистер го одигра најдобриот меч против најквалитетниот противник. На само една недела од европското деби со Рубин Казан во Лигата на Европа, српскиот Куп освојувач Јагодина настапи со комбиниран тим на првотимци и резерви против Пелистер, бидејќи ден претходно играше тест меч со Банско и го доби со 3:0. Пелистерци доминираа во текот на целиот меч, креираа многу и дозволија само неколку шанси на србите во последните десетина минути. Уште во третата минута Жуниор украде една топка крај невнимателниот Милинковиќ и на 7-8 метри од голот, чуварот на мрежата на Јагодина Џуричиќ го сруши и судијата Иванов покажа на белата точка. Бразилец на рутински начин ја реализираше најстрогата казна и го орвори резултатот, со својот прв гол во зелениот дрес. Во 11 минута Малиниќ од дистанца го принуди на првата интервенција капитенот на битолчани Пашовски. Шест минути подоцна по акцијата на Мојсов, брзоногиот Жуниор бие по земја, но во блокот на сините од Јагодина. Во 21 минута прекрасни движење и инвидуална акција на Марковски, кој од 16-17 метри шутира над голот. Најзрелата шанса во првиот дел, Јагодина ја имаше во 33 минута, кога Стоичев биеше од 8-9 од десно, но Елмазовски со глава спаси сигурен гол. Првиот дел заврши со два убави шута на пелистерци во само една минута. Китановски со левата и Мојсов со десната нога шутираа многу блиску до рамката од голот на Џуричиќ. 
Второто полувреме и покрај неколку замени, Пелистер го одигра многу искусно, со долг посед на топката и по некоја закана за втор гол. Во 48 минута по центаршутот на Миленковски, расположениот Марковски со глава не ја зафати најдобро топката и Џуричиќ ја скроти. Во 63 минута судиите не досудија евидентен прекршок врз Менде Степановски, па во продолжението на акцијата Малиниќ шутираше од 15 метри од лево, но Дарко Апостоловски одлично интервенираше. Во 68 минута се случи клучниот момент во мечот. Мојсов во празно го најде Жуниор, кој му побегна на Илиќ и овој го сруши на 17-18 метри, кога бразилецот изби сам пред Џуричиќ. Кирил Степановски од слободен удар низ живиот зид, зголеми на 2:0. По овој гол, зелените ја „нагазија„ топката и само во последните 10 минути му овозможија шанси на фудбалерите на Јагодина. Леповиќ во 81 минута од лево проба да го изненади Апостоловски, но без резултат и Стојановиќ во 84 минута од поволна позиција го погоди само блокот на Драгарски. Во последните три минути Дуков и Љамчевски имаа убави можности низ контри за трет гол, но нивните удари беа за малку непрецизни. Значајна победа за самодовербата на младата екипа на Бочевски пред последните три дена, кои ќе бидат исполнети со тренинзи од тактичко-техничка природа. Битолчани во Македонија се враќаат в недела навечер.  

Нема коментара:

Постави коментар