Powered By Blogger

6. 7. 2013.

Пелистер солиден, Литекс со пресврт во вториот дел

ОДИГРАН ПРВИОТ КОНТРОЛЕН НАТПРЕВАР НА ПЕЛИСТЕР НА ДРАГАН БОЧЕВСКИ ВО БУГАРИЈА
Литекс - Пелистер 3:1 (0:1)
               
Градски стадион во Тетевен - Бугарија. Гледачи: 200
Судии: Ивајло Петров
Асистенти: Пламен Химков и Венцислав Банчев (сите од Бугарија)
Стрелци: Попов во 48 и Џордан во 69 од пенал и во 90 минута за Литекс, а Марковски во 9 минута за Пелистер

Литекс:
Пиргов, Попов, Будуров, Миланов, Неделков, Берберовиќ, Златинов, Џазула, Валуши, Вангер, Манолов
Уште играа: Деспотов, Колев, Џордан, Генчев, Даскалов, Орлинов

Пелистер:
Пашовски, Китановски, М. Степановски, Драгарски, К. Степановски, Миленковски, Мојсов, Љамчевски, Жуниор, Марковски, Дуков
Уште играа: Анастасов, Мустафов, Лескароски, Елмазовски, Н. Христов, Велевски, Ивановиќ, Т. Магловски, Мирчевски
                Во меч игран по натопен терен и со дожд, кој паѓаше во текот на целото попладне во Тетевен, македонскиот прволигаш Пелистер првиот тест го имаше против силниот бугарски прволигаш Литекс, кој веќе четири недели е во тренажен процес и се наоѓа на точно две недели од стартот на бугарското првенство. Силен пријателски меч за избраниците на Драган Бочевски по само осум дена тренинзи. Сепак во првиот дел кога битолчани настапија со таканаречениот прв тим, играа рамноправно, па и го добија овој дел од мечот. Откако Жуниор, кој блескаше во сите 75 минути кои ги помина на теренот, не реализира зицер во 8 минута, Пелистер во наредниот напад поведе. Бразилецот одлично во празно го проигра Марковски, кој од тежок агол од десната страна ја протна топката меѓу нозете на Пиргов. Пелистер имаше многу поголема самодоверба по голот, а дополнителна сигурно влеваше голманот Пашовски со серијата интервенции и Жуниор со инвидуалните потези. Берберовиќ од слободен удар во 11, Манолов со глава по корнер во 17 и Вангер од само пет метри во 19 минута беа најблиску до израмнување. Но пелистерви одолеаа и во 34 минута беа блиску до 2:0. Китановски мина по десната страна, одлично центрираше по земја, натрча Филип Миленковски, но неговиот удар заврши за малку крај дирекот. Четири минути подоцна, Жуниор одлично го најде дебитантот Дуков, чиј што зицер, во последен момент Миланов го исфрли во корнер. Во вториот дел двата тренери извршија многу замени, а уште на стартот од продолжението, домаќините се вратија во мечот. Џазула изведе корнер од десната страна, Страхан Попов високо скокна небранет од никого на втора статива и ја погоди мрежата на Пашовски. Пелистер обрзо одговори со опасни контри, главно преку Жуниор. Токму неговата акција во 68 минута и додавањето од Николај Христов, му понудија убава можност на бразилецот, но од убава позиција ја погоди мрежата од надворешната страна. Минута подоцна стигна казната. По еден навидум неопасен напад на колумбиецот Џордан, Китановски стартуваше, а се чини престрого главниот судија Петров покажа на белата точка. Истиот фудбалер, корпулентниот Џордан го совлада Пашовски од единаесет метри. Тотално младата екипа на Пелистер преполна со момчиња од 17-18-19 години, одговори со неколку шанси за израмнување. Анастасов опасно центрираше од слободен удар во 72 минута, но Пиргов избоксува. Опасна контра на Мустафов и Анастасов заврши без завршница во 81 минута. Во последната минута од регуларниот дел, резервистот Колев убаво нафрли од десната страна, а Џордан високо скокна и со глава ги постави финалните 3:1 за Литекс. Арбитражата на бугарските судии непрофесионална и на моменти смешна. Пелистерци имаа серија на протести и неправилности му претходеа на првите два гола на Литекс. Одличен тест и многу позитивни вибрации од првиот Пелистер на Драган Бочевски оваа сезона.
Пашовски нов капитен по повредата на Ристевски

                Во очекување на целосно опоравување на капитенот Димче Ристевски, кој ќе биде подготвен дури наредната година, негов заменик е голманот Горан Пашовски, кој е еден од најискуните во сегашниот ростер на Пелистер. Пашовски одигра одличен меч во неговото деби како капитен со Литекс.

Николај Христов најново засилување?

                Бугарскиот фудбалер за врска Николај Христов се наоѓа на проба во Пелистер и одигра 45 минути против Литекс. Тој има 23 години, доаѓа од прволигашот Ботев Враца и со Пелистер е и во Банско, каде ќе има нова шанса да покаже што знае и да потпише перманентен договор. Одигра многу солиден дел од мечот во Тетевен, против петто пласираната екипа во минатото бугарско првенство.

Мирчевски дебитираше со 16 години

                Откако беше приклучен кон првата екипа, младиот кадетски репрезентивец Мартин Мирчевски со само 16 години дебитираше за Пелистер на официјален меѓународен натпревар. Тој во 75 минута го замени Жуниор и одигра борбен завршен дел од натпреварот. Се работи за нов бисер од академијата на Пелистер и фудбалер кој одскокнува од своите врсници не само во Пелистер, туку и во целата држава.    


Нема коментара:

Постави коментар