Powered By Blogger

8. 7. 2013.

Бочевски задоволен од двата теста

ПЕЛИСТЕРЦИ ИМАА ПОМИРЕН ДЕНЕШЕН ДЕН, ПРЕД УТРЕШНИОТ НОВ ТУРНИРСКИ МЕЧ ВО БУГАРИЈА
По напорниот пат и двата престижни пријателски меча со Литекс и Локомотив Пловдив, фудбалерите на Пелистер добија рекуперација во текот на утрото и слободно попладне. Немаат многу време до наредниот меч од турнирот „Пири 2013„ бидејќи утре во необичен термин од 9 часот изутрина по македонско време, ќе се соочат со бугарскиот второлигаш Монтана, кој одигра без голови со штипска Брегалница во првото коло. Тој меч го следеше и спортскиот директор Миле Димов и има престава за наредниот ривал. Монтана е многу млада екипа, која сепак му создаде проблеми на штипските сини. Тренерот на пелистерци Драган Бочевски е задоволен од првите два теста и не штеди комплименти за своите фудбалери: „Мора да бидам задоволен од сработеното до сега и од двата пријателски натпревари. Шанса добија скоро сите фудбалери, сите се однесуваа многу професионално, дисциплинирано и оптимист сум дека се наоѓаме на вистинскиот пат. Резултатот е во втор план, иако мора да напоменеме дека игравме со две квалитетни бугарски екипи, кои се во петтата недела од подготовките,а ние имаме само десетина дена тренинзи. Се надевам дека вака само ќе продолжиме„ ни рече охриѓанецот. Надвор од екипата, но во тренажен процес повторно се Мустафов, Вељановски и Алтипармаковски, кои набрзо ќе се вратат со полн интензитет како и останатите. Она од што најмногу е задоволен Бочевски е одбранбениот ред кој со доаѓањата на Пашовски и Менде Степановски доби на искуство и цврстина. Утре против Монтана од првата минута ќе почне бугарскиот фудбалер на проба Николај Христов, кој одигра по половина час на првите контролни средби и има позитивни сигнали дека ќе му биде понуден перманентен договор.
Четири теста по враќањето од Бугарија

                Пелистер ја дефинира програмата за последната трета фаза од подготовките, која ќе ја комплетира во Битола и веќе се знаат термините за четири пријателски меча со македонски прволигаши и второлигаши, кои ги побара стручниот штаб. На 18, 21,25 и 28 јули Пелистер ќе се соочи со два тима од Втората лига (Новаци и Победа) во термините сред недела, а за време на викендите ќе игра со прволигашки спаринг партнери, кои ќе бидат одредени откако ќе биде познат календарот за новата сезона, која почнува на 4 август. 

Нема коментара:

Постави коментар