Powered By Blogger

10. 7. 2013.

Пелистер го комплетира мозаикот

ПОЛОВИНА ОД БУГАРСКИТЕ ПОДГОТОВКИ И БИТОЛСКИОТ ПРВОЛИГАШ ГИ СТАВА КОНТУРИТЕ НА ТИМОТ ЗА НОВАТА СЕЗОНА
По три контролни средби во четири дена, фудбалерите на Пелистер можеа конечно да влезат во нормален ритам на тренинзи и парче по парче го комплетираат мозаикот за новата сезона. Бочевски работи со 23-24 фудбалери од кои надвор од стројот превентивно се Бурхан Мустафов и Сашко Дуков. Тие двајца и Марјан Алтипармаковски нема да настапат утре на последниот пријателски меч во Банско со штипска Брегалница. Новиот тренер на битолчани најмногу доверба има во одбраната и скоро да не ја менува во првите неколку средби од предсезоната. Новиот капитен голманот Горан Пашовски верува дека Пелистер пред себе има голем предизвик и високи амбиции: „Радосен сум заради моето враќање во вака организиран и играчки квалитетен Пелистер. Почестен сум што за прв пат во кариерата ја носам капитенската лента во мојот матичен клуб. Тоа носи голема одговорност и верувам дека добро ќе се справам со предизвикот. Што се однесува до екипата, имам впечаток дека Пелистер е посилен во сите линии за разлика од минатата сезона, но тоа мора да го покажеме на теренот. Напорно работиме, сите добро знаат што значат базичните подготовки и со ваков ентузијазам сите заедно во Битола можеме до нешто многу големо„ ни рече бившиот чувар на мрежата на Напредок, кој ја почна својата трета епизода во Пелистер. Утре со Брегалница, стручниот штаб на Пелистер планира да ја подигне минутажата на таканаречените првотимци на 65-70 минути, но пак планирано е шанса да добијат сите кои се подготвени за овој меч. Иако Бочевски потенцира дека резултатот не е во прв план, по едно реми и два порази, битолчани не сакаат без триумф да се вратат од Бугарија.
Алтипармаковски без повреда, влезе во нормален тренажен процес

                Иако се пожали на болки во препоните, младиот напаѓач Марјан Алтипармаковски нема сериозна повреда и од вчера нормално тренира со екипата. Во Благоевград беше извршена магнетна резонанца, која исклучи секаков вид на сериозна повреда и бившиот фудбалер на Ксанти полека фаќа приклучок со нивото на форма на останатите. Првите минути по враќањето во неговиот матичен Пелистер, Алтипармаковски треба да ги очекува наредната недела на контролните мечеви во Битола.
Николај Христов задоволи, ќе потпише договор со Пелистер

                По 4-5 дена работа со групата и три контролни натпревари во кои играше по 30-45-55 минути, бугарскиот интернационалец Николај Христов ги задоволи вкусовите на стручниот штаб на Пелистер и штом се врати со екипата во Битола ќе потпише едногодишен договор со македонскиот клуб. Христов е фудбалер за врска со две-три сезони во нозете во Првата бугарска лига за Ботев Враца и ќе претставува алтернатива повеќе во средниот ред, посебно во дефанзивните задачи.
 
Главевски со нов договор, но мора на операција

                Како и на зимските подготовки и на овие летните во групата на пелистерци недостасува напаѓачот Благојче Главевски. Тој уште на првите тренинзи во Битола почувствува болка во коленото и по неколку консултации и магнетна резонанца, утврдено е дека се работи за сериозно истегнување на лигаментот, заради кое ќе мора да биде подложен на оперативен зафат. Скоро сигурно Главевски го очекува подолга пауза и неговото враќање, како и на капитенот Ристевски, се очекува во пролетниот дел од шампионатот, во наредната 2014 година. Пелистер покажа дека има доверба во овој фудбалер и му понуди двогодишен договор, кој во наредните неколку дена ќе биде потпишан.

Нема коментара:

Постави коментар