Powered By Blogger

1. 3. 2013.

„Зелените„ едвај го чекаат стартот на дербито

ПО НЕКОЈА ДИЛЕМА ОКОЛУ СТАРТНИОТ ТИМ, НО ПЕЛИСТЕРЦИ ПОДГОТВЕНИ ДЕРБИТО УШТЕ ВЕДНАШ ДА ПОЧНЕ
По денешниот  тренинг во прекрасен сончев амбиент, стручниот штаб на Пелистер на чело со Гордан Здравков има две непознаници околу стартниот тим, по една во одбраната и во нападот. Но пристапот во мечот е најважната работа која сите ја потенцираат. Младинскиот репрезентативец Томе Китановски верува дека овие 90 минути можат многу да му помогнат на Пелистер да се доближи до целта наречена, опстанок во лигата.
„Ние сме подготвени. Овој меч го чекаме цела зима. За мотивацијата и не треба да говориме. Доаѓа Вардар, нашиот стар должник и ривал. Плус доаѓаат како лидери и ние ги респектираме. Но во Битола знаеме дека можеме да играме со секого, посебно на крилата на нашите навивачи. Оптимист сум дека в недела попладне сите заеднички ќе се радуваме„ истакна офанзивниот десен бек на зелените. Овој меч треба да биде прво „вечно„ дерби за Христов и Кекец, доколку добијат шанса во првиот тим, а скоро сигурно контурите на организацијата на играта ќе му бидат доверени на прилепчанецот Тони Мегленски, за кого голем предизвик е настапот против неговиот бивш клуб. „Мислам дека на вакви мечеви решаваат детали. Дури и не мора да се фудбалски. Важно е да го интерпретираме мечот како што треба, а резултатот ќе си дојде сам по себе. Не менува многу што играме против екипа која не победи ниту еден контролен натпревар. Сепак играа со силни противници, а сосема поинаку е да се игра за бодови во еден одличен амбиент како в недела, а друго во контролен меч со серија на замени. Ја повикувам публиката да не подржи, а ние ќе возвратиме со добар настап, верувам и победа„ заклучи Мегленски. Пелистерци надежи полагаат во Благојче Марковски, кој скоро на сите контролни натпревари беше стрелец и треба да продолжи онаму каде што застана Благојче Главевски во есенскиот дел. Битолчани веќе со недели говорат само за овој натпревар. Денес беа продадени и последните билети и „Тумбе кафе„ утре треба да биде полн и мотивиран за „вечното дерби„ Последен пат пелистерци успеаа да извлечат поволен резултат со Вардар пред три сезони кога со голот на Марјан Алтипармаковски, црвено-црните паднаа во Битола. Генерално мечевите на лутите ривали се исполнети со тензија, малку голови и неретко црвени картони. Надежта е дека в недела полемиките ќе бидат потиснати во втор план и македонскиот аудиториум ќе има можност да ужива во најдоброто што нашиот клубски фудбал го поседува.
„Тумбе кафе„ достапен за 450 навивачи на Вардар

                Од ФК Пелистер вчера стигна официјална информација до Вардар и до ФФМ дека трибинскиот простор наменет за гостински навивачи собира 450 луѓе и дека според пропозициите и за домашни и за меѓународни натпревари, вардаровите навивачи без проблем можат да пристигнат во толкав број. Сите останати немаат простор нити влезница за на стадион и ќе мора да го следат мечот на импровизиран начин.

Нема коментара:

Постави коментар