Powered By Blogger

31. 3. 2013.

Пелистер се враќа со бод, кога веќе в џеб имаше три во Турново

ЕДНА ОД НАЈДОБРИТЕ ГОСТИНСКИ ПАРТИИ НА ПЕЛИСТЕР ОВАА СЕЗОНА И РЕМИ КАЈ ВТОРОПЛАСИРАНИОТ ХОРИЗОНТ ТУРНОВО
Прва фудбалска лига - 22 - коло

Хоризонт Турново - Пелистер 2:2 (0:1)

Во ретко драматичен и за македонски услови квалитетен натпревар, фудбалерите на Пелистер успеаа да извлечат бод од гостувањето на „Кукуш„ во Турново, иако имаа реални опции дури и за цел плен.
Тренерот на битолчани Гордан Здравков подготви тактика 4-2-4 со плејмејкерите Рутевски и Ристевски како најистурени и без класичен напаѓач. Таа формација комплетно го неутрализира второпласираниот тим на табелата, во чии редови недостигаа суспендираните Блажевски и Мојсов. Така првиот дел мина во тактички перфектно добиена партија шах за битолчани. Се играше 29 минута кога капитенот Ристевски убаво мина по десната страна, го пронајде Сашо Лазаревски на спротивната, а овој со идеално прецизна дијагонала по земја го отвори резултатот. Пелистер делуваше многу зрело и организирано и не ризикуваше ништо до одморот. Само неколку прекини по кои не интервенираше Петровски, беше заканата на избраниците на Димитковски. Пелистерци имаа 3-4 огромни опции за втор гол, но ударите на Лазаревски и Ристевски беа изблокирани,а Рутевски фати волеј на кој му недостигаа сантиметри да го повтори ефектниот гол од пред две недели.
                На почетокот на вториот дел домашните црвени играа нешто поагресивно, но во недостиг на зрели шанси во 53 минута следеше првата спорна одлука на до тогаш одличниот Александар Ставрев. Драгарски во скок ја расчисти опасноста пред Балдовалиев, но интернационалниот судија од Скопје досуди слободен удар на 17 метри од голот на гостите. Балдовалиев со евро-гол преку живиот зид го израмни резултатот во првиот директен удар кон противничкиот гол. Но само 60 секунди подоцна нов спорен момент, овој пат во противничкиот казнен простор. Незадржливиот Китановски мина по десната страна и на самата гол-аут линија стигна пред Стојан Димовски, кој непотребно стартуваше и го примора Ставрев неумоливо да покаже на белата точка. Рутевски беше неумолив и од третиот пенал за Пелистер оваа сезона за прв пат ја погоди целта. Од тој момент се одеше на „воденицата„ на екипата на Здравков. Се до фамозната 78 минута, кога една од ретките вредности на мак-фудбалот Александар Ставрев направи да му се смее цел „Кукуш„ а веројатно деновиве по емитувањето на ТВ снимката и целиот национален спортски аудиториум. Имено нововлезениот Симеон Христов стигна пред Василев и расчисти во аут и кога сите очекуваа прекршок врз Христов кој беше погоден од противничкиот фудбалер, Ставрев со огромно задоцнување покажа пенал, на домашно одобрување и протести на битолчани. Најжесток беше Лазаревски кој заработи директен црвен картон. Зоран Балдовалиев ја реализираше најстрогата казна за 2:2. До крајот 12 минути плус 5 надополнување, турновци жестоко напаѓаа и најблиску до победа беа во 89 минута кога Стојанов со глава биеше за малку над пречката. Огромен парадокс. Илче Петровски не го ни извалка дресот, немаше ниту една интервенција и прими два гола од повеќе од сомнителни прекини. Значаен бод за Пелистер на истокот од државата и дури шести последователен натпревар со позитивен резултат за прволигашот од под Тумбе кафе. Штета што заради бламажата на Ставрев не ја забележа првата гостинска победа и остана без казнетите Елмазовски и Лазаревски во среда во Скопје со Металург.

Ставрев во Барселона, Москва, Торино како швајцарски саат, во Турново како почетник за потсмев

                Еден од ретките судиски професионалци за кого сите во нашата земја се сложуваат е Александар Ставрев. Сите заеднички се гордееме на неговите перформанси во Лигата на шампионите и Лигата на Европа, но зошто тој ист Ставрев и неговите асистенти кои не асистираат скоро за ништо, во нашето првенство дозволува да биде како секој друг судија. Да не говориме каков е третманот на еден мак-великан како Пелистер кај делителите на правдата. Од 180 минути оваа сезона со Хоризонт Турново оваа сезона, скоро 100 минути мечевите се играа 11 против 10 во полза на турновци. Дали се случајни грешките на Костенчев (го исклучи Драгарски со директен црвен картон во Битола) и на Ставрев просудете сами. И в недела пак истите ривали играат меѓу себе во Битола и надежта е дека тоа пак ќе биде гледлив натпревар, но 11 против 11.     

Нема коментара:

Постави коментар