Powered By Blogger

28. 2. 2013.

„Ел Македонико„ може да почне!

НАЈВАЖНИОТ НАТПРЕВАР ВО МАКЕДОНСКИОТ КЛУБСКИ ФУДБАЛ Е ПОДГОТВЕН. ВО „ЗЕЛЕНИОТ„ ТАБОР СПРЕМНИ ЗА ПРЕДИЗВИКОТ НА ТЕРЕНОТ И НАДВОР ОД НЕГО
На денешната прес-конференција во конференциската сала на стадионот под Тумбе кафе, можеше да се почувствува стариот ривалитет на големото македонско дерби. Исчекување, интерес за секој детал, организациони моменти пренеси од клубската управа и уште безброј мали нешта поврзани со мечот што најмногу значи во нашиот клубски фудбал. Во него за прв пат како тренер ќе учествува Гордан Здравков, кој не можеше да посака помотивирачки натпревар:
„За мене овој меч е „Ел Македонико„ - најдобро што можеме да понудиме од домашниот фудбал. Ние го дочекуваме подготвени. Скоро сите фудбалери кои ги планиравме се здрави, со исклучок на Главевски и Тони Вељановски. Овој вториот има реални шанси да се најде во ростерот за средбата. Мислам дека во вакви мечеви нема фаворити, не треба посебна мотивација и убеден сум дека ќе решаваат малите нијанси, можеби клучен ќе биде некој детал не од тактичка туку од психолошка природа„ заклучи Здравков. Еден од оние кој го почувствувал „вечното дерби„ од двете страни е Димче Ристевски кој не крие дека ова е посебен натпревар. „Оној кој мисли дека ќе биде лесно, се лаже. Исто така оној кој не играл вакви натпревари, не знае што значи Пелистер - Вардар посебно за нас битолчани. Одработивме 45 дена подготовки. Се одеше по планот и мислам дека спремни го дочекуваме Вардар и фудбалската пролет. Мотиви не се потребни, бидејќи ни гостува лидерот и најлутиот ривал и верувам дека сите заедно со навивачите в недела ќе се радуваме„ истакна капитенот на зелените. Во името на бордот на директори Миле Димов пренесе дека направени се сите обиди мечот да мине во најдобар ред и Пелистер да биде беспрекорен организатор на вечното дерби. „Имавме серија на средби и со првите луѓе на федерација и со луѓето од Вардар и со нашите навивачи и членови на полицијата. Ангажиравме и агенција за обезбедување, која засилено ќе ја извршува својата задача на стадинот. Тука е и редарската служба и претставници на полицијата со кои сме во постојана комуникација. Имавме неколку средби со нашите навивачи и верувам дека тие 90 минути ќе бидат празник на фудбалот. Апелирам до нашата армија симпатизери да се однесуваат фер и коректно. Ви Битола никогаш немало лоша организација. Секогаш проблем биле изолираните инциденти, кои верувам дека сега ќе ги избегнеме со нашата постојана работа и комуникација со сите страни„ заврши Димов. 
Под Тумбе кафе се очекува полн стадион, а единствените преостанати билети од утре ќе бидат разграбани. Се очекува во градот под Пелистер да пристигнат и голем број на тренери и фудбалски работници, кои кај управата на клубот најавиле посета во свечената ложа. Тревникот под Тумбе кафе е одличен и условите за игра во тој поглед ќе бидат максимални. Екипата на Здравков утре од 14 часот ќе го има предпоследниот, а в сабота изутрина последниот тренинг пред дербито. Битолскиот стручен штаб има 1-2 дилеми околу стартниот тим, кои ќе бидат разрешени во последен момент. „Не не залажуваат негативните резултати на Вардар на контролните средби. Треба да бидеме стрпливи, агресивни, но контролирано агресивни и не треба да не понесе атмосферата и гледалиштето. Вистинското почнува в недела и за нас и за противникот. Со нетрпение го очекувам овој меч и оптимист сум за конечниот исход„ не се криеше тренерот на битолчани Здравков. Битола со денови го подготвува овој спектакл, а сите кои при срце ја имаат зелената боја посакуваат реванш за трите есенски порази од Вардар.

Нема коментара:

Постави коментар