Powered By Blogger

18. 3. 2013.

Бодовите со Силекс вредат, но остануваат и грешките и проблемите

ПРВ ПАТ ОВАА ПРОЛЕТ БИТОЛСКИ ПЕЛИСТЕР СЛАВИ ПОБЕДА И ТОА НЕВЕРОЈАТНО ВАЖНА ВО ДИРЕКТЕН ДУЕЛ ЗА ОПСТАНОК
Ако има некој витален натпревар кој вреди не три туку шест бода, тоа сигурно беше неделниот меч со Силекс. Многу потешко од предвиденото, со подобро второ од прво полувреме, екипата на Гордан Здравков ја забележа првата победа под новиот тренер.
На крилата на оние најискусните, битолчани успеа да го направат тоа што во првиот дел со организирани акции, помладите не успеаа да го сторат. Така во натпревар во кој имаше се и сешто, Пелистер по одличниот старт и двете шанси на Марковски, веднаш потоа прими гол и ризикуваше да прими уште еден. Но фантастичната лева нога на Рутевски и луцидноста на ветеранот Драган Димитровски го донесоа пресвртот. Кога Рутевски ги изведува прекините од било која позиција е секогаш опасно, а Димитровски кој не ни беше планиран да заигра на овој меч, пак го употреби своето најсилно оружје (ударот со глава) да го постигне победоносниот гол. Така зелените помирно дишат и со петтиот последователен позитивен резултат побегнаа 6 бода од зоната која води во Втората лига и полека му дишат во врат на екипите кои се 2-3 позиции пред битолчани. Првата зацртана цел и освоените 5 бода од пролетните три меча можат помирно да му донесат спокој на пелистерци во наредните две недели. Здравков им даде два слободни дена на своите пулени и в среда пак ќе се вратат во тренажен процес. Наредната цел е да се подобри скорот на гостувањата каде Пелистер има само два нерешени резултати. Сигурно наредниот ривал Хоризонт Турново не е најдобра опција за прекинување на лошата серија надвор од Битола, но избраниците на Здравков гаат надежи дека таа серија еднаш мора да прекине. До тогаш стручниот штаб ќе мора да работи без младинските репрезентативци Христов, Китановски и Драгарски кои ќе играат два контролни меча со Турција и БиХ, но најверојатно во завршна фаза е рекуперацијата на Кире Степановски и Благојче Главевски. Двајцата се скоро опоравени и му недостигаат само уште натпревари и ритам за да конкурираат во стартниот тим на наредниот натпревар.    

Нема коментара:

Постави коментар