Powered By Blogger

17. 3. 2013.

Ветераните го „препородија„ Пелистер

РУТЕВСКИ И ДИМИТРОВСКИ ВО ВТОРИОТ ДЕЛ ГО „ИЗВАДИЈА ОД КАЛ„ ПЕЛИСТЕР ВО ДЕРБИТО ЗА ОПСТАНОК СО СИЛЕКС
Прва фудбалска лига - 21 - коло

Пелистер - Силекс 2:1 (0:1)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 300
Главен судија: Никола Костенчев
Асистенти: Игор Ширилов и Дејан Неделковски (сите од Скопје)
Делегат: Миле Андоноски (Прилеп)
Стрелци: Рутевски во 71 и Димитровски во 82 за Пелистер, а Ѓорѓиев во 10 минута за Силекс
Жолти картони: Китановски, А. Вељановски, Димитровски (Пелистер)
Црвени картони: нема

Пелистер:

Коруновски, Китановски, Драгарски, Лескароски, Лазаревски, Мегленски, С. Магловски (од 46м. А. Вељановски), Елмазовски, Рутевски (од 81м. Кекец), Христов (од 62м. Димитровски),
Марковски 

Силекс:

Божиновски, Стаменковиќ, Павловиќ, Петров, Кариќ, Савановиќ, Тимовски, Мијатовиќ, Марков, Велинов, Ѓорѓиев (од 76м. Миленов)

Играч на натпреварот:
Благојче Рутевски (Пелистер)

            Директниот дуел за опстанок против Силекс, битолскиот прволигаш мораше да го игра без пожолтените Ристевски и Тони Вељановски. Затоа тренерот на Пелистер, Гордан Здравков го смени системот на игра, го доближи Симеон Христов до Благојче Марковски во нападот, а Благојче Рутевски требаше да го замени капитенот во организацијата на играта. Мечот почна со два удари од аголот за кратовчани, но во 5 минута по убавото додавање на капитенот Елмазовски, напаѓачот Благојче Марковски изби пред Божиновски, но премногу в десно и биеше, па гостинскиот голман одби во поле. Четири минути подоцна истиот фудбалер изби пак пред гостинскиот голман и шутираше премлако за да го открие резултатот. И по двете пропуштени шанси, наместо водство битолчани примија гол. Комплетно невнимание на домашните дефанзивци и голманот Коруновски, посебно централните фудбалери и Николчо Ѓорѓиев изби пред Коруновски го мина и ја смести топката во празната мрежа. Дури пелистерци да се соземат екипата на Небојша Петровиќ лесно можеше до втор гол. Во 22 минута Велинов убаво биеше од десната страна од неколку метри, но Пеце Коруновски рефлексно интервенираше. Во централната фаза на полувремето, Пелистер ја превзеде иницијативата, постојано ја имаше топката во своите нозе, но не успеваше да се закани сериозно како во раната фаза. Најзрелата шанса ја имаше Лескароски кој по корнерот на Рутевски од неколку метри не успеа да ја втурне топка во празната мрежа. На три минути до одморот, Сашо Лазаревски центрираше, топката му „легна„ на левата нога на Рутевски, чиј што волеј од 15-16 метри заврши за малку крај дирекот на веќе совладаниот Божиновски. Скромно прво полувреме во кое помудрата и посреќната екипа обезбеди водство.    
            На почетокот на вториот дел Александар Вељановски влезе во игра на местото на Стефан Магловски и зелените се обидоа со поофанзивен среден ред да направат пресврт. Рутевски од дистанца се обиде во 49 минута, но Божиновски остана „буден„ Во 52 минута пелистерци бараа најстрога казна заради игра со рака на Кариќ, но Костенчев не ја прекина играта. Само минута подоцна Велинов пак им побегна на домашната одбрана и биеше од тешка позиција, но Коруновски добро се постави и успеа да одбрани. По петтиот домашен корнер изведен од Александар Вељановски, младинскиот репрезентативец Китановски високо скокна и од 5-6 метри со глава биеше, но Кариќ исфрли во корнер спасувајќи сигурен гол. Во 17 минута од вториот дел Гордан Здравков го внесе ветеранот Драган Димитровски на местото на Христов. Домашната екипа видно ја превзеде иницијативата, но сето тоа беше јалово и без зрели шанси за израмнување. Но во 71 минута Рутевски изведе слободен удар од 35 метри од десната страна и остро центрираше. Топката ги прелета сите, никој не ја зафати топката и таа заврши во мрежата на Божиновски. На осум минути до крајот на мечот домашната клупа го повлече одлучувачкиот потег. Хрватот Кекец влезе во игра на местото на најпозитивниот Рутевски, веднаш центрираше од левата страна и вториот резервист Драган Димитровски со глава ја погоди целта. По кој знае кој пат ветеранот го спасува Пелистер, кога скоро сите го отпишаа. Во 89 минута Елмазовски прекрасно го пронајде Китановски, кој изби сам пред Божиновски, но биеше многу непрецизно крај голот. Истиот фудбалер, брзоногиот Китановски ја погоди пречката во третата минута од судиското продолжение. Така Пелистер повеќе со срце, одколку со глава, потпирајќи се на своите ветерани забележа витална победа во борбата за опстанок. Прва радост за екипата предводена од Гордан Здравков и петти меч без пораз за битолскиот прволигаш.      
              

Гордан Здравков
(тренер на Пелистер)

            Некогаш да се стигне до победата треба и малку среќа и многу борбеност и среќа. Токму тоа беше на наша страна денес, посебно во второто полувреме кога го направивме пресвртот. Тоа беше многу тврд и изеднашен меч во кој мислам дека ја заслуживме победата и сакам да им честитам на моите фудбалери.

           
 Небојша Петровиќ
(тренер на Силекс)

            Ние ја имавме нашата шанса, го контролиравме натпреварот, но домаќинот смогна сили и направи пресврт. Мислам дека треба да жалиме за пропуштената шанса, бидејќи денес од Битола можевме да останеме непоразени. Честитки за домашните фудбалери кои играа многу борбено и славеа во овој квалитетен натпревар. 

Нема коментара:

Постави коментар