Powered By Blogger

17. 10. 2012.

Битолскиот „дијамант„ во градот на дијамантите

БИТОЛЧАНЕЦОТ ТОМЕ ПАЧОВСКИ НА ПОЧЕТОКОТ НА СВОЈАТА ЧЕТВРТА СЕЗОНА ВО БЕЛГИЈА, ПРВА ВО НОВИОТ КЛУБ - МЕХЕЛЕН
Антверпен е град на дијамантите. Во центарот на градот постојат десетици дуќани за дијаманти кои најчесто ги изработуваат евреи. Со децении тоа е главната асоцијација за овој град. Од спортска гледна точка денес Антверпен ја има познатата атлетичарка во скок во височина Теа Елебо и уште многу, многу малку.
Од 1993 година и финалето на Купот на Куповите на тогаш славниот Антверпен на Дика Стојановиќ, Леноф и Чернатински и поразот од Парма, фудбалот не заживеал до крај во ова место. Во вториот белгиски град по големина, Пачовски е веќе четврта година. Веќе се привикна на белгискиот начин на живот, на тамошните принципи, на темпото на живот. Откако премина во Мехелен секојдневно патува по 30 километри до тренинг кампот на некогаш славната белгиска екипа, која сега е во средината на табелата на белгиската Јупилер ПРО лига. Битолчанецот е еден од тројцата македонски интернационалци во оваа земја. Не многу далеку од него се Тричковски, кој од оваа сезона игра на 50км. од Антверпен во Бриж и Александар Трајковски кој ја развива својата кариера во Зулте Варегем, по успешната кариера која ја изгради во Хрватска. „Колку повеќе не има толку е подобро, затоа што пошироко се слуша за нашите квалитети и отворени се вратите за доаѓање на нови фудбалери од Македонија. До минатата сезона тука настапуваше и Ндерим Неџипи, а тука во Антверпен долги години живее и Игор Саша Николовски, со кого се гледам секојдневно, многу ми помага, често разговараме и неговото искуство ми е добредојдено„ раскажуваше Томе Пачовски.
               Подзаспаниот гигант Мехелен е клуб со славно минато, но веќе некоја деценија мака мачи да си го добие местото во врвот на белгискиот фудбал. Самиот податок за европските финалиња во минатиот век, за имињата на Мишел Пруд Ом и Марко Вилмотц, кажуваат дека овој клуб бил привлечен за многу големи фудбалери во минатото, а од макединските интернационалци кратко за Мехелен играше и Ванчо Мицевски. Белгиската лига со место во втората по ранг европска категоризација на квалитетни првенства, малку ја размрдаа Раул Браво кој дојде во Бершот (бившиот клуб на Пачовски) и Едјур Гудјонсен во Серкл Бриж. Денес целта на Мехелен е да влезе во првите шест екипи, да се бори за што е можно повисока позиција во плеј офот, а ако се укаже шанса и да излезе во Европа. Малиот „Аргос„ стадион собира 12-13.000 гледачи и најавено е реновирање од наредната година. Секојдневно на тренинг центарот веднаш до главниот терен, тренираат црвено-жолтите. Во екипата со многу странци, видливо доминираат африканците, а многу брзо по првите неколку средби нашиот Пачовски се избори за статусот стандарден првотимец во Мехелен. „Тој е несомнено квалитетен, има многу голема самодоверба, сега е уште поодговорен откако стана татко. Мислам дека долго ќе остане кај нас и ќе го чува нашиот гол„ велеше за Пачовски тренерот на голманите на Мехелен Лук Дувил. Тој говори само француски, па нашиот чувар на мрежата е приморан да го учи овој јазик на кој најчесто комуницираат во Мехелен. Еден од оние со кој македонецот најмногу другарува е сенегалецот Бубакар Диабанг, кој добро говори српски заради четирите сезони минати во сараевски Железничар. „За разлика од БиХ тука првенството е добро организирано и поквалитетно. Со Пачовски имаме добар однос, често се дружиме и мислам дека оваа сезона имаме и екипа за висок пласман. Инаку и како личност голманот е одличен. Тука сме ние двајца и босанецот Панџа и често разговараме на српски јазик„ ни рече страничниот фудбалер на Мехелен кој досега постигнал 11 гола за клубот, а по повредата на левиот бек принуден е да игра и во одбраната. Инаку нашиот репрезентативен голман најчесто другарува со колегите од просторите на бивша Југославија кои играт во белгиската Јупилер ПРО лига. Скоро секојдневно контактира со хрватот Микулиќ, со кого до лани играше во Бершот. Во добри односи е и со Милан Јовановиќ, Бојан Јорганчевиќ, Милош Мариќ и Иван Леко.
               Белгија е убава и земја која многу му нуди на своите жители. Но облачното и врнежливото време деновиве го опаѓа моралот и расположението на луѓето. Пачовски од пред три месеци доби син, го доби малиот Максим и за него тоа е најгололемата среќа во животот. „Сум освојувал многу трофеи, но раѓањето на Максим за мене е најголем трофеј. Кога го држам во рацете, чувствувам посебна енергија. Еве наполни веќе три месеци, со мене е тука 1 и пол  месец, а останатото време со мајка му го поминува во Битола. Веќе ми недостига„ велеше Пачовски.   
                Во националната репрезентација битолчанецот е од поодамна. На најновата смена во националниот тим гледа позитивно. „Мислам дека смената на Тошак за мене беше очекувана. Едноставно човекот не ги познаваше добро нашите фудбалери, не ја следеше нашата лига. На негово место дојде Јаневски кој е сосема спротивен профил на тренер. Гледате дека е многу посветен, секојдневно го следи и домашното првенство. Првите неколку средби наговестија дека доаѓаат подобри денови за нашата репрезентација„ оптимист е Пачовски.
               Битолчанецот наскоро го очекуваат нови предизвици и на клубска и на репрезентативна сцена. Назад во Белгија, неговиот Мехелен му гостува на Андерлехт во Купот, а во Јупилер ПРО лигата токму Андерлехт и Стандард доаѓаат на „Аргос арената„ до крајот на годината. Доволно силни предизвици за Пачовски да ја „зацементира„ единицата на голот на Мехелен.  

Зоран Мишевски
(Утрински весник - 17.10.2012)

Нема коментара:

Постави коментар