Powered By Blogger

22. 10. 2012.

Кобни првите 15 минути

ВО СВОЈОТ НАЈСЛАБ МЕЧ ВО СЕЗОНАТА, ПЕЛИСТЕР И ПО ПЕТТИ ПАТ ПОРАЗЕН НА ГОСТУВАЊАТА
Ако поразите во Скопје од Работнички и Вардар беа плод на несреќни околности и детали, а од Металург Пелистер загуби достоинствено играјќи долго време со човек помалку, поразот во Кратово и тоа како ги погоди пелистерци.
Не заради тоа што дојде од екипа која до тој меч имаше само една победа, туку заради начинот на кој Силекс ги впиша трите бода. Лошиот влез во средбата, двата примени гола во првите 15 минути, оставија траги врз натпреварот и Пелистер не успеа да се врати до крај во игра. Ниту јаловата иницијатива и двата удари во рамката од голот на Силекс, не го сменија развојот на работите. Главниот оперативец на Пелистер Сашо Здравевски опоменува на мобилизација во таборот на зелените за што е можно побрзо да се излезе од оваа ситуација и да се побегне од дното.
                „Игравме незамисливо лошо и тоа треба да ги замисли фудбалерите во пресрет на наредните средби. Недозволиво е да се пристапи така во еден многу важен натпревар. Мора да го заборавиме овој натпревар и да се насочиме на наредните неколку средби, кои се нов сериозен предизвик за нас. В недела ни доаѓа лидерот Хоризонт Здравје, па во ноември имаме серија на мечеви со Шкендија, Металург и два пати со Вардар во Купот„ заврши Здравевски.
                Петтиот гостински пораз Пелистер го прави најлош гостин во лигата и заедно со Тетекс единствена гостинска екипа која не донела бод од мечевите на своето „буниште„ Против Хоризонт Здравје в недела екипата ќе биде посилна за Александар Вељановски кој два меча отсуствуваше заради црвениот картон од „вечното дерби„ а можеби ќе се опорави и Димче Ристевски кој заради повреда ги пропушти претходните две средби.

Нема коментара:

Постави коментар