Powered By Blogger

18. 10. 2012.

Повредите залечени, се чека само капитенот

ПЕЛИСТЕР НАЗАД ВО ТРЕНАЖЕН ПРОЦЕС ГО ПОДГОТВУВА ГОСТУВАЊЕТО КАЈ СИЛЕКС В НЕДЕЛА
Одложениот натпревар од четвртфиналето на Купот добро им дојде на Горазд Михајлов и стручниот штаб на Пелистер. Уште од првенствениот натпревар со Вардар, зелените останаа без 5-6 стандардни првотимци, кои заради казни или повреди не настапија против Дрита. За разлика од тој состав кој одигра само 1:1 со новиот прволигаш под „Тумбе кафе„ пелистерци за неделното гостување кај претпоследниот Силекс ќе бидат посилни за 3-4 клучни фудбалери.
Се враќаат Димитровски, Лазаревски, Китановски. Единствено Александар Вељановски ќе мора да го „одлежи„ вториот натпревар пауза заради исклучувањето со Вардар. Добро се развива и опоравувањето на капитенот Димче Ристевски, кој се повреди на тренинг пред мечот со Дрита. Тој веќе почна со тренинзи, но најверојатно нема да ризикува и наместо со Силекс, враќањето на теренот ќе го има со Хоризонт Здравје од Турново наредниот викенд.
                На денешниот тренинг, битолчани беа посилни и за Томе Китановски и Христијан Драгарски, кои дебитираа за репрезентацијата под 21 година, која во Куманово ја совлада Црна Гора со 1:0. Во Кратово Пелистер има само една победа на последните 5 гостувања и мака мачи да го разбие малерот и да донесе некој бод надвор од Битола оваа сезона. По четирите врзани порази, екипата на Михајлов верува дека против Силекс, пелистерци можат да слават и на гостински терен. Веднаш по овој меч почнува серијата на натпревари во краток временски период, па на стручниот штаб ќе му требаат што е можно повеќе фудбалери за да може да ги ротира во двете натпреварувања.   

Нема коментара:

Постави коментар