Powered By Blogger

7. 10. 2012.

Рутевски спречи сензација

Дрита долго време мечтаеше за подвиг во Битола, но левоногиот резервист го спаси Пелистер од пораз
Пелистер - Дрита 1:1 (0:1)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 1.000
Главен судија: Дејан Јакимовски
Асистенти: Дејан Неделковски и Андреј Гиев (сите од Скопје)
Делегат: Спасе Панџак (Охрид)
Стрелци: Рутевски во 74 минута за Пелистер, а Нухиу во 27 минута за Дрита
Жолти картони: Ивановиќ, Драгарски (Пелистер), Османи, Садики (Дрита)
Црвени картони: нема

Дисконтинуитетот во игрите го следи Пелистер цела фудбалска есен. Од блескави партии, до мечеви со неубедлив ритам и збркани акции. Така беше и вчера попладне под „Тумбе кафе„ кога Дрита долго време сонуваше за првата победа во шестиот официјален меч со Пелистер. Дуелот со кој се заврши минатиот шампионат на Втората лига започна мирно со испитивање на силите и само три корнери како возбудувања во првите 10 минути. Пелистер почна хендикепиран без казнетите Александар Вељановски и Томе Китановски и повредените Ристевски, Димитровски и Лазаревски. Во прекрасен амбиент околу 1.000 вљубеници на фудбалската игра долго чекаа на првите емоции пред Коруновски и Баснарков. Во 18 минута по центаршутот на капитенот Елмазовски, топката стигна до Главевски кој премногу чекаше и Баснарков му влета во шутот. Од тој момент зелените го засилија ритамот и постојано се играше на половината на гостите од Боговиње. Но во 25 минута вистинско чудо е како не поведоа гостите. Минас Османи убаво центрираше од десната страна, топката ја прелета целата домашна одбрана, но Горан Станковски од само неколку метри со глава биеше крај голот. Тоа како да не беше доволна опомена за битолчани кои минута подоцна примија гол. Салики мина по десната страна, одбраната на Пелистер остана на крива нога и по додавањето на Салики од само еден метар на втората статива Нухиу ја втурна топката во празната мрежа. Реакцијата на зелените беше млакиот удар на Благојче Главевски во 31 минута, но биеше млако и централно за да го загрози Баснарков. И Анастасов во 34 минута имаше поволна ситуација, но му недостигаше завршниот удар. Ако зелените мака мачеа да ги поврзат редовите, уште повидливи беа дупките во одбраната. Така Горан Станковски во 40 минута имаше пенал во движење, но за малку го промаши голот на Пелистер од многу поволна позиција.  Но најзрелата шанса ја имаше Главевски, кој во 45 минута излезе сам пред гостинскиот гол и распали со десната нога, но топката заврши сантиметри крај левиот дирек на гостите. Збрканиот прв дел на пелистерци гостите го казнија и на одмор заминаа со позитива и засилен морал.   
            Вториот дел започна со реакција на домашната екипа и удар со глава на Тони Вељановски по корнерот на Елмазовски. Неколку минути подоцна пак Елмазовски, овој пат со удар од работ на шеснаесетникот се закани. Тренерот на Пелистер Горазд Михајлов мораше да посегне и по Сашо Лазаревски од клупата и покрај неговата повреда на рамото од „вечното дерби„ Пелистерци наметнаа вештачки притисок без многу зрели шанси, но со многу мешаници и конфузни ситуации во казнениот простор на Дрита. Но по единствениот излет во вториот дел, Мифтари убаво го пронајде Нухиу но неговиот одличен удар од 13-14 метри заврши за малку крај голот. И казната стигна само шест минути подоцна. Домашната клупа го внесе Благојче Рутевски и овој во првиот контакт со топката од слободен удар од близу 30 метри ја затресе мрежата на гостите од Боговиње. Пелистер се обиде да стигне и до останатите два бода и преку Лескаровски со глава во 84 минута беше најблиску. Ни по триминутното надополнување егал позицијата под Тумбе кафе не се смени, па по втор пат во првенството во Битола се дели пленот со резултат 1:1.         


Горазд Михајлов
(тренер на Пелистер)

Честитки за фудбалерите на двете екипи. Дрита се претстави како озбилен противник, а нашите изостаноци си го направија своето. Штета што не ги искористивме нашите шанси упте во првото полувреме. Следниот натпревар е со Вардар, што значи дека не треба посебна мотивација за тој натпревар.


Ане Андовски
(тренер на Дрита)

Мислам дека нерешениот резултат е реален. Ако бевме малку посконцентрирани можевме да ги освоиме сите три бода. И во првиот и во вториот дел имавме свои шанси, но ги имаше и Пелистер, па затоа мора да бидам задоволен. Честитки за домаќинот за одличната организацијата на средбата.  


Дрита подобра во Битола одколку во Боговиње

            Вчерашниот меч во Битола беше шести во првенството или Купот на Пелистер и Дрита. Ако трите средби во Боговиње, Пелистер успеа да ги добие, дури и без примен гол, во Битола по втор пат Дрита останува непоразена со многу поубедлива партија одколку во Боговиње. 

Нема коментара:

Постави коментар