Powered By Blogger

27. 10. 2012.

Очекуван пораз во Струмица

По исчекувањата, започната новата кошаркарска сезона со убедлив пораз на Пелистер во Струмица
Струмица - Пелистер 81:53 (21:13 , 19:14, 26:14, 15:12)

По двонеделно одлагање започна кошаркарскиот шампионат на Македонија. На гостувањето кај Струмица, кошаркарите на Пелистер на Благој Печалов очекувано убедливо загубија од домашната екипа. Зелените со скоро истиот тим кој ја избори промоцијата, без Ѓорѓи Талевски кој се пензионираше, само во првите 15 минути играше рамноправно со домаќинот.
Потоа поквалитетната и поискусна екипа својот квалитет го исфрли на површина. Богоев и Јањушевиќ одлична ја организираа играта на Струмица, а гостинскиот капитен Зоран  Петковски главно со удари од дистанца и тројки парираше. Така со тројката на Узунов во последните секунди од првата четвртина, Струмица по 10 минути имаше 21:13. Но по поените на Марјановиќ на стартот од вториот период, настана серија на струмичани. Гоцевски, Спасов и Јањушевиќ доминираа во мечот и со подобра реализација и офанзивен скок на големиот одмор се отиде со 40:27.
                И ако првите 20 минути беа коректни, извесно беше дека во продолжението тешко дека екипата од Битола ќе може и физички да му парира на поквалитетниот противник. Со тројките на Јевтиќ и Богоев набргу беше 54:29. Предноста за само 2-3 минути отиде над 20 разлика и до крајот дилема беше само конечниот резултат. На крајот огромни 28 разлика за екипата на Струмица во неизедначен натпревар, со коректно надигрување. Во победничката екипа Јањушевиќ постигна 16, а Спасев 14 поени. Најефикасен на средбата беше Зоран Петковски со 18 поени. Кај зелените Захариевски имаше 9 скока, најмногу на средбата. Во наредното второ коло в сабота Пелистер го игра првиот домашен натпревар во лигата, во која единствен ривал приближен по квалитет му е Вардар.   

                

Нема коментара:

Постави коментар