Powered By Blogger

18. 10. 2012.

Има ли крај на гостинските порази за Пелистер?

ПО ЧЕТИРИ ПОРАЗИ НАДВОР ОД БИТОЛА, ПЕЛИСТЕР СЕ МОБИЛИЗИРА ЗА ГОСТУВАЊЕТО КАЈ СИЛЕКС
По две недели без официјални натпревари и главна тема од претходниот или наредниот меч со Вардар, во фудбалска Битола конечно време е да се игра фидбал. Гостувањето во Кратово е нова пресвртница за младата екипа на Горазд Михајлов, во чиј што стручен штаб покрај Кире Стерјов се приклучи и Ванчо Мицевски на местото на Зоран Штерјовски кој замина за Монголија.
Токму Мицевски важеше за расен голгетер, кој дел од својата кариера ја мина во прволигашот од Кратово. „Знам дека во Кратово има максимални услови за надигрување, Силекс игра ист офанзивен стил на игра и верувам дека таква игра му лежи на Пелистер. Оптимист сум дека можеме да се израдуваме на првата гостинска победа во сезоната„ заклучи еден од ретките македонски голгетери во клубот 100 во нашето првенство.
                Пелистер ги залечи повредите на неколку свои клучни фудбалери кои не играа со Дрита во 9 коло. Така Димитровски е подготвен да му се приклучи на Благојче Главевски во нападот, Лазаревски нема болки во рамото, дури и Павлов тренира редовно со соиграчите. Сите тие се во комбинација за стартниот тим в недела, а единствено капитенот Димче Ристевски се уште ја лечи повредата добиена пред 15 дена на тренинг во Битола. Во овој период играта на Пелистер одлично ја диригира Стефан Магловски и токму тој треба да ги „влече конците„ и в недела на теренот на Силекс. „Во ниту еден момент не ја загубивме самодовербата по поразот од Вардар и ремито со Дрита. Знаеме дека ако сите го дадеме максимумот, нашето место на табелата е во горниот дел. Имавме доволно време во претходните две недели да тренираме со редовен ритам и да се концентрираме на Силекс, кој има многу подобар тим одколку што тоа го говори табелата. Во неделата и во Купот тоа го потврдија. Оптимист сум дека гостувањата нема повеќе да бидат табу-тема за нас по мечот в недела„ заврши Магловски.
                Пелистерци најавуваат дека нема да го менуваат системот на игра кој почнувајќи од мечот со Ренова драстично ги подобри карактеристиките на фудбалерите, посебно на оние со офанзивни ингеренции. Бод или победа во Кратово ќе го донесе Пелистер блиску до својата граница оваа есен - 50% успешност на освоени бодови во лигата.

Нема коментара:

Постави коментар