Powered By Blogger

2. 5. 2013.

Германците се вистинскиот тип

Се сеќавам на мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја во 2002 година. Од никаде само со две вистински звезди, но прави лидери на теренот Оливер Кан и Михаел Балак, Германија дојде до финале, водена добро од Руди Фелер и ако не беа бразилските инвидуалци, можеше и до титулата. А тие беа неталентирани и не срамеа тоа да го кажат. Бидејќи останатите беа Рамелов, Линке, Мецелдер, Хаман, Јеремис, Боде, Фрингс, Шнајдер, Новил и сличен калибар.
Во споредба со ова што го имаат денес или што го имаа во периодот 1990-92 година, жива „боранија„ Па какви би биле ние ако ја имаме сега со овие услови и тренери, нашата генерација? Се прашуваше тогаш Руди... Но од тоа второ место започна целосната реконструкција со нова национална стратегија на германскиот фудбал. Првата клучна одлука беше професионализација на младинските школи. Не дека до тогаш ја немаше, туку беше симболична, само во неколку поголеми центри. А сега е комплетна и секое лето одскокнува некоја нова млада звезда, која се развива по вистинскиот пат. На таа национална стратегија му недостигаа само уште два фактори. Инфраструктура и вистински луѓе на вистински места. А германците се професори и за едната и за другата работа. Впрочем секогаш сум велел - Фудбал знаат да играат латините, германците и балканците. Сите останати интерпретираат фудбал, а да го играат, не знаат. Пред 10-15 години поим на овие простори беше англиски стил на стадион, со близина меѓу гледачите и протагонистите. Но германците, тој шаблон не само што го потиснаа, туку го направија смешен. Кога англиските стадиони се градеа сред градска населба, меѓу апартмани и блиску френфентни улици, германците сите тие знаци ги отфрлаа и изградија „вселенски летала„ кои не само што се поубави, покомфорни, туку носат многу повеќе пари, по што боли глава. Замислете за мундијалот во Германија 2006 година еден „Везер„ во Бремен не ги исполнуваше условите да влезе во дванаесетката на која се играа натпреварите. 
А пред некој месец Алекс Фергусон од неколку дневната посета на Германија се вратил со прашалници и без одговори на некои прашања. Како е можно еден просечен Хамбургер да има силни маркетингшки договори, па побогати дури и од Челзи и Арсенал? се прашуваше Ферги. Како тие клубови изградиле таков состав на спонзори и ги покриле недостатоците од приход од европски натпревари и продажба на дресови со друг вид на маркетинг? Но германците напоредно со изградбата на најмодерните спортски објекти на планетата, го зголемија приходот за 120-150% и сега задоволно ги тријат рацете. А за луѓе, за вистински кадар, тие никогаш немале проблем. Матијас Замер, Јоаким Лоу, Јирген Клоп, Оливер Бироф се само дел од луѓето кој добија одговорни функции и стриктни ингеренции. Развојот течеше во сите категории од 2006 до денес, со посебен нагласок на репрезентативниот фудбал. Скоро во сите младински селекции Германија е на самиот врв. Но не се најважни трофеите, туку правилниот развој на младите фудбалери. Денес нема поголем трофеј од Геце, Милер, Ројс, Гундоган, Шурле, Дрекслер, Бадштубер и уште плеада на други „бисери„ Поголема сатисфакција за стручната категорија, кога младите асови растат од 15 до 20 години до сениорски репрезентативци не постои. Последниот спрат на изградбата на германската фудбалска куќа, беше исчекорот на клубовите. Баерн секогаш бил Баерн, но тоа бил изолиран успех кој не го следеле останатите. Прво начинот на кој фунционира Бундеслигата сама по себе го прави најдобро организирано првенство во светот. Со подмирени долгови кон сите структури, со платени даноци, со јасна ТВ платформа, со лига од 18 клуба што е подобро одколку со 20 и покрај тоа што не е најкомерцијално, со повеќе дневни од вечерни натпревари во викенд, со вистинска политика на ценење на гледачот и со полни стадиони и со тоа и полни џебови. 
Нема дилеми, проектот постепено ја достигнуваше целта. Недостигаше само да се појави некоја екипа како Борусија да го направи кругот на квалитетни екипи поголем, да ја зацврсти голема германска група на тимови. Изолираните успеси на Шалке или претходно Баер Леверкузен, Вердер, останаа само изолирани, а наредната цел на „панцирите„ веројатно ќе им биде да створат голема германска тројка или четворка. А сили и пари за тоа имаат и не верувам дека ќе ги заплашат понудите на големите англиски или шпански екипи за нивните млади бисери. А и неслучајно од сезоната 2011/12 Германија има место повеќе во Лигата на шампионите, а од наредната сезона 2013/14 Германија ја минува Англија на второто место на евро-листата за двата купа. Разликата меѓу германските и шпанските екипи оваа сезона прво е физичка. Ретко, скоро никогаш не сум видел некоја екипа да игра вака физички моќно во април, во мај, како Баерн, кога сезоната е на крај и тоа една година по европското првенство каде Германија имаше видна улога. Кои се причините за нивната свежина, снага, капацитет. Германците тврдат дека зимската пауза е најдоброто што може да им се случи, а другите играат и во најладните месеци. Тоа колку за тема за размислување, бидејќи и Фергусон инсистира на таква пауза во Премиер лигата. Германскиот систем на надворешни влијанија е перфектен. Кореспондира со сериозноста на целата држава, на целото општество. Фудбалот им е важен, но исто колку што им беше важен и пред 50 години. Нема потреба за драми, за каприци, за таблоиди и скандали. Нема причини за ништо такво, барем не до сега, кога милионите вртат побрзо, но не верувам дека нешто радикално ќе сменат. Бидејќи Баерн го купува Геце без ниту еден ден весниците да пишуваат за преговорите. Бидејќи само во Германија никого не го интересира името на судијата на еден натпревар во Бундеслигата. И ако тој судија погреши, веднаш по натпреварот ќе се извини и тоа јавно. Потранспарентен производ од ова, тешко ќе пронајдете. Тој кој што е прв, заслужено е таму. Привилегии нема за никого, ни за Баерн, ни за Гројтер. Приказната продолжува околу визионерството. Како Баерн ги бираше тренерите во последните 4-5 години. Луј Ван Гал + Јуп Хејнкес. Стратегија за цела една деценија. Неслучајно, холанѓанецот ги откри Милер, Крос, Бадштубер исто како тоа што го направи во Барса со Пујол, Чави и Иниеста. Хејнкес само го усоврши моделот, го направи од холандски фудбалски романтичен, до германски конкретен и уште поцврст, пофизички. Планот на Баерн успеа. Изборот на прави луѓе кај нив не може да затаи. Како би промашиле кога ја имаа најфудбалската управа во светот. Кога умови како Румениге, Хенес и Бекенбауер нешто ќе наумат на темата фудбал, тешко дека тројцата можат да погрешат. Сега ракавицата е фрлена кај соседот. Кај Борусија која се соочува со закана да заостане во развојот од моќта на Баерн. Затоа Клоп сега ја има задачата да го покаже повторно визионерството кое го покажува со години. Визионерството кога Сахин го замени со Гундоган, кога место Кагава го доведе Марко Ројс. Од добар уште подобар. И сега веројатно ќе ја има најтешката задача, како да пронајде нов Геце и нов Левандовски. Но јас верувам во Клоп. Борусија пак ќе биде на врвот или околу врвот во Германија и во Европа. Прашање е колку и до каде можат останатите. Финансиската моќ на Баер Леверкузен или на Шалке 04 на пример е поскромна од Борусија, а да не говориме од Баерн. Но Клоп го покажа патот. Стратег околу кого се врти цела фудбалска стратегија и проект во стилот: препознај, вредновај и валоризирај талент, за да имаш стабилна финансиска структура и постојано да си во Лигата на шампионите. Како на пример Шурле или Дрекслер. Два бисери кои денес вредат најмалку 20 милиони и можат да донесат голем профит, но само ако се одбере тајминг и се надополни со адекватна замена. Само така проектот постојано во позитива и во Лигата на шампионите ќе опстане. Во спротивно ќе дојде некој нов Волзбург, Борусија Менхенгладбах или Штудгарт со едногодишен блесок. 
Значи проектот голема четворка е наредниот предизвик на лигата на иднината. На лигата на вистински вредности. Лигата во која звезди има се помалку, но тоа е лига која исфрли екипи како звезди. Веројатно со доаѓањето на Пеп нешто малку ќе се смени, но Баерн секогаш бил германски Холивуд. Растот на Бундеслигата не е многу зависен од Баерн. Тие секогаш биле ТОП. Молскавичен е растот на останатите и бројот на млади таленти како производ на планот кој почна во 2002 година. Инфраструктура, вистински луѓе и вреднување на сопствените школи. И сега доаѓа финансиската моќ, која не е за занемарување. Не е огромна како тајкуните во Премиер, затоа што во Германија не може било кој да дојде и да купи клуб. И не е неправедно огромна како шпанските гиганти кои ги земаат сите пари од ТВ правата и тоа со години однапред. И потоа бараме лојална конкуренција. Бундеслигашите одеа по друг пат, по легалниот, по правилниот. Реално не е така комерцијален, нема арапи, руси, рекламни спотови и слично, но има структура за децении и децении. Впрочем не сум слушнал дека некој германски клуб пропаднал. Сите па и најзаборавените се враќаат. И Фортуна Дизелдорф, еве од наредната сезона и Ајнтрахт Брауншвајг. Секаде па и таму тоа е резултат на некој проект, ништо случајно, ништо изолирано. Но да не биде се баш, мед и млеко и германците имаат свои болки. Мора да направат уште неколку големи чекори за да го добијат статусот на италијанците во деведесеттите и на шпанците во новиот милениум. Но ако треба на некого да се обложите, германците се вистинскиот тип.               

Нема коментара:

Постави коментар