Powered By Blogger

12. 5. 2013.

Ѓорѓиев се забавуваше под Тумбе кафе

ДЕБАКЛ НА ПЕЛИСТЕРЦИ И ИНВИДУАЛНО ШОУ НА НАПАЃАЧОТ ЃОРЃИЕВ КОЈ ПОСТИГНА ЧЕТИРИ ГОЛА ВО БИТОЛСКАТА МРЕЖА
Прва фудбалска лига - 29 - коло

Пелистер - Силекс 2:4 (1:2)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 300
Главен судија: Александар Ставрев
Асистенти: Марјан Кировски и Душко Милошевски (сите од Скопје)
Делегат: Тони Донев (Валандово)
Стрелци: Ѓорѓиев во 18 од пенал, во 29 ,73 и 84 минута за Силекс, а Лескароски во 45 и Миленковски во 90 минута за Пелистер
Жолти картони: Китановски, Ристевски, Димитровски (Пелистер), а Мијатовиќ, Иванов (Силекс)
Црвени картони: Т. Магловски во 29 минута за Пелистер

Пелистер:

Петровски, Китановски,  Т. Магловски, Лескароски, Лазаревски, Елмазовски,
А. Вељановски (од 82м. Мустафов), Ристевски,  Миленковски,  Христов (од 58м. Димитровски), Главевски (од 76м. Марковски)

Силекс:

Божиновски, Иванов, Ѓорѓевиќ (од 46м. Стојков), Петров,  Велинов, Мијатовиќ,
Кочоски, Савановиќ, Тимовски,  Марков (од 74м. Митевски), Ѓорѓиев 


Играч на натпреварот:
Николчо Ѓорѓиев (Силекс)

По врнежливо време и пред рекордно мал број на гледачи, Пелистер имаше императив да слави против давеникот Силекс од Кратово. Новиот предводник на пелистерци Миле Димов се соочи со проблеми за составување на тимот, па во заден час одпаднаа заради повреда Драгарски, Магловски, Степановски и Тони Вељановски. Битолчани брзо наметнаа иницијатива и по првиот корнер, топката погоди в рака еден од гостинските дефанзивци по ударот на А. Вељановски, но Ставрев не се огласи. Во 7 минута Томе Китановски се обиде од слободен удар, но неговиот шут заврши преку голот. Уште позрела шанса имаше Симеон Христов по додавањето на Лазаревски во 13 минута, но напаѓачот не се снајде најдобро и пропадна одлична опција за отворање на резултатот. Но наспроти домашно водство, дојде најлошото можно сценарио за битолчани. Велинов фати една контра, го лансираше Марков кој изби сам пред Петровски и Тони Магловски го сруши во ситуација за постигнување на сигурен гол. Ставрев го исклучи Тони Магловски, а Ѓорѓиев го реализираше пеналот за водство на кратовци. Пет минути подоцна Савановиќ не ја заврши одличната контра на Марков и шутираше над голот. Пелистерци уште не се созедоа од шокот, а примија и втор гол, Велинов фантастично мина по левата страна, убаво центрираше, а Николчо Ѓорѓиев со глава ефектно ја затресе мрежата на Петровски. Во 33 минута гостинската клупа бараше второ исклучување за битолчани, заради игра со рака на Петровски надвор од шеснаесетникот, но Ставрев не го прекина натпреварот. Доминацијата на Силекс можеше да донесе и трет гол во домашната мрежа. Савановиќ во 39 минута од 10-12 метри полулево, шутираше по земја за малку крај дирекот на Петровски. Екипата на Димов се разбуди со ударот на Александар Вељановски од 30 метри во 42 минута, но топката заврши крај дирекот. Во последната минути од првиот дел по слободниот удар на А. Вељановски, топката ја пренесе Главевски на втора статива, а таму Лескароски ја втурна топката во празната мрежа. Се разбранува домашниот табор и се појави трошка надеж за пресврт во вториот дел.    
            Инерцијата на почетокот на вториот дел донесе иницијатива на Пелистер со човек помалку. Повеќе со срце одколку со глава, избраниците на Димов го потиснаа Силекс во противничкиот казнен простор. По еден час игра Драган Димитровски влезе во игра на местото на Христов и со два високи напаѓачи, зелените се преонтираа на игра на високи топки. Миленковски во 64 минута се осмели на удар од голема дистанца, но централниот шут го примири Божиновски. Играта на контранапади им донесе и трет гол на гостите. Велинов по левата страна убаво мина и остро центрираше, а Ѓорѓиев го комплетираше своето перфектно попладне со трет гол. Напаѓачот на Силекс постави нога околу петерецот и го матираше Петровски. Нов психолошки удар за фудбалерите на Пелистер, кои пак мораа да го бркаат невозможното.На 13 минути до крајот Благојче Марковски влезе на местото на Главевски и веднаш заедно со Димитровски му се закани на гостинскиот голман Божиновски. Но и среќата во 79 минута ги напушти пелистерци и од самата гол-линија дефанзивците на Силекс расчистија. И играта на тотален ризик не им даде резултати на домашните. Савановиќ пресече една акција на фудбалерите на Пелистер и пак Ѓорѓиев изби сам пред Петровски, го мина и ја пласира топката во небранетата мрежа. Инвидуален спектакл на гостинскиот напаѓач кој го повлече Пелистер кон дното и ги уништи амбициите за директен опстанок на битолскиот прволигаш.  Во судиското надополнување Миленковски од мешаница ја втурна топката во мрежата за финални 2:4. Најлош домашен натпревар на Пелистер, кога најмногу требаше и кога зелените ги обновија своите надежи да го избегнат баражот. Вака во последните четири кола им треба подвиг да завршат пред деветтото место.             

           
Tрајче Сенев
(тренер на Силекс)

И на претходните два натпревари со Брегалница и Вардар одигравме добри натпревари, но денес момците беа одлични. Одиграа како што се договоривме, ги искористивме нашите шанси и заслужено славевме. Честитки за Пелистер за коректниот натпревар и добрата организација. 

Нема коментара:

Постави коментар