Powered By Blogger

27. 5. 2013.

Без математика за пелистерци во Тетово

НА ТЕРЕНОТ КАДЕ МНОГУ РЕТКО ПОЕНТИРАЛЕ, ПЕЛИСТЕРЦИ СЕГА ЌЕ МОРААТ ДА ПОБАРААТ БОДОВИ ЗА ОПСТАНОК
Минаа скоро десет дена од мечот со Ренова и последната победа во меч за бодови на битолски Пелистер. Во тој период наредниот ривал на зелените, тетовска Шкендија имаше тензични две продолженија од финалето на Купот против Тетекс.
Токму во таква клима, избраниците на Миле Димов го подготвуваат клучниот меч за иднината на битолскиот клуб во Првата лига. Пелистерци знаат дека не зависат сами од себе за директен осптанок во лигата, туку со едно уво мора да ги следат измените на резултатите во Тетово (Ренова - Дрита) и Кичево. Но од управата на Пелистер веруваат дека најдобра опција е да се избрише математиката од главата и да се направи обид за изненадување. Во Тетово Пелистер има многу лош биланс во мечевите со Шкендија, а веќе оваа сезона тоа го почувствува. На крајот на ноември минатата година, поведе преку Китановски, но прими три гола во финишот на првиот дел и загуби. Димов го има целиот ростер на располагање, иако неколку стандардни првотимци се ровити и до крај нема да се знае дали ќе бидат подготвени за настап. Главевски, Тони Вељановски и Симеон Христов не се фит, но ќе бидат во комбинација за ова гостување. Тоа што на Шкендија мечот нема многу да му значи за напредок на табелата, не ги залажува пелистерци дека лесно ќе минат. Многу често оваа пролет, битолскиот прволигаш загуби бодови од таканаречени извесни дуели. Затоа поуката мора навреме да биде донесена пред мечевите со Шкендија и Напредок од кои ќе се знае дали Пелистер ќе обезбеди опстанок или по втор пат во својата историја ќе мора да игра бараж.

Нема коментара:

Постави коментар