Powered By Blogger

20. 7. 2015.

Дрогришки доби нов засилен договор и капитенска трака во Пелистер


СРЕДБА СО НОВИНАРИТЕ И ОТКРИВАЊЕ НА ПЛАНОВИТЕ ЗА СЕЗОНАТА НА РК ПЕЛИСТЕР
На официјална средба со новинарите, новиот раководечки тим на Пелистер ги претстави плановите за новата сезона и обелодени во која насока ќе се движи преодниот рок на битолскиот суперлигаш. Главната вест беше одлуката младинскиот репрезентативец на Македонија, Стефан Дрогришки да го продолжи договорот со клубот.
„Можам да потврдам дека Дрогришки во следните две сезони ќе го носи дресот на Пелистер со многу подобри услови од досегашните и со капитенската лента на раката. Ќе биде најмлад капитен во историјата на клубот, што уште еднаш покажува колку веруваме во него. Исто така можам да го обелоденам враќањето и на Кире Митревски, веќе официјализираниот премин на Игор Арсиќ во нашите редови, како и ревидираните финансиски подобри договори на сите наши ракометари од ланскиот ростер„ рече координаторот во клубот, Стевче Стефановски. Дрогришки, кој е производ на школата на клубот, ја откри причината за неговото останување во матичниот клуб и покрај многубројните понуди: „Останувам во Пелистер заради овие луѓе. Ним потполно им верувам и Пелистер со овој проект е на вистински пат„ рече Дрогришки. Стефановски потврди дека имало само информативен разговор со Раде Стојановиќ, но ништо повеќе од тоа. „Раде Стојановиќ јас го донесов во Битола и кај мене дебитираше во репрезентацијата. Имаме одличен однос и имавме информативен разговор. Приоритет му е странство, а само доколку тој приоритет не се оствари, дополнително би разговарале за негово враќање во Битола. Можам да потврдам дека ќе потпишеме со уште тројца домашни ракометари. Со нив веќе имаме постигнато договор и административните детали не ни овозможуваат да ги претставиме пред јавноста. Ќе дојдат и двајца странци, а и нивните имиња ги знаеме и наскоро ќе ви ги откриеме. Ако во минатото имавме проблеми со ангажирањето на ракометари, сега можам да ви кажам дека има и такви кои сами се нудат и веруваат во нашиот проект„ рече Стефановски.
Подготовките на сениорската екипа ќе почнат на 5 август и ќе се одвиваат најверојатно во Македонија. На истиот ден ќе стартува и проектот на академијата на клубот, која важи за традиционално најдобра во државата, но со огромен пад во последните години. „Важно ни е да профункционира школата на клубот на ниво на кое сме наумиле. Со неа ќе раководат тренери со проверено искуство и приврзаност кон клубот: Кире Поповски, Стевче Стефановски, професорот Александар Марковски и јас, Михајло Силјанов. Му даваме голем значај на овој почеток и тоа ќе биде базата на новиот Пелистер. Исто така сакам да ви соопштам дека трансформацијата во акционерско друштво е готова и нашиот клуб како нов правен субјект веќе функционира„ истакна претседателот на бордот на директори на Пелистер, Михајло Силјанов.

Нема коментара:

Постави коментар