ВО МЕЧ ВО КОЈ ДВЕТЕ ЕКИПИ ОСТАНАА ДОЛЖНИ,
ПОБЕДИ СТРАВОТ ДА НЕ СЕ ЗАГУБИ И РЕМИТО БЕШЕ ЕДИНСТВЕН ИСХОД
Прва фудбалска лига - 26 - коло
Пелистер - Брегалница 0:0
Прва фудбалска лига - 26 - коло
Пелистер - Брегалница 0:0
Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола.
Гледачи: 800
Главен судија: Димитар Мечкаровски
Асистенти: Тони Стојановски и Дејан
Неделковски (сите од Скопје)
Делегат: Јован Магдески (Прилеп)
Стрелци: нема
Жолти картони: Ристевски, Марковски, Т.
Вељановски, Драгарски (Пелистер), Стојанов, Здравков (Брегалница)
Црвени картони: нема
Пелистер:
Петровски, Елмазовски, Драгарски, Лескароски, Степановски, Т. Вељановски, Кекец (од 46м. Рутевски), Ристевски, Христов, Лазаревски, Mарковски (од 77м. Димитровски)
Брегалница:
Чановиќ, Блажевски, Ѓорески, Никотовиќ, Стојанов, Вучетиќ, Мандак (од 88м. Златковски), Здравков, Митров, Велковски (од 71м. Божинов), Д. Андонов (од 63м. Димовски)
Играч на натпреварот:
Христијан Драгарски (Пелистер)
По
прекрасни временски услови, директната пресметка за опстанок на Пелистер и Брегалница,
зелените ја дочекаа со проблем во заден час, заради повредата на Главевски, кој
не се најде ниту на клупата за резерви. Со оглед на суспензијата на Китановски,
домашната екипа беше далеку од идеалниот тим, но и кај штипјани заради повреда
во нападот недостигаше Лазар Илиев. По само 5 минути игра Игорче Стојанов
пожолте по грубиот старт врз Христов, како најава за бескомпромисен меч на
секој дел од теренот. Долго време се играше на средината на теренот, со подолг
посед на топката кај гостите, но без ниту една сериозна закана за Чановиќ или
Петровски. Но во 24 минута Велковски побегна по десната страна и добро
центрираше по земја, но Здравков за малку задоцни на втора статива. Тоа беше
прва опомена за нешто поопуштениот начин на игра на пелистерци. Играта на
домашните стана нервозна, па Ристевски и Марковски во централната фаза на
првиот дел заработија жолти картони, заради професионални прекршоци. Во
централната фаза на првиот дел, пелистерци воспоставија рамнотежа на средината
на теренот и почесто ја имаа топката во нозете, но далеку беа од шанса да го
загрозат Чановиќ. Наспроти тоа гостите од Штип лансираа опасна контра преку
Мандак во последната минута од првиот дел, но се сплеткаа и не успеаа да упатат
удар кон голот на Петровски. Прескромно прво полувреме со само еден директно
упатен удар кон двата гола и со премногу тактизирање на средината на
теренот.
На
стартот на вториот дел, Благојче Рутевски влезе во игра на местото на хрватот
Кекец. Токму Рутевски повлече контранапад во 52 минута, двојно проигра со
Лазаревски и биеше од прва од работ на казнениот простор, но над голот на
Брегалница. По точно еден час игра, Рутевски подготви добра позиција за Сашо
Лазаревски, кој од позиција на лево крило, упати остра топка, но таа не беше
ниту удар, ниту центаршут. Во 65 минута Диме Ристевски во слалом мина неколку
противнички фудбалери, но отиде во мртов агол и немаше добра позиција да го
загрози Чановиќ. Пелистер го подигна нивото на игра, иако мечот се повеќе
личеше на монотона приказна со предвидлив резултат. Се играше 70 минута кога
битолчани ја имаа најзрелата шанса. Елмазовски центрираше од десната страна,
сам на петерецот се најде Диме Ристевски, но не очекуваше дека таа топка ќе
дојде до него и лошо биеше крај голот. Гостите возвратија со млакиот удар по
земја на Здравков минута подоцна. Тренерот Илиевски ги внесе Димовски и Божинов
за да ја освежи екипата и да чека контранапад за победа во последните 15
минути. Во 77 минута домашниот стручен штаб го додаде во нападот Драган
Димитровски, напаѓајќи ги останатите два бода во овој мртов и неинтересен
натпревар. Потајно по два корнери и две мешаници пред Петровски, гостите имаа
две полушанси во 86 минута, но мрежата на Пелистер мируваше. Така практично без
емоции и без надополнување, двете екипи го приведоа мечот кон реми, со кое
работите остануваат непроменети на дното.
Гордан Здравков
(тренер на Пелистер)
Двете екипи
одиграа во грч.Ова беше тежок, исцрпувачки натпревар и мислам дека нерешенот
резултат е најреален во еден таков развој на настаните. Ние продолжуваме
понатаму и имаме уште седум натпревари за остварување на нашата цел.
Добринко Илиевски
(тренер на Брегалница)
Заради
стравот да не се загуби, двете екипи играа претпазливо. Мислам дека и ние и домаќинот
имавме неколку шанси да го откриеме резултатот. Но како се развиваа работите,
мора да бидам задоволен со нерешениот резултат.
Нема коментара:
Постави коментар