Powered By Blogger

10. 4. 2013.

Исто сценарио, исто реми под Тумбе кафе

КАКО ВО ПРЕТХОДНИТЕ ДВА МЕЧА НА ПЕЛИСТЕР И ХОРИЗОНТ ТУРНОВО, БОРБЕНО РЕМИ СО ПОЧЕТНО ВОДСТВО НА ГОСТИТЕ И ЗАСЛУЖЕНО ИЗРАМНУВАЊЕ НА ДОМАЌИНИТЕ
Пелистер - Хоризонт Турново 1:1 (1:1)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 500
Главен судија: Дејан Јакимовски (Скопје)
Асистенти: Никола Караколев (Штип) и Тони Стојановски (Скопје)
Делегат: Скендер Таири (Струга)
Стрелци: Христов во 34 за Пелистер, а Стојанов во 13 минута за Хоризонт Турново
Жолти картони: Елмазовски (Пелистер), Митрев, Петров (Хоризонт Турново)
Црвени картони: нема

Пелистер:

Коруновски, Елмазовски, Драгарски, Лескароски, Степановски, С. Магловски (од 73м. Мегленски), Т. Вељановски, Китановски, Ристевски (од 85м. Рутевски), Христов (од 65м. Кекец), Главевски 

Хор. Турново:

Димовски, Вареловски, Милушев, Стојанов, Митрев (од 57м. Тенекиџиев), Митров, Петров, Мојсов (од 80м. Илиев), Блажевски, Балдовалиев, Најденов (од 46м. Мавров)

Играч на натпреварот:
Томе Китановски (Пелистер)

            За разлика од неделниот пороен дожд во Битола, условите за игра три дена подоцна под Тумбе кафе беа скоро па оптимални. Пред скромен аудиториум и по одличен тревник, Пелистер и Хоризонт Турново тргнаа во нивниот трет меч оваа сезона, со надеж дека овој пат ќе има победник и нема да има црвени картони како во претходните два меча кои завршија 1:1. Првата закана ја имаа пелистерци преку опоравениот лев бек Кирил Степановски кој од 22 метри биеше со левата нога, но ударот заврши за малку над голот на турновци. Но по првиот гостински корнер изведен од Мојсов, домашниот голман Коруновски ја одби топката до Стојанов, кој среќно ја втурна топката зад гол линијата. Судијата Јакимовски ја асистенција на својот помошник Тони Стојановски покажа на центар. Гол кој остави последици врз моралот на битолчани, иако Тони Вељановски само минута подоцна се обиде од дистанца да го загрози Димовски. Во 20 минута Блажевски му побегна по левата страна на Лескароски, влезе во казнениот простор и пред сигурна егзкуција, Христијан Драгарски со лизгачки старт исфрли во корнер. Во 27 минута по акцијата на Ристевски во гостинскиот казнен простор со рака играше стрелецот Дарко Стојанов, но скопскиот судија Јакимовски кој беше блиску до настанот, не ја прекина играта. По новата грешка на битолската одбрана по половина час, гостите имаа зицер за 0:2. Балдовалиев ја искористи грешката на Лескароски, веднаш го проигра Блажевски кој направи „слалом„ низ домашната одбрана и кога сите од гостинската клупа подскокнаа за втор гол, Драгарски среќно ја зафати топката, доволно наместо во мржата таа да заврши во корнер. И казната веднаш стигна на спротивната страна. Се играше 34 минута кога Китановски мина неколку „црвени„ од десната страна и му подготви идеална позиција за удар на Христов. Младинскиот репрезентативец Симеон Христов од прва изворедно шутираше и го матира немоќниот Димовски. Од најубавата акција, зелените го возвратија ударот на поорганизираниот гостин. На две минути до одморот Стефан Магловски упави прекрасна долга топка до Китановски, кој одлично мина, но Милушев постави нога и спречи голема опасност. Одлично прво полувреме во кое првата половина ја добија гостите, а во завршницата следеше реакцијата на битолчани.
            Вториот дел гостите го почнаа со Мавров на местото на малку забележителниот Најденов. По првиот домашен корнер во вториот дел, Томе Китановски од волеј одлично шутираше, но Димовски беше добро поставен на средината од голот. Во 54 минута Китановски центрираше, Христов спушти до Ристевскки кој од поволна позиција шутираше премлако. По период од 15 минути без возбудувања, домашната клупа го внесе Адријан Кекец на местото на стрелецот Христов. Само што влезе хрватот убаво префрли кон Главевски, но пред него Стојан Димовски навремено го напушти голот и интервенираше. Летаргијата на теренот ја разби Балдовалиев, кој се осмели да бие од близу 35 метри, но не го фати на спиење будниот Коруновски, кој ја исфрли топката во корнер. Шест минути подоцна се обиде и Блажевски, но ударот од 16 метри беше премлак за да се изненади домашниот голман. Само една минута подоцна Илир Елмазовски изведе слободен удар од 32-33 метри, па биеше многу добро, но централно и Димовски без грижи одбрани. Серијата на замени од двете страни, го падна ритамот и до крајот само прекините беа опасност за победоносен гол, Така Блажевски во 80 минута директно шутираше во голот од позиција за центаршут, но Коруновски боксуваше во поле. Во финишот Рутевски го замени повредениот Ристевски и со јалова иницијатива на Пелистер мечот влезе во двеминутното надополнување. По исто сценарио како минатата есен под Тумбе кафе и пред десет дена на „Кукуш„ Пелистер и Хоризонт Турново играат реми 1:1 со почетно водство на гостите и израмнување на домаќините. Добра фудбалска партија на две екипи кои барем во меѓусебните дуели се надополнуваат со квалитет, борбеност и дисциплина.                 


Гордан Здравков
(тренер на Пелистер)

            Задоволен сум од резултатот, но не и од играта. Со оглед на тоа што игравме со второ пласираната екипа на табелата, ремито е солиден исход, но мора уште многу да работиме. Двете екипи имаа свои моменти и мислам дека по еден постигнат гол е реалниот одраз по прикажаното во текот на 90 минути.


Љупчо Димитковски
(тренер на Хоризонт Турново)

            Со прикажаното ремито е тоа што го заслужија двете екипи. Ние дојдовме да не загубиме и целта ја остваривме. И Пелистер и ние имавме свои периоди, имаше шанси за втор гол на двете страни, па затоа никој не заслужи да загуби. Честитки за Пелистер за прикажаното и за гостопримливоста и организацијата на мечот.   


Капитенот Ристевски неизвесен за „вечното дерби„

            Откако влече повреда на мускулот веќе две недели и заради тоа не настапи минатата недела со Металург, Диме Ристевски во финишот на средбата заради повреда беше заменет. Првата дијагноза е дека е неизвесен за „вечното дерби„ со Вардар в сабота навечер. Капитенот на Пелистер до крај нема да знае дали ќе настапи против бившата екипа или не.

Нема коментара:

Постави коментар