Powered By Blogger

14. 4. 2013.

Вардар „позелене„ сред Скопје

ОГРОМНА ПОБЕДА НА ПЕЛИСТЕР НА ГОРДАН ЗДРАВКОВ ВО ПЕТТОТО „ВЕЧНО ДЕРБИ„ ОВАА СЕЗОНА
Вардар - Пелистер 0:1 (0:1)

Национална арена „Филип Втори“ - Скопје. Гледачи: 2.000.
Главен судија: Горан Спиркоски
Асистенти: Илчо Јорданоски и Зоран Костоски (сите од Прилеп)
Делегат: Зоран Златановски (Куманово)
Жолти картони: Петров (Вардар), Драгарски, Китановски, Елмазовски (Пелистер)
Стрелец: Елмазовски во 49 минута за Пелистер

Вардар:

Милиќ, Вајс, Бојовиќ, Лазаревски, Цикарски, Темелков (од 68 м. Маневски), Петровиќ, Стјепановиќ, Петров, Стојков, Костовски

Пелистер:

Петровски, Елмазовски, Лескароски, Драгарски, Степаноски, Велјановски, Китановски, Лазаревски (од 88 м. Кекец), Ристевски (0д 90м. Мустафов), Главевски, Христов (од 85 м. Магловски)

                Битолски Пелистер најде вистински момент за првата гостинска победа во сезоната. Го победи и играчки го „позелене„ од срам лидерот Вардар сред Скопје, возвраќајќи го ударот за незаслужениот пораз во есенскиот дел од шампионатот. Тренерот на зелените Гордан Здравков подготви 4-1-4-1 формација и еластична екипа која го изненади првакот и доколку пелистерци беа поконцентрирани ќе постигнеа и повеќе голови. Лазаревски се врати   во екипата, битолчани се поставија поофанзивно и скоро ништо не ризикуваа во текот на целиот меч. Бројот на зрели шанси во мечот беше вистинска реткост, посебно од страна на домашната екипа. Првата убава акција на Китановски значеше волеј на Симеон Христов, кој домашниот голман Милиќ го одбрани. Црвено-црните возвратија кога Јован Костовски побегна и биеше од десната страна по земја, но за малку крај голот. Во 38 минута истиот фудбалер со глава се обиде да го најде патот до мрежата на скопјани, но Петровски беше внимателен. Во последната минута од регуларниот тек на првото полувреме, Сашо Лазаревски се обиде луцудно да го лобува Милиќ, но српскиот чувар на мрежата пак беше на место. Израмнетото прво полувреме беше продолжено за 5 минути, заради пиротехничкиот прекин на домашната навивачка група.
                Кога почна вториот дел решителноста на гостинскиот тим беше видлива и по само четири минути резултатот беше откриен. По корнерот на битолчани Темелков играше со рака и судијата Спиркоски од Прилеп без размислување покажа на белата точка и жолт картон за дефанзивецот на Вардар. Успешен егзкутор беше Илир Елмазовски и Пелистер во 49 минута поведе со 1:0. Пелистерци ја остварија целта и не само што го затворија голот, туку и возвраќаа со контранапади за втор гол. Најнапред по акцијата на Петров во 75 минута, голманот на Пелистер Илче Петровски навремено интервенираше. Со две контри Симеон Христов можеше да го реши победникот. Најнапред по центаршутот на Китановски, не се постави добро пред Бојовиќ и биеше млако. Потоа единствената грешка на судиите беше поништениот гол на Христов во 77 минута. Имено, Елмазовски изведе слободен удар и неговиот лош удар беше асистенција за напаѓачот, кој во регуларна позиција ја втурна топката во мрежата на Милиќ, но судиите заради офсајд го поништија голот и погрешија. И во судиското надополнување Китановски лансираше контра, по која Магловски и Главевски се сплеткаа и не го зададоа завршниот удар. Но Вардар само со слободни удари, со корнери и со мешаници се обидуваше, но не успеа да стигне до израмнување и прв пат капитулира во „вечното дерби„ оваа сезона.   
 Прва победа после пет години на теренот на Вардар

                Последен пат, и се до вечерва единствен во првенствен натпревар, Пелистер славеше во Скопје на натпревар за бодови против Вардар пре пет години. Тогаш со хет-трикот на Миранда на Велигден на 26 април, Пелистер на Неџат Хусеин го совлада Вардар со 3:1. Таа година зелените завршија на третото место во шампионатот зад Работнички и Милано и го обезбеди учеството во Купот на УЕФА. Оваа победа на Пелистер на Гордан Здравков е втора во првенствените мечеви на пелистерци на „буништето„ на лутиот ривал.

Илир Баба го знае лекот за Вардар

Пред неколку години неговиот гол од 30 метри кога го изненади Јорде Георгиевски донесе победа од 2:1 на Пелистер во вечното дерби. Минатата сезона со гол од слободен удар во дресот на Шкендија му го нанесе единствениот пораз на првакот Вардар на Илчо Георгиевски. Сега пак голот од пенал токму на Илир Елмазовски донесе три бода за прва радост надвор од Битола на тимот на Пелистер.

„Чкембарите„ и сред ноќ со дочек на фудбалерите на Широк сокак

Дека на пасијата на фудбалска Битола нема крај, потврдува и навивачката еуфорија по мечот. На Чкембарите им беше забрането од организаторот на средбата ФК Вардар да патуваат на организиран начин во Скопје. На овој преседан, неправда и индиректна потврда дека некои клубови не можат да организираат натпревари од таканаречен висок ризик, битолските навивачи одговорија на оргинален начин. Сред ноќ во 1 часот по полноќ стотици навивачи на клубот на Широк сокак ги пречекаа своите љубимци и заеднички ја славеа победата. За битолчани вечното дерби е повеќе од обичен натпревар, а Пелистер повеќе од клуб.  
Не помогна ниту Тарчуловски за вардарци

Македонскиот херој Јохан Тарчуловски беше специјален гостин на Вардар на денешниот дерби натпревар против Пелистер. Јохан пред стартот на дуелот беше пречекан од црвено-црните фудбалери, а доби подарок дрес на Вардар од извршниот директор на клубот, Горан Митев. Веднаш потоа очекувано силно поздравен беше од Комитите кои, како и Вардар, очекуваат во иднина повторно да ја даде својата поддршка за омилениот клуб. Сепак, за жал на сите нас вардарци, Јохан не успеа да се израдува и на победа на својот Вардар.
Џиџи поднесе оставка по мечот

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Никола Илиевски  Џиџи веднаш по вечерашниот пораз од Пелистер си поднесе, како што изјави, неотповиклива оставка од клупата на „црвено-црните“„Поради доброто на Вардар заминувам од клубот. Поднесувам оставка, поради слабите игри и резултати на тимот, но и поради целокупното негативно навивање кон мене од страна на навивачите. Сакам да го заштитам клубот поради што се повлекувам од оваа функција. Мора да кажам дека моите претходници во Вардар постојано од самиот старт ’ровареа’ против мене. Но, треба да знаат дека со тоа не ми правеа штета мене, но на клубот. Затоа што Џиџи не е Вардар. Сега, повторно ќе речам, ете се повлекувам за доброто на Вардар“ заврши Илиевски.

Нема коментара:

Постави коментар