Powered By Blogger

4. 6. 2013.

Хамбург го сервираше изненадувањето крај Рајна

ПРЕКИНАТА ХЕГЕМОНИЈАТА НА КИЛ И БАРСА И ПО 31 ГОДИНА ХАМБУРГ ПО ЕВРОПСКАТА ТИТУЛА ВО ФУДБАЛ, СЛАВИ ЕВРО-ТИТУЛА И ВО РАКОМЕТ
Келн и „Ланксес арената„ ја чуваа најубавата ракометна приказна за четвртиот Final four во градот на Рајна. Заплет, динамика и кулминација. И изненадување и прво финале со продолженија. И од се по малку што го прави овој спорт посебен и изборот на ЕХФ за финална четворка по примерот на кошарката за вистински.
Како тоа екипата која едвај влезе во ТОП 16, неколку месеци подоцна стана европски првак? Како тоа екипата која се бори преку Бундеслигата да се натпреварува со големите, одеднаш успеа да ги победи? Па не успеаа ниту дома во Хамбург на завршницата на националниот Куп, па успеаа сега и тоа со само 8-9 ракометари, скоро сите во четвртата деценија и голем дел од нив во залезот на кариерата. Но токму тоа го прави овој Final four поинаков од претходните три. Првата разлика е што е разбиена хегеминијата на Кил и Барса, кои до неделата беа единствени кои од Келн заминуваа со пехарот. „Зебрите„ дури и не знаеа за пораз кога се во „Ланксес арената„ Но што имаа ракометарите на Швалб, а немаа другите три екипи. Она што прво паѓа в очи е многу поголемата глад за европската круна. Можеби звучи стереотипно и сите многу ја сакаа титулата, но на теренот Хамбург беше пред другите. Уште поочигледно беше дека на некои од момците на Швалб кои наскоро заминуваат, не им беше сеедно како тоа ќе го направат. Затоа Игор Вори и Михаел Краул додадоа на гасот, иако скоро па од наредниот месец ќе бидат претставени во нивните нови клубови. Генерацијата која германците ја нарекуваат искусни, дури и во кариера во надолна линија од примерот на Хенс, Битер или Јансен, им се одмазди со најизненадувачката европска круна уште од времето Монпеље. Или можеби од единствената европска титула на Пивоварна Цеље чија десетгодишнина се славеше неодамна. Друг впечатлив момент беше итриот и истенчен став на Швалб како да ги води средбите со Кил и Барса. Посебно со каталонците ја рашири клупата која не ја користеше со Кил, знаејќи дека многу негови пулени ќе бидат уморни по втор пат во два дена да одиграат маратон. Овој пат и продолженија. 
Затоа несакани гости за Пасквал во финалето пристигнаа Мими Краус и крилото Петерсон кои дадоа една третина од головите, а не беа ниту во план за игра. Посебно Краус и неговите брзи и свежи нозе беа енигма за физички силната одбрана на Барса, која во првиот дел изгледаше многу моќно. Посебно моќно и детално разработена врз Дувњак, кој долго време беше прескромен, пред Краус да го ослободи, да го подигне ритамот и така дојде до добитната комбинација во продолжението. Келн уште еднаш ги покажа вистинските смерници во европскиот клубски ракомет. Организација како од бајка, добро поставени контури и за наредните години (договорот за организација истекува 2014 година) и скоро ниту едно празно место. Можеби изненадува тоа што во полуфиналето имаше 19.156 гледачи со платени билети, а на завршниот ден во финалето и малото финале 18.457 луѓе. Но целата приказна е толку добро спакована, што ќе помине време некој да ги достигне овие стандарди. 
Можеби предизвик е Final four на стадион на „Ауф Шалке арената„ или на „Паркен„ во Копенхаген, но многу работи не би биле како во Келн овие четири години. Затоа додека им нема рамни, германците ја имаат предноста европската круна да ја доделуваат крај Рајна во Келн. А од наредната сезона нови гости посакуваат да ја осетат „Ланксес арената„ Од моќниот ПСЖ, обновениот Веспрем, финансиски сепобогатиот Киелце, па Флензбург, Ловен Некер, Атлетико Мадрид и уште некое изненадување. За прв пат по подолго време и Македонија преку првакот Вардар Про не мора да се грижи за квалификациите и може да ги планира групните 10 меча. А за вицешампионот Металург нов предизвик да влезе во групната фаза на ЕХФ Купот, чиј Final four во Нант оваа сезона беше организиран по принципот на Келн. Во таа голема четворка сигурно полесно може да се влезе. Македонскиот сон за прва екипа на завршниот турнир продолжува. А додека сонуваме ќе навиваме за Лазаров, судиите Начевски и Николов, делегатот на овогодишното финале Драган Начевски. Тие најчесто не преставуваат во Келн и гордо ја репрезентираат Македонија во секој муабет.
Киелце го замолкна Вујин

                Се сеќавате за изјавата на Марко Вујин кон крајот на март по извлекувањето на четвртфиналните парови. Србинот изненади со констатацијата дека кој и да мине меѓу Металург и Киелце, не заслужува да биде во Келн. Но амбициозниот полски првак ги демантира и играчите на Кил и симпатизерите во „Ланксес арената„ Виве Тарги Киелце од година во година ќе го зголемува буџетот и со растот на полската лига, ветува дека ова полуфинале и трето место нема да бидат изолиран успех. Полската лига е една од оние која најрапидно расте. Висла Плок го ангажираше шпанскиот селектор Маноло Каденас, Погон изгради нова арена и почнува со инвестиции и полскиот клубски ракомет оди по вистинскиот пат. 
Хамбург и Атлетико Мадрид на Суперглоб

                Европскиот првак Хамбург и победникот на мундијалот за клубови од минатата година Атлетико Мадрид ќе ја претставуваат Европа на ИХФ Суперглоуб во Фоха на крајот од август. Како и минатата година една германска и една шпанска екипа ќе се најдат во двете групи, а титулата ќе ја брани Атлетико Мадрид, овој пат без Кирил Лазаров кој најави заминување од овој клуб.
Ривера, Зовко, Штафан Олсон, Свенсон, Шварцер

                ЕХФ за прв пат во склоп на финалниот турнир организираше ракометна трибина во пресрет на полуфиналните и финалните мечеви. Развојот на играта и младите категории беа тема на дискусија на легенди на оваа игра како Кристијан Шварцер, Штафан Олсон и Томи Свенсон. Повеќе од 90 минути траеше дискусијата со ракометни луѓе и новинарите и целиот проект на организаторот наиде на позитивни оценки и веројатно ќе биде повторен проектот за развој на играта кај најмладите.
Линдберг крал на стрелците

                Втора година по ред најдобар стрелец во Лигата на шампионите е данец. По Микел Хансен во дресот на Копенхаген минатата сезона, сега Ханс Линдберг од европскиот првак Хамбург е најефикасен со 101 гол. Зад него се Рутенка со 95 и Егерт со 79 гола. Наумче Мојсоски го дели четвртото место со Микал Јурецки и Ласло Наџи со по 77 гола, а Кирил Лазаров е тринаесетти со 69 гола. Нашиот капитен води со преку 700 гола на вечната листа на Лигата на шампионите во сите 20 сезони. Во идеалниот тим на сезоната е голманот на македонскиот првак Дарко Станиќ. Сепак многумина не обраќаат премногу внимание на тој избор, бидејќи најдобрите и на овој Final four, Сергеј Рутенка и Домагој Дувњак не влегоа во тимот од сништата.
Вон Берен не го заборава Манасков

                Секоја асоцијација за нашата земја во Келн беше идниот клуб на Кирил Лазаров. Така еден од стручните коментатори Франк Вон Берен кој работи за Еуроспорт ни рече дека Кире би бил изворедено засилување за Хамбург. А за Минден каде што работи го побара Пепи Манасков. Имено, кога го запознавме за прошталниот меч на Дејан Периќ, не само што се сети на Манасков и неговите настапи во Хамелн, туку ни спомна дека добро би му дошол на неговиот Минден за опстанок во последните две кола.
Прв пат по 17 години без евро-титула

                За прв пат по 17 години спортското друштво Барселона остана без европска круна во ниту една од своите секции. Последен пат 1996 година во Каталонија не пристигна ниту еден највреден трофеј од фудбал, кошарка, ракомет, мал фудбал или хокеј. Оваа сезона во сите четири спорта Барселона беше елиминирана во полуфиналето, само во ракометот стигна чекор подалеку, но не и до трофејот.
13 екс ју играчи и 7 екс ју новинари

                Ако одамна некоја екипа од бившите ју простори не била во големата четворка, тогаш играчи од бившата држава како и обично се протагонисти. Зорман од Словенија и група на српски и хрватски ракометари имаа видна улога во своите клубови. Седмата сила разбирливо беше најзастапена од германските новинари, а од балканските Хрватска ја претставува 4, Србија 2, а Македонија 1 новинар.

Нема коментара:

Постави коментар