Powered By Blogger

28. 6. 2013.

Тргна новата „зелена машина„ под Тумбе кафе

ЗАПОЧНАА ЛЕТНИТЕ ПОДГОТОВКИ НА ФК ПЕЛИСТЕР СО НОВИНИ ВО СИТЕ СТРУКТУРИ НА КЛУБОТ
Според планот, денес попладне на стадионот под Тумбе кафе, Пелистер ги започна подготовките за новата сезона. Прозиваше бившата легенда на битолскиот клуб Драган Бочевски, кој ќе ја има одговорната задача да го врати Пелистер во врвот на македонскиот фудбал. Охриѓанецот видно задоволен за враќањето во Пелистер најави сезона на стабилизирање и успеси:
„Пред 24 години последен пат во оваа соблекувална бев дел од Пелистер. Тука го поминав најубавиот дел од мојата играчка кариера. Сигурно дека нема споредба меѓу тој и овој период, но амбициите на Пелистер секогаш биле високи. Така и овој пат не ги криеме желбите и амбициите. Пелистер мора да биде во врвот на македонскиот фудбал. Затекнав добра екипа, доведени се 4-5 квалитетни засилувања и оптимист сум дека ќе составиме квалитетна екипа. Јас секогаш сум се стремел да играм допадливо, квалитетно и затоа потребни ни се уште 2-3 фудбалери за врска и нив ќе ги доведеме до крајот на преодниот рок„ рече Бочевски пред првиот тренинг. Екипата во првите три дена ќе тренира само попладне, а од понеделник почнуваат и двојните тренинг сесии. Првиот слободен ден е в четврток, кога завршува првата фаза на подготовки и екипата се сели во Бугарија. 28 фудбалери се појавија на првата прозивка, а надвор од стројот е само повредениот капитен Диме Ристевски.
Пелистер претстави пет засилувања

                На првиот тренинг во зелениот дрес се појавија пет нови имиња, од кои четворица се враќаат во дресот на битолчани. Бразилецот Стенио Маркос де Фонсека Салазар Жуниор доаѓа на одстапка на една година од бугарскиот Литекс. Од Металург во матичниот клуб се враќа Петар Љамчевски, голот на пелистерци ќе го брани Горан Пашовски кој доаѓа од Напредок, Менде Степановски ја напушта Ренова за зелениот дрес, а од Хоризонт Турново пристигна Ѓорѓи Мојсов. По половина сезона мината во Прилеп, завршија одстапките на младите Александар Анастасов од Корзо и Дејан Велевски од Победа. Двајцата се враќаат во ростерот на Бочевски
Нов Жуниор еуфорично најавен во Битола

                Се сеќавате на Мачадо Жуниор кој играше за Пелистер пред шест сезони кога последен пат Пелистер играше во Европа. Веќе неколку дена во Битола се наоѓа новиот Жуниор, овој пат Стенио Жуниор кој има 22 години и доаѓа од Литекс. За екипата која ја водеше Христо Стоичков минатата сезона, Стенио Жуниор одигра 6 меча и постигна 1 гол. Роден е во Форталеза, настапувал за Хоризонте и Спорт Ресифе во Бразил. Стенио Жуниор одлично е прифатен во Битола, имаше можност да го запознае градот, а синоќа го дозна и неговиот нов тим „Едвај чекав да почнеме со работа. Неколку дена сум тука, тренирав самостојно и доброволно со соиграчите и сега дојде време за почеток. Многу ми се допаѓа атмосферата во градот, во клубот. Навивачите ми приоѓаат и ме бодрат. Се надевам дека ќе оставам трага во овој клуб. Играм на сите позиции во нападот и му се ставам на располагање на стручниот штаб„ ни рече Стенио Жуниор кој веројатно е еден од најскапо платените фудбалери во нашата лига и затоа битолчани многу очекуваат од него.
Подготовки во Бугарија, престижни контролни средби


                На 5 јули во Бугарија, екипата на Бочевски ќе го одигра првиот контролен меч со збратимениот Литекс. Тоа ќе биде само еден од неколку тестови до стартот на првенството во август. Базичните подготовки од 7 јули Пелистер ќе ги изврши во Банско каде во идеални услови ќе одигра 5 натпревари. Договорени се мечеви со Локомотив Пловдив, Монтана и Брегалница Штип, а на лице место ќе бидат дефинирани уште 1-2 теста. Предвидени се уште два домашни меча под Тумбе кафе како генералка за стартот на сезоната.  

Нема коментара:

Постави коментар