Powered By Blogger

27. 6. 2013.

Димитровски ги „закачи копачките на клин„

ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА УТРЕШНАТА ПРОМОЦИЈА, ВО БИТОЛА ПОЗНАТ СТРУЧНИОТ ШТАБ И ЗАМИНУВАЊАТА
Голот во Кичево против Скопје во баражот за опстанок во Првата лига, беше последен во богатата кариера на Драган Димитровски. 36 годишниот напаѓач по долго размислување одлучи да ги „закачи копачките на клин„ со преку 200 официјални гола во кариерата, од кои 110 во дресот на Пелистер само во Првата лига.
Димитровски „стрелаше„ и за Победа и Тиквеш, а еднаш беше национален првак, најдобар стрелец во лигата и репрезентативец со десетина настапи. Димитровски ги задолжи битолчани, кои го обожаваат и понатаму тој ќе остане во клубот и ќе работи во управата, а не е исклучено и негов ангажман со најмладите во школата на Пелистер. Димитровски е во клубот 100 заедно со Ванчо Мицевски и Зоран Бошковски и како никој кој го носел зелениот дрес по осамостојувањето ги тресеше противничките мрежи. Најверојатно во септември во репрезентативната пауза, Пелистер ќе организира проштален меч со меѓународен противник во чест на Димитровски.
Не се продолжени договорите со неколку фудбалери

                Клубот денес потврди дека покрај Димитровски уште осум фудбалери кои ја завршија минатата сезона нема да го носат дресот на Пелистер. Така ако од поодамна се знаеше дека заврши одстапката на Христов, заминуваат и Кекец и Мегленски, од вчера уште пет фудбалери од школата на Пелистер останаа без договори за продолжување на соработката. Така голманот Пеце Коруновски, бившиот репрезентативец Сашо Лазаревски, Стефан Магловски, Тони Вељановски и Благојче Рутевски се слободни да побараат нареден ангажман.
Хусеин, Ристевски и Петровски ќе му помагаат на Бочевски

                Денес беше обелоденет и стручниот штаб на новиот тренер на Пелистер, Драган Бочевски. Така легендите на Пелистер, Неџат Хусеин и Спасе Ристевски ќе  бидат негови помошници, а како и до сега, тренер на голманите останува Сашо Петровски. Никогаш стручниот штаб на Пелистер не бил составен со бивши фудбалери на клубот со толку многу настапи. Заедно Бочевски, Хусеин, Ристевски и Петровски имаат преку 600 настапи во зелениот дрес.   

Нема коментара:

Постави коментар