Powered By Blogger

17. 6. 2013.

Ако го искористите максимално квалитетот, пак можете да изненадите

ОТВОРЕНО СО ЖЕЉКО ОБРАДОВИЌ ЗА НЕГОВОТО ВРАЌАЊЕ ВО ОХРИД, ЗА МАК-КОШАРКАТА, ЗА ЕВРОБАСКЕТОТ И ОСТАНАТИТЕ КОШАРКАРСКИ ТЕМИ
Кошарката овие денови во Македонија имаше друго име. Кошарката овој викенд во Охрид и Струга беше се за и околу Желимир Обрадовиќ. Секој негов чекор, секое движење, совет, секој збор од неколку часовните предавања сите го впиваа со внимание и воодушевување.
Такво беше и новинарското чувство на отворен разговор со човекот кој е подвижна витрина за трофеи „По 35 години повторно сум во Охрид и навистина ми е драго. Кога последен пат бев тука беше тоа 1978 година и тогаш како јуниорски репрезентативец на Југославија имавме подготовки за првото светско првенство во Бразил. Се сеќавам дека тогаш тренажниот процес беше поинаков. На пример кога јас бев 18-19 години првите недели од подготовките минуваа со три тренинзи дневно и тоа без топка. Замислете тоа да го работам денес, сите би рекле дека сум луд. Но времињата се менуваат„ ја почна својата приказна најтрофејниот од сите. Човекот за кого велат дека кошарката е игра пет на пет, во која секогаш победува Обрадовиќ. Како пан-дан на познатата изрека на Гери Линекер во светот на фудбалот, Обрадовиќ веќе е неизбришлив бренд од европската кошарка „Тоа е далеку од вистината. Понекогаш вие новинарите пишувате со таков речник„ скромно ќе каже Обрадовиќ. И додека целиот континент се прашува, дали, кога и како ќе му се врати на кошарката, тој и неговата „десна рака„ помошник, голем пријател и кум, Димитриос Итудис беа гости на тренерската клиника на КФМ и два дена имаа свои предавања пред широкиот аудиториум. Посебно за часовите на Жељко Обрадовиќ интересот беше најголем, прашањата најчести, аплаузите најсилни. Кога го слушате и гледате, веднаш заклучувате дека кошарката ја има во малиот прст и ја разработува до најмалиот детал. Затоа е и тоа е што е. Најтрофејниот од сите, синоним за успех и вистински вредности „Навистина ми е задоволство што сум тука, меѓу пријатели. Македонија е кошаркарска земја, многу напредува и со задоволство понекогаш ги следам вашите кошаркари. Ве гледав и на последното европско првенство, кога бевте четврти. Бевте навистина одлични, собравте многу симпатии. Ми се допаѓа тоа што максимално го искористивте потенцијалот со кој располагате„ вели од прва Жељко. Сепак опоменува дека не е лесно да се повтори тој успех, бидејќи во кошарката често решава и една топка „Мора на сите да ни биде јасно дека во оваа наша игра мног се промени, некогаш одлучува и дел од секундата и една топка и не е лесно да се остварат зацртаните цели. Еве оваа ваша и наша група на европското првенство е многу тешка, а само три репрезентации проаѓаат во наредниот круг. Тоа не е лесно. Многу работи зависат од тоа во кој состав ќе се појават некои од репрезентациите. Да бидам искрен не сум малку во тек со промените по бројот на учесници на европските првенства, но и порано беше тешко и сега е тешко да се стигне до крајот. За тоа треба да ви се поклопат многу коцки„ велеше тренерот од Чачак. Српскиот стручњак не издвојуваше никого за европската титула. Дури и опоменуваше: „Треба да внимаваме на здравјето на кошаркарите. Многу се игра, често и во краток период имаме многу натпревари. Не знам кого да издвојам за европското првенство зошто не знам со кои ростери ќе допатуваат некои од нив. Еве на пример видливо е дека има некои многу силни групи и некои помалку силни. Тоа одзема многу енергија за време на турнирски натпревари„ А за нашиот најдобар играч Лестер Бо МекКелеб беше дециден: „МекКелеб е врвен играч, кој прави разлика на паркетот. Лично не верувам дека кај него може да се одрази тоа што играше под своето ниво во Турција. Но имајте на ум дека вие имате и други многу добри кошаркари. Тука е Антиќ, браќата Стојановски. Ќе игра ли Илиевски? Ете, ќе игра и тој. Многу е искусен и тоа ќе ви биде од корист. Јас го почитувам МекКелеб, но пред се ја почитувам тимската игра. Ако го искористите потенцијалот како во Литванија тогаш можете повторно да изненадите„ делуваше убедливо во своите ставови бившиот тренер на Панатинаикос. Обрадовиќ му оддаде признание и на МЗТ Скопје за своето прво учество во регионалната лига: „Ги следев, не најмногу да бидам искрен, но тоа што го видов ми се допадна. За прва година играа многу добро, натпреварите беа компетитивни и со тоа некои играчи созреаа. Тоа ќе биде од голема помош и за репрезентацијата. Ми се допаѓа тој проект и само продолжете така„ ги фалеше „металците„ Обрадовиќ.
Секој обид да дознаеме нешто повеќе за неговата иднина, за богатите турски или шпански понуди, за предизвикот НБА лига, Обрадовиќ мудро ги одбиваше: „Сега сум на годишен одмор. Не би зборувал многу за мене. Кажав и деновиве, секоја понуда која ќе ја добиеме ќе ја разгледаме и ќе одлучиме. Во овој момент нема ништо ново„ рече човекот со 8 европски круни меѓу две негови предавања во Охрид. А дали во Словенија пак ќе биде гостин на континенталниот собир или до тогаш веќе ќе работи во некој европски клуб, ќе остане непознаница. Велат дека Фенербахче е упорен, но и дека Обрадовиќ и Итудис размислуваат и за најсилната НБА лига. Доколку добијат понуда од клуб со плеј-оф ростер, буџет и амбиции зошто да не? Обрадовиќ во многу нешта бил прв, па може да биде и првиот европски тренер во најквалитетната лига. Неговото гостување крај Охридското езеро уште еднаш ни ја демонстрираше неговата професионалност, стручност и човечност. Потегот на КФМ да се потпре на најдобриот и да го улови во тој краток период во кој е на годишен одмор и се уште без клуб е за поздравување. Солиден беше и бројот на македонски тренери кои го ја посетија тренерската клиника, иако можеше да биде и уште поголем, затоа што Обрадовиќ не доаѓа секој ден. Најдобар можен комплимент дека викендот беше успешен, се коментарите на сите присутни и воздишките по секое предавање или разговор со Обрадовиќ и Итудис. Едно темелно истражување покажало дека во кошарката тренерот или поконкретно стручниот штаб има најголема улога во успехот од сите колективни спортови. Затоа улогата на врвен кошаркарски тренер мора сите да ја сфатиме како темел за успех, посебно сега кога нашата кошарка е во развој.    
Тренерската клиника полн погодок

                Жељко Обрадовиќ штом ја доби покана за гостување во нашата земја веднаш ја прифати и ја препорачува ваквата активност и во иднина „Кога бев уште играч посетив една ваква тренерска клиника во Крагујевац. Се сеќавам тогаш предавачи беа Крешимир Чосиќ и Влада Ѓуровиќ. Кога ме здогледаа на трибините, изненадени ме прашаа. Што бараш ти тука? Им реков: Дојдов да научам нешто. И така и беше. Ми помогна тој семинар, тоа дружење, тие совети. Се сеќавам дека одлично поминувавме. Затоа мислам дека во две предавања не може севкупно се да се научи, но може да се покажам некои смерници, важни детали во нашиот спорт„ заклучи Обрадовиќ.
 Подароци и пријателство засекогаш со Обрадовиќ и Итудис

                Двајцата професионалци кои до минатата сезона беа на клупата на Панатинаикос собраа многу симпатии и ветија нова средба „Задоволство ми е што бев овие денови тука во вашата земја. Јас го сакам спортот, ја сакам кошарката. Политиката не ме интересира. Среќен сум што запознав нови пријатели, што разменив многу телефони, мејлови и што ќе соработувам со нив и во иднина. Ви стојам на располагање штом сум слободен во секоја друга прилика, ќе ја прифатам секоја ваша понуда. И на момците кои асистираа на семинарот (македонската репрезентација под 18 години) многу успех во квалификациите„ рече грчкиот стручњак Димитрис Итудис, кој остави извонреден впечаток за периодот минат во Охрид и Струга. Организаторот КФМ преку претстедателот Даниел Димески и првите луѓе на спортскиот комплекс „Биљанини извори„ му врачија подароци за спомен на Итудис, но и на Обрадовиќ и на словенецот Крумп.  
Антон Крумп

„Најчесто проблемите со кои се соочуваме ние тренерите е неразбирањето на клубските управи. Не секогаш таму има прави кошаркарски луѓе со кои можеш конструктивно да разговараш и да планираш. Ние во Словенија врвот го достигнавме некаде во 2007 година. Од тогаш имаме видлив пад. Дури и во младинските категории каде имавме 5 медали во првите години од овој век, сега паѓаме и се наоѓаме на 17 место во европски рамки. Се надевам дека нема да ја повторите нашата грешка, бидејќи развојот не се гледа во сениорската туку во младинските репрезентации. Треба на сите ваши тренери да им се честита за 4 место на последното европско првенство, затоа што тоа е колективен успех, но мислете и работете на иднината, само така ќе го продолжите развојот„ 

Нема коментара:

Постави коментар