Powered By Blogger

30. 1. 2014.

Дебакл на Пелистер во Кавадарци

РЕКОРДЕН ПОРАЗ НА ПЕЛИСТЕР ВО ВОЗВРАТНИОТ КУП МЕЧ СО ФЕНИ ИНДУСТРИ
Кошаркарите на Фени Индустри и покрај високата предност од првата средба, не пропуштија да остварат уште една убедлива победа и во реваншот против Пелистер Спорт, со која само го потврдија пласманот меѓу осумте најдобри од Купот на Македонија. Останува да се одлучи уште последниот патник, кој ќе биде познат по утрешниот меч меѓу Соколи и Апаве.
Фени Индустри го совлада Пелистер Спорт со високи 89:33 во натпревар кој, како што кажува и самиот резултат, беше комплетно едностран. Домашните кошаркари во салата „Јасмин“ уште по првата четвртина остварија двоцифрена предност, која до полувремето ја зголемија на 20 поени разлика (43:23). Во второто полувреме Фени Индустри прими вкупно 10 поени, а со постигнатите 46, не дозволи во ниту еден момент да се доведе во прашање победникот на средбата. Тренерот Љупчо Малинков им даде поголема шанса на сите кошаркари, вклучително и помладите, а за Фени дебитираше и најновото засилување Ристе Стефанов, кој треба да го подигне нивото на играта на тимот пред Куп-завршницата. Инаку, Игор Бјелиќ го заврши натпреварот како најпрецизен поединец со 16 поени, а двоцифрени беа и Цветковиќ и Ќурчиев. Кај Пелистер, Никола Вукасовиќ со 9 постигнати поени беше најдобар стрелец. Со овој триумф, Фени Индустри стана седмата екипа која обезбеди учество на Завршниот турнир од Купот на Македонија, приклучувајќи им се на МЗТ Скопје, Кожув, Работнички, Лирија, Куманово и Струмица. Последниот патник на Купот во Охрид ќе биде познат утре, кога реванш ќе играат Карпош Соколи и Вардар Апаве. Потсетуваме, Соколи пренесуваат два поени предност по победата на гости во првата средба од 67:65.

Нема коментара:

Постави коментар