Powered By Blogger

15. 2. 2013.

Од Дојран поставена основата за опстанокот

СЛИЧНО КАКО МИНАТАТА ГОДИНА, ОД ЗИМСКИТЕ ПОДГОТОВКИ ПЕЛИСТЕР ВЕРУВА ВО ОСТВАРУВАЊЕ НА ЗАЦРТАНАТА ЦЕЛ
Фудбалерите на Пелистер од денес попладне се повторно во Битола по десетто дневните подготовки во Дојран. Втора година по ред спортскиот центар „Истатов„ беше полн погодок на управата на „зелените„ и ако минатата зима беше кована и остварена стратегијата за промоција во Првата лига, сега крај Дојранското езеро се поставија контурите за опстанокот во елитата.
Избраниците на Гордан Здравков работеа една и пол недела, одиграа пет контролни средни, со една победа, два нерешени исхода и два порази. Сепак според сите пелистерци резултатите не беа во прв план, туку воигривувањето на тимот со новиот стручен штаб и четирите засилувања присутни во Дојран. Повредите не ги штедеа битолчани, но и Димитровски и Тони Вељановски кои ги прекинаа подготовките на половина, не се сериозно повредени и наскоро ќе се вратат во тренажен процес со екипата. За приклучок кон групата ќе мора да почекаат Благојче Главевски и најновото засилување Кире Степановски, кои за 2-3 недели ќе бидат максимално подготвени за официјалните средби.
„Верувам во оваа екипа. Пелистер за мене е голем предизвик. Имаме многу млади фудбалери и неколку искусни и оптимист сум дека ако вака се одвиваат работите нема да има никаков проблем за обезбедување опстанок во лигата„ ни рече прилепчанецот Тони Мегленски кој по Вардар и Победа, го облече дресот и на третиот најпопуларен клуб во нашата земја. Веќе се чувствува „хемија„ во битолскиот табор, а и на последната контролна средба со Руфеја видлив беше напредокот во играта. Иако без полесно повредените Ристевски и Миленковски, пелистерци го совладаа амбициозниот второлигаш. Радува добрата форма на Благојче Марковски кој се почесто ги тресе противничките мрежи и што е за него најважно одржува континуитет на своите настапи. Утре Здравков им даде слободен ден на фудбалерите, кои в недела попладне повторно ќе се соберат и ќе го подготвуваат контролниот меч со Еуромилк во вторник од 14 часот во Скопје.

Нема коментара:

Постави коментар