Powered By Blogger

21. 2. 2013.

Пелистер се подготвува за цела пролет, не само за Вардар

ДОЖДОТ И ПОВРЕДИТЕ НАЈГОЛЕМИ ГРИЖИ ЗА ТИМОТ НА ГОРДАН ЗДРАВКОВ ПРЕД ВТОРИОТ ДЕЛ ОД ПРВЕНСТВОТО
Минатата есен фудбалерите на Пелистер „изгореа„ подготвувајќи се за „вечното„ дерби со Вардар. Го внесоа целиот труд и енергија на тој меч, така да по него останаа без неколку фудбалери заради повреда и санкции и им требаше повеќе од еден месец да забалежат победа. Овој пат не треба да ја повторат истата грешка. Пелистер се подготвува за пролетниот дел од првенството, а не само за Вардар и дербито на 3 март. Тоа е порака од управата на клубот и кулоарите, која треба да стигне до фудбалерите. Во Битола на големо се зборува за наредниот меч со црвено-црните. Се подготвува тимот, сите комбинации, се гледа кон традицијата, се заборава на трите есенски порази од Вардар. Дури и навивачите одамна се мобилизирале. На сите форуми, социјални мрежи, а од неодамна и на билбордите и електронките видео паноа во градот, Чкембарите повикуваат на масовност на дербито. Не изостанува ни по некоја провокација на соседната навивачката група. Сепак фудбалерите на Гордан Здравков во мир го подготвуваат предизвикот кој е пред нив. Дождот кој веќе два дена паѓа во Битола им ги поремети плановите за тренинг, а утре ќе падне дефинитивната одлука дали неделниот контролен меч со Напредок ќе се игра под Тумбе кафе или можеби на алтернативен терен во Охрид. Пелистерци мора да го сочуваат тревникот на својот стадион за мечот со лидерот и оптимисти се дека на тој меч условите за игра ќе бидат оптимални. Кире Степановски и Благојче Главевски нема да бидат подготвени за мечот со Вардар, а санирани се повредите на Марковски, Миленковски, Елмазовски, Стефан Магловски, Димитровски и Тони Вељановски, кои не играа во вторникот со Еуромилк. „Зелените„ имаа можност да го „снимат„ Вардар вчера со ОФК Београд, а веројатно ќе го следат и со Тетекс за време на викендот.    

Нема коментара:

Постави коментар