26.04.2015.

Пелистер креираше многу шанси, но ремито не му помага во борбата за опстанок

РЕМИ КОЕ НЕ ЗНАЧИ МНОГУ ЗА ПЕЛИСТЕРЦИ ВО ПРЕСРЕТ НА ПЛЕЈ-ОФОТ
Прва фудбалска лига - 27 - коло
Пелистер - Ренова 1:1 (1:1)

Стадион „Гоце Делчев„ - Прилеп. Гледачи: 500
Главен судија: Далибор Ѓорѓевски (Куманово)
Асистенти: Орце Стефановски (Кратово) и Саше Тошевски (Скопје)
Делегат: Гоце Шопоски (Струга)
Стрелци: Љамчевски во 4 минута за Пелистер, Емини во 37 минута за Ренова
Жолти картони: Миленковски Љамчевски, Чешмиџиев (Пелистер), а Мишковски, Мециновиќ, Емини, Реџепи (Ренова)
Црвени картони: нема 

Пелистер:
Драгоевиќ, Тодоровски, Велковски, Биљали, Мустафов, Миленковски, Степановски, Станоевиќ (од 77м. Цирлидис), Петрески (од 46м. Анастасов), Љамчевски, Чешмиџиев

Ренова:
Мустафи, Мемеди, Муслиу, Садики (од 74м. Скендери), Емини, Нухи, Рамадани (од 82м. Селмани), Мишковски, Фетаи, Мојсов (од 80м. Реџепи), Мециновиќ

Играч на натпреварот: Петар Љамчевски (Пелистер)

Пелистер мораше да ја добие Ренова, за да продолжи да сонува за опстанок во лигата. Хаџиевски скоро и да го потврди тимот кој го победи Тетекс пред една недела. „Гипсарите„ со цел свој потенцијал во Прилеп дојдоа по потврда на добрата форма. Уште во 4 минута битолчани поведоа. Станоевиќ мина по десната страна, убаво врати во средината каде натрча Петар Љамчевски и го лобуваше истрчаниот Мустафи. Топката од пречката заврши зад гол линијата и помошникот Саше Тошевски покажа кон центарот и пелистерци поведоа со 1:0. Во 13 минута истата акција можеше пак да биде кобна за гостите. Пак србинот Игор Станоевиќ мина по десната страна и врати кон стрелецот Љамчевски, но овој пат битолчанецот шутираше преку голот. Минаа скоро 20 минути додека гостите не ја креираа првата шанса. Изаир Емини „фати„ волеј од 17-18 метри од левата страна, биеше одлично, но неколку метри крај левиот дирек на Милош Драгоевиќ. Во 37 минута од ситуација која не беше најава за опасност, Ренова успеа да израмни. Домашната одбрана и Драгоевиќ беа неодлучни по центаршутот од десната страна, се придодаде Изаир Емини и ја втурна топката во мрежата на битолчани. Во последните две минути од првиот дел, најнапред голема мешаница пред голот на Пелистер, а потоа и пред тој на Ренова, но двете гужви завршија без удар кон головите на Драгоевиќ и Мустафи. По лошиот терен во Прилеп, двете екипи одиграа борбен и солиден прв дел, кој заврши со по еден гол од двете мрежи. На почетокот од второто полувреме, Хаџиевски го внесе Анастасов во средниот ред, а Чешмиџиев го зазеде местото на десен бек на заменетиот Петрески. Првата закана во продолжението ја имаше Емран Рамадани во 56 минута, но отиде премногу в лево и не упати добар удар по голот на Драгоевиќ. Пелистер возврати со контранападот на Игор Станоевиќ, кој претрча половина терен и се чинеше има зицер од левата страна, но Муслиу со лизгачки старт спаси чист гол, исфрлајќи ја топката во корнер. Малерите со повредите кај битолчани како да немаат крај. По тешката повреда на Митиќ, сега и капитенот Степановски мораше да биде заменет заради мускулна повреда. Во игра во 64 минута влезе Милорад Смоковски, а Тодоровски се врати во последната линија место капитенот. Во 69 минута по слободниот удар на Анастасов, на втора статива со глава се обиде стрелецот Љамчевски, но биеше крај голот. Во 74 минута битолчани имаа голема шанса да го вратат водството. Љамчевски повлече полуконтранапад, го пронајде Игор Станоевиќ, кој пласираше со левата нога од 14-15 метри, но топката за малку заврши над голот на Ренова. Во последите 15 минути, Пелистер се обиде со два класични шпица, откако Јоргос Цирлидис влезе во игра на местото на србинот Станоевиќ. Гркот убаво мина по левата страна во 83 минута и прекрасно биеше, но Мустафи со убава парада ја исфрли топката во корнер. По петтиот удар од аголот, дури тројца домашни фудбалери на втора статива ја промашија топката, во огромна можност за втор гол. Идентична шанса имаше Емини три минути подоцна, кога Емини биеше од скратен корнер, но црногорскиот голман Драгоевиќ реагираше и ја исфрли топката во корнер. Длабоко во судиското надополнување „гипсарите„ бараа пенал по стартот на Велковски врз Скендери, но судијата Ѓорѓевски кој беше многу блиску до дуелот, не покажа на белата точка. Во одличен натпревар, Пелистер креираше многу шанси и полушанси, одигра над нивото оваа пролет, но не беше луциден во реализацијата и овој бод не му значи многу на табелата. Во плеј-аутот кој следи зелените повеќе не зависат сами од себе.         

Нема коментара:

Постави коментар