18.04.2015.

Пелистер од прекин го доби Тетекс и го прекина постот долг седум месеци

СКРШЕН МАЛЕРОТ ВО ПРИЛЕП И ПЕЛИСТЕР КОНЕЧНО ПОБЕДИ, БЛАГОДАРЕНИЕ НА ПРЕКИНИТЕ И КОНЦЕНТРАЦИЈАТА 
Прва фудбалска лига - 25 коло
Пелистер - Тетекс 3:1 (2:0)

Стадион „Гоце Делчев„ - Прилеп. Гледачи: 500
Главен судија: Димитар Мечкаровски
Асистенти: Дејан Неделковски и Гоце Петревски (сите од Скопје)
Делегат: Блерим Бесими (Тетово)
Стрелци: Тодоровски во 21, Степановски во 39 и Митиќ во 90 минута за Пелистер, а Стојковски во 77 минута за Тетекс
Жолти картони: Миленковски, Анастасов (Пелистер), Мишовски (Тетекс)
Црвени картони: нема 

Пелистер:
Драгојевиќ, Петрески, Чешмиџиев, Степановски, Миленковски, Мустафов, Анастасов (од 88м. Смоковски), Тодоровски, Љамчевски (од 79м. Митиќ), Станојевиќ (од 71м. Цирлидис), Биљали

Тетекс:
Манчевски, Дробаров (од 80м. Мурџески), Стојчевски, Божиновски, Филиповски, Чурлинов, Цветановски, Адем (од 70м. Начевски), Попзлатанов (од 63м. Ослоновскиј), Стојковски, Мишовски

Играч на натпреварот:
Гоце Тодоровски (Пелистер)


Од Тетекс до Тетекс. Требаше да минат 7 месеци и 4 дена од победата против Тетекс во Битола со 3:0 на 14 септември минатата година, за пелистерци пак да се радуваат на победа, овој пат на стадионот „Гоце Делчев„ во Прилеп. По лош терен двете екипи имаа проблеми да организираат акции кои ќе бидат опасност по Манчевски и Драгоевиќ. Така по 15-20 минути во кои се играше збркано и со многу грешки, првиот посериозен прекин донесе гол. Во 21 минута Гоце Тодоровски изведе перфектен слободен удар, го префрли живиот зид од 25-26 метри и го совлада немоќниот Манчевски. Овој гол ги опушти битолчани и почнаа да играат подобро. По акцијата на Станоевиќ, голема шанса имаше Александар Анастасов, но од непосредна близина биеше над голот. Истиот фудбалер се обиде и од слободен удар, но не ја погоди рамката од голот на „штофарите„. Најблиску до израмнување кај Тетекс беше Цветановски и неговиот удар од десно, кој Милош Драгоевиќ успеа да го одбрани. Големо олеснување за екипата на Хаџиевски дојде во 39 минута. Станоевиќ изведе корнер, одбраната на Тетекс подзаспа и го заборави капитенот Степановски, а овој од само 5-6 метри ја „закова„ топката во гостинската мрежа. Со 2:0 на полувреме, Пелистер заврши голема работа и го трасираше патот до првата победа во 2015 година. На почетокот од вториот дел Тетекс се пресели на половината на зелените, но имаше само јалова иницијатива, која не беше изразена со зрели шанси. Михајлов ги внесе русинот Ослоновскиј и искусниот Начевски, но дури во 77 минута тетовчани намалија. Пак се чекаше прекин, а овој пат по центаршутот на Начевски, топката дојде до Трајче Стојковски, кој многу слично како Степановски од неколку метри ја смести топката во мрежата на битолчани. По малку панично, но сепак организирано Пелистер го приведе мечот кон крај. Цирлидис и активниот Биљали имаа големи шанса за трет гол, но тој дојде дури во судиското надополнување. Митиќ се придодаде од втор план и со малку среќа ја заврши акцијата која му го донесе првиот гол во битолскиот прволигаш. Така Пелистер „фрли„ едно големо бреме од својот грб и успеа да забележи победа со која продолжува во ловот на опстанокот. Тетекс деконцентриран по прекините и можеби малку уморен по Куп натпреварот во Турново, потклекна во убавиот фудбалски амбиент во Прилеп.

Нема коментара:

Постави коментар