Powered By Blogger

28. 8. 2013.

Лудо реми под Тумбе кафе

ВО ЕДЕН ОД НАЈУБАВИТЕ ДОМАШНИ НАТПРЕВАРИ, ПЕЛИСТЕР И МЕТАЛУРГ ОДИГРАА МИРОЉУБИВО И СПЕКТАКУЛАРНО
Прва фудбалска лига - 5 - коло
Пелистер - Mеталург 2:2 (1:1)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 2000
Главен судија: Марјан Ецкоски (Охрид)
Асистенти: Кирил Негриески и Симеон Грданоски (од Струга)
Делегат: Зоре Мојсоски (Македонски Брод)
Стрелци: Алтипармаковски во 2 и 64 минута за Пелистер, а Вујовиќ во 19 и Крстев во 57 минута за Металург
Жолти картони: Елмазовски (Пелистер), Пеев, Вујовиќ, Митревски (Металург)
Црвени картони: нема

Пелистер:

Пашовски, Китановски, Драгарски, М. Степановски , К. Степановски, Христов, П. Љамчевски (од 83м. Анастасов), Елмазовски, Миленковски (од 89м. Марковски), Стенио Жуниор, Алтипармаковски

Металург:

Ефремов, Далчески, Б. Љамчевски, Пеев, Митрев  (од 59м. Шишков), Радески (од 89м, Иванов), Митревски, Вујовиќ, Додевски, Крстев, Стевановиќ  

Играч на натпреварот:
Марјан Алтипармаковски (Пелистер)

            Преку 2000 гледачи под Тумбе кафе, се собраа да му дадат подршка на битолските зелени да го заборават кошмарното неделно попладне во Штип. Без повредениот Мојсов и со три измени од стартниот тим против Брегалница, битолчани од првата минута тргна во офанзива. Не минаа ниту 100 секунди, а по центаршутот на Илир Елмазовски, одбраната на Металург на прва статива го заборави Алтипармаковски, а овој небранет од никого ја пласираше топката во спротивниот агол. Во 9 минута по соло продорот на Томе Китановски , бекот на домаќините премлако биеше со левата нога, па немаше проблеми за младиот голман Ефремов. Иницијативата на пелистерци се префрли по левата страна, каде Кирил Степановски проби во 13 минута, но за малку доцнеше Стенио Жуниор, па Ефремов интервенираше. Првата сериозна акција на Металург, кој во Битола дојде без казнетите Георгиевски и Бериша, се случи во 19 минута и донесе израмнување, Удар на Крстев од 20 метри, голманот на битолчани Пашовски го одби во поле, а во продолжението на акцијата, Радевски му сервираше „зицер„ на само пет метри од голот, кој Зоран Вујовиќ го искористи. Реакцијата на пелистерци ја најави Томе Китановски со силен удар од десната страна во 28 минута, но топката заврши крај левиот дирек на Ефремов. Металург возврати во 31 минута, кога Благојче Љамчевски упати идеален центаршут до главата на Пеев, кој биеше многу непрецизно. Минута подоцна Кирил Степановски и Андреја Ефремов ги поделија аплаузите, откако по идеално изведениот слободен удар на левиот бек на пелистерци, гостинскиот голман со парада исфрли во корнер. Ефремов го спаси својот тим и во 36 минута, кога чудесно го одбрани волејот на Алтипармаковски. Во самиот финиш на полувремето премлако од дистанца се обидоа Елмазовски во 41 минута за домаќините и Миле Крстев во 44 за Металург. Првото име на мечот Ефремов го заклучи првото полувреме со уште една извонредна интервенција по соло-акцијата на Алтипармаковски.
            Вториот дел почна со сигнализација на пелистерци по играта со рака на Пеев, но Ецкоски, кој беше во близина на дуелот, не ја прекина играта. Зелените започнаа како и во првиот дел и Алтипармаковски и Жуниор створија нова опасност за Ефремов во 48 минута. Среќата им го сврте грбот на битолчани и шест минути подоцна, кога Алтипармаковски со левата нога одлично шутираше, но левиот дирек ги спаси скопјани. Минута подоцна истиот фудбалер, послужен од Томе Китановски од само 3-4 метри го префрли голот. По прокоцканите шанси на пелистерци, Металург брзо казни. Се играше 57 минута, кога по грешката на Менде Степановски, младиот Радевски убаво мина, го послужи ветеранот Миле Крстев, кој од само 3-4 метри ја втурна топката во празната мрежа. Во 63 минута гостите не ја искористија лошата проценка на Пашовски и младиот Марјан Радевски не најде простор за опасен удар. И сега по обратен редослед, казнија домаќините. Илир Елмазовски центрираше од левата страна,  топката само малку ја допре Алтипармаковски и го измами Ефремев за нов егал. Лудиот ритам на мечот три минути по израмнувањето му понуди шанса на Вујовиќ, но србинот го префрли голот. Сличен зицер имаше Стенио Жуниор во 68 минута, но пак Ефремов се надмина себе си и исфрли во корнер. Оливер Пеев во 71 минута ја погоди мрежата на Пашовски, но ја искористи недозволената позиција по додавањето на Радевски и вториот асистент Грданоски го подигна знаменцето регистрирајќи офсајд. Ритамот на мечот опадна, двете екипи како да се задоволија со реми, а кај домаќините првата замена беше принудното влегување на Анастасов на местото на повредениот Петар Љамчевски. Нововлезениот Анастасов веднаш распали до 30 метри, но топката заврши над голот на скопските бело-зелени. На влезот во последната 90 минута, Алтипармаковски пак излезе сам пред Ефремов, пласираше, но гостинскиот голман уште еднаш ја прозре намерата на домашниот напаѓач. Реми во луд и допадлив натпревар, кој ја враќа вербата во домашниот фудбал. Пелистер и Металург со некаде околу 50% учинок по првите 5 кола, гравитираат повеќе во горниот одколку во долниот дел на табелата.             

Втор пат, Петар против Благојче Љамчевски

            Втор пат во своите кариери браќата Љамчевски играа еден против друг. И ако претходно повозрасниот Благојче излезе како победник, овој пат двајцата одиграа борбено и го поделија пленот. Штета за помладиот Петар кој се повреди на 8-10 минути до крајот и беше заменет со Анастасов.

Драган Бочевски
(тренер на Пелистер)

Задоволен сум од прикажаното од моите фудбалери, но не и од реализацијата. Создадовме 10-15 зрели шанси за гол, имавме иницијатива во поголемиот дел од мечот, но едноставно фудбалот се игра за голови и ние не успеавме да постигнеме гол повеќе од противникот. Одиме понатаму и в недела не очекува нов тежок натпревар во Гостивар. 

Срџан Захариевски
(тренер на Металург)

  Одличен, отворен и допадлив натпревар. Пелистер можеби на сегменти имаше повеќе од играта, но и мојата екипа имаше свои шанси. Кога се работи за ваков натпревар, кој и да славеше немаше да биде незаслужено. Затоа задоволен сум со овој резултат и честитки за двете екипи за прикажаното.
.
 

Нема коментара:

Постави коментар