Powered By Blogger

18. 8. 2013.

Повеќе црвени картони од голови во Битола

ТЕНЗИЧЕН НАТПРЕВАР ПОД ТУМБЕ КАФЕ ВО КОЈ ПЕЛИСТЕР НА МОМЕНТИ И СО ДВАЈЦА ФУДБАЛЕРИ ПОМАЛКУ ОСТАНА НЕПОРАЗЕН
Пелистер - Хоризонт Турново 0:0

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 4000
Главен судија: Димитар Мечаровски
Асистенти: Дејан Неделковски и Гоце Петревски (сите од Скопје)
Делегат: Митко Локоски (Ресен)
Стрелци: нема
Жолти картони: Китановски, Драгарски, Христов (Пелистер), а Мутафчиски, Вареловски, Митрев, Наумчевски, Својиќ, Блажевски (Хоризонт Турново)
Црвени картони: Китановски (Пелистер) во 61 и Драгарски (Пелистер) во 71 минута, а Митрев (Хоризонт Турново) во 87 минута

Пелистер:
 Пашовски, Китановски, Драгарски, М. Степановски, К. Степановски, Христов,  Елмазовски, Љамчевски (од 74м. Лескароски), Миленковски, Демиќ (од 20м. Анастасов), Алтипармаковски (од 68м. Дуков)

Хоризонт Турново:
Димовски, Вареловски, Илиев (од 46м. Ристовски), Митафчиски, Митрев, Мавров, Својиќ (од 75м. Тенекиџиев), Наумчевски, Пандев (од 63м. Најденов), Блажевски, Ејупи 

Играч на натпреварот: Николај Христов (Пелистер)
 Повредата на Ѓорѓи Мојсов на еден од последните тренинзи и исклучувањето на Стенио Жуниор во Тетово минатиот викенд, ги искомпликува плановите на Драган Бочевски за стартниот тим на пелистерци. На спротивната страна во последен момент Хоризонт Турново доби големо засилување во враќањето на Дејан Блажевски од пробата во Доњецк. Зелените уште во втората минута се заканија со волејот на Марјан Алтипармаковски, но на патот до мрежата топката заврши во блокот на Митрев. Првата закана на турновци беше слободниот удар на Дејан Блажевски од десно, но неговиот удар заврши над голот на Пашовски. Две минути подоцна Китановски и Елмазовски двојно комбинираа, но десниот бек на младинската репрезентација си даде предолг фор и шансата пропадна. Пелистерци полека ја превзедоа иницијативата и Китановски и Алтипармаковски во 15 и 16 минута се обидоа инвидуално, но без позначајна опасност по Димовски. На половина од првиот дел, домашниот стручен штаб мораше принудно да го внесе Александар Анастасов на местото на повредениот Риад Демиќ. Од прекин најзрелата шанса ја имаа фудбалерите на Хоризонт Турново, но центаршутот на Дејан Блажевски остро упатен на пет метри од Пашовски, не го зафати никој од неговите соиграчи. По половина час битолчани од прекин се обидоа преку Томе Китановски, но неговиот удар заврши во живиот зид и подоцна во корнер. Во 35 минута Китановски пак се обиде од слободен удар, сега од 30 метри, но Димовски со парада ја исфрли топката во удар од аголот.  Ритамот на средбата опадна и нападите на екипата на Бочевски беа јалови, а турновци делуваа задоволни со реми. Во последната минута од првиот дел, Алтипармаковски не го искористи киксот на Стојан Димовски и во последен момент Мутафчиски спаси чист гол. Во последната од трите минути од судиското надополнување, зелените имаа две големи шанси за отворање на резултатот. Најнапред по акцијата на Илир Елмазовски, со глава биеше Филип Миленковски, а гостинскиот голман Стојан Димовски со извонредна парада ја исфрли топката во корнер. По ударот од аголот, Александар Анастасов распали со левата нога од преку 25 метри, но низ гужвата од нозе, топката заврши неколку сантиметри крај левиот дирек на гостите. Пелистер остави нешто подобар впечаток во првиот дел, но неиграњето на Жуниор и тоа како се почувствува во офанзивата на пелистерци.
            Во вториот дел продолжи истата инерција на мечот, со блага надмоќ на домашната екипа и исчекување на грешка на битолчани на екипата на Али Ѓунеш. Од 63 минута гостинскиот тренер го повлече од игра Пандев, за да го внесе Најденов. Но моментот кој од ненадеж му понуди на Хоризонт Турново да игра на победа се случи во 61 минута. Дејан Блажевски му побегна на домашната одбрана, Китановски кој веќе имаше жолт картон го сруши и судијата Мечкаровски му го покажа вториот жолт картон и патот кон соблекувалната. Единствената екипа без примен гол во лигата полека ја наметна својата игра, со долг посед и континуирано форсирање на Блажевски во нападот. Вареловски се закани со удар од десната страна во 70 минута, но биеше над голот на Пашовски. Две минути подоцна и Мавров се придодаде од втор план зад одбраната на битолчани и веднаш биеше, но пак преку рамката од голот на Пашовски. Ако со играч помалку беше тешко да се парира против турновци, тогаш од 71 минута, домаќините мораа и со 9 фудбалери. Драгарски го сруши Ејупи на работ на казнениот простор и оправдано, судијата Мечкаровски му го покажа вториот жолт картон. Бочевски веднаш ја затвори одбраната со Дејан Лескароски, кој го замени Петар Љамчевски. Пелистер комплетно се повлече да ги брани почетните 0:0, а Хоризонт Турново се повеќе и повеќе притискаше. Блажевски биеше од 30 метри во 74 минута, но Пашовски во вториот обид ја скроти силно упатената топка. Пелистерци успеваа да ја „умртват„ играта и да дозволат времето да тече при почетните 0:0. На три минути до крајот по слаломот на Николај Христов, гостинскиот дефанзивец Деан Митрев го сруши и заработи втор жолт картон и трето исклучување на средбата. Само минута подоцна подскокнаа 4000 луѓе под Тумбе кафе. Лескароски се проби по десната страна и убаво центрираше за волеј на Анастасов, по кој Филип Миленковски постави нога и ја погоди мрежата на гостите. Сепак вториот помошник на Мечкаровски, Гоце Петревски го подигна знаменцето и голот беше поништен заради недозволена позиција. Мечот се повеќе личеше на нервозно натегање и минување на времето. По четири минути надополнување и четврт пат во серија дуелите на Пелистер и Хоризонт Турново завршуваат без победник.           
Изјави по натпреварот:

Драган Бочевски
(тренер на Пелистер)

            Честитки за моите фудбалери и за навивачите. Одигравме одличен меч против еден добар Хоризонт Турново. Имавме многу можности да го отвориме резултатот, па дури и со 1 или 2 фудбалери помалку. Вистинска штета што на крајот не се радувавме на трите бода. Но нема што да му замерам на моите фудбалери, покажаа витештво, а за публиката немам зборови. И кога останавме со човек, па и со два фудбалери помалку „Чкембарите„ беа со нас и до крајот издржавме, па дури и постигнавме гол за победа, кој судиите го поништија заради офсајсд.            
Али Ѓунеш
(тренер на Хоризонт Турново)

            Не сум задоволен од играта на мојата екипа. Дури откако противникот остана со еден и два фудбалери помалку, почнавме да играме. Мислам дека нерешениот резултат 0:0 е реален одраз на силите. Честитки за двете екипи за ангажманот, трчањето и за домашната публика за амбиентот. 

Нема коментара:

Постави коментар