Powered By Blogger

12. 8. 2013.

Љамчевски и Миленковски го „пробија гипсот„


СО ОДЛИЧНА ИГРА НА ИГРАЧИТЕ ОД КЛУПАТА, ПЕЛИСТЕР СЕ ВРАТИ СО ПОЛН ПЛЕН ОД ТЕТОВО
Прва фудбалска лига - 2 коло 

Ренова - Пелистер 1:2 (1:1)

Градски стадион во Тетово. Гледачи: 500
Главен судија: Александар Влахо
Асистенти: Игор Ширилов и Илија Недески (сите од Скопје)
Стрелци: Емини во 19 минута за Ренова, автогол на Ристов во 45 и Миленковски во 69 минута за Пелистер
Жолти картони: Садики, Нухиу (Ренова), Мојсов, Миленковски, Љамчевски (Пелистер)
Црвен картон: Жуниор (Пелистер) во 74 минута

Ренова:
Зендели, Незири, Мемеди, Муслуи, Ристов (од 78м. Идризи), Нухиу, Садики, Сали, Симовски (од 57м. Скендери), Фетаи (од 53м. Асани), Емини

Пелистер:
Пашовски, Китановски, Драгарски, М. Степановски, К. Степановски, Христов, Мојсов (од 64м. Љамчевски), Елмазовски, Демиќ (од 58м. Миленковски), Жуниор, Алтипармаковски (од 82м. Марковски)

Играч на натпреварот: Петар Љамчевски (Пелистер)

                Во веројатно најважниот натпревар во овој период од сезоната, фудбалерите на Пелистер ја совладаа Ренова на градскиот стадион во Тетово и го запоседнаа врвот на првенствената табела. А започнаа помалку збунето и во 6 минута по конфузијата во гостинскиот казнен простор, Китановски не расчисти најдобро и Фетаи со глава биеше за малку крај голот. Играта на контранапади беше лајтмотив на избраниците на Бочевски. Се играше 9 минута кога Жуниор побегна и го проигра Алтипармаковски. Овој му возврати со центаршут, а по ударот на бразилецот со глава Зендели од самата гол линија спаси сигурен гол. Но во 19 минути по една збркана акција на Ренова, топката стигна до Изир Емини кој распали од 25 метри и ефектно во горниот лев агол на Пашовски погоди за водство на Ренова. Пелистер доживеа шок, но стрпливо ја чекаше својата шанса. Посебно Жуниор беше незадржлив за „гипсарите„ Ги минуваше на секое парче на теренот. Кога во 35 минута мина двајца плаво-бели и излезе сам пред Зендели, стоперот Висар Муслиу грубо го сруши и главниот судија Влахо му покажа црвен картон. Зелените со играч повеќе ја превзедоа иницијативата и веднаш Жуниор на додавање на Демиќ изби сам пред домашниот голман, но биеше за малку крај дирекот. Кога се чинеше дека на одмор Ренова ќе отиде со водство, Елмазовски проби по десната страна и центрираше по земја, домашниот дефанзивец Ристов со лизгачки старт наместо да расчисти, ја погоди сопствената мрежа. Одеднаш Пелистер дојде во идеална позиција да брка три бода во вториот дел. Продолжението фудбалерите на Бочевски го почнаа офанзивно. Мојсов се обиде со удар од дистанца во 50 минута, а најзрелата шанса во овој период ја пропушти Алтипармаковски. Во 51 минута доби убава топка од Мојсов и изби очи в очи со Зендели, но биеше премлако по земја, па искусниот голман одбрани. Гостинската клупа повлече два потези кои го направија понатамошниот тек на средбата, како што посакуваат битолчани. Миленковски го замени Риад Демиќ, а Петар Љамчевски влезе во игра место Мојсов. Откако пелистерци лошо ја одиграа контрата, пет против два во 57 минута, се чинеше дека Ренова и со човек помалку воспостави рамнотежа. Сепак во 68 минута по една долга акција на зелените, Петар Љамчевски го проигра Миленковски, кој од прва со левата нога од левата страна на шеснаесетникот ја погоди мрежата на Ренова. Водство и голема психолошка предност за битолчани. Единствената закана на „гипсарите„ беше ударот на Ерсан Сали од тешка позиција од левата страна, но Пашовски беше буден, како и целиот натпревар. Сламка за спас на Ренова му даде неискусниот судија Константин Влахо. Тој во 74 минута го исклучи најдобриот на теренот Стенио Жуниор заради симулација (втор жолт картон), откако Фисник Нухиу очигледно го влечеше за уво. Во игра 10 против 10, Ренова ја превзеде иницијативата, но вистински шанса за израмнување немаше. Најблиску беше Емини во 87 минута, но неговиот слободен удар од мртов агол, Пашовски го одбрани. Минута подоцна во контранапад Марковски не беше најснаодлив, по додавањето на Љамчевски. И по четири минути надополнување, Пелистер оделеа и ја забележа втората победа во новото првенство.   

Нема коментара:

Постави коментар